Регион

Започна судењето на момчето кое нацрта срп и чекан на споменикот на Туѓман

Зграда на обвинителство во Загреб

Првото рочиште на судењето на Филип Драча, кој во јануари годинава на споменикот на поранешниот хрватски претседател, Фрањо Туѓман, нацрта срп и чекан, се одржа вчера пред Општинскиот кривичен суд во Загреб.

Општинското јавно обвинителство го товари Драча за оштетување на туѓ имот и побара да му се изрече казна затвор од десет месеци и условна казна од три години.

„Обвинителството тврди дека имало оштетување на туѓ имот и дека имало намера да се смени изгледот и да се оштети споменикот, но како што вели неговата (на Филип) адвокатка, Лина Будак, споменикот не бил оштетен – неговата вредност или употребливост не биле намалени“, стои во текстот објавен на хрватскиот портал radnickaprava.org.

При апсењето, Драча го призна делото, но кога судот го праша дали се чувствува виновен, тој одговори дека не се чувствува виновен за делото за кое е обвинет.

Во интервју за „Новости“, во јануари, Драча изјави: „Моите мотиви не се сериозни, јас провоцирам и исмевам. Ако некого сум навредил, негов проблем; нешто не е во ред со човекот кој Туѓман и неговата мала комична земја ги смета за свети“.

Контроверзниот споменик на Туѓман, висок четири метри, беше откриен минатиот декември, по повод 19-годишнината од смртта на првиот претседател на Хрватска.

Сепак, некои јавни личности, организации и политички партии, не се согласија со поставувањето на споменикот. Тие, за време на неговото свечено откривање, одржаа протест.

Туѓман беше претседател на Хрватска од 1990 до 1999 година. Тој ја предводеше новата независна држава низ продолжена војна со Југословенската народна армија (ЈНА) и со побунетите Срби од Хрватска, 1991-1995.

Но, критичарите тврдат дека војната за независност резултирала со злосторства над Србите и дека сегашните економски и социјални проблеми во Хрватска, се дел од наследството на Туѓман и на неговата партија, владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).

Хрватските активисти за човекови права, левичарские партии и невладини организации, во знак на поддршка на Драча, организираа протести во Загреб, и случајот го опишаа како „политички прогон“.

„Преку своето министерство, државата распиша потерница по дваесет и четиригодишно момче, кое на споменикот на грабежот при приватизацијата, уништената економија и воените злосторства во 1990-тите, нацрта симбол на работничката и на селската слога“, беше речено на еден од протестите.

Во јуни, приврзаниците на Драчa, започнаа со донаторска кампања, и собраа околу 20.000 куни (2.690 евра) во трошоци за неговата одбрана.