Вести

Зетот на струмичкиот градоначалник ја купи ТВ ВИС

Тазе отворена градежна фирма влезе и во медиумскиот бизнис

Една од најстарите локални телевизии во земјава, ВИС, која од 2013 година зрачи како регионален медиум на југоистокот од земјава, од пред една недела има нов сопственик.

Централниот регистар ја впиша струмичката градежна фирма „Синерџи Груп Инженеринг ДОО“, основана лани, како сопственик на телевизијата.

А сопственици на фирмата, која, од сега веќе претходниот сопственик Јанко Мицев, ја купи телевизијата се Васко Јорданов и Никола Милушев.

Никола Милушев е зет за сестра на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов.

„Синерџи Груп Инженеринг ДОО“ е косопственик на уште две други нови фирми што влегле во бизнисот со струја „Еко солар енерџи“ и „Солар груп енерџи“.

Покрај уделот во Синерџи груп, Милушев има удел и во уште една градежна компанија „Елит билдинг“ основана минатата година, а косопственик со Јорданов е и на автошколата „Сити старт“, исто така регистрирана во 2022 година.

Таткото на Милушев работи во Општина Струмица.

Моментално, ТВ ВИС, како регионална телевизија, емитува програма за околу 200 илјади гледачи на територијата на општините Струмица, Босилово, Василево, Ново Село и Радовиш.

Според Анализата на пазарот на радиодифузна дејност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, телевизијата лани имала приход од 5,2 милиони денари, што е помалку од 2021 година, кога имале 8,7 милиони денари.

Лани ВИС била трета најгледана регионална телевизија според анкетата што ја објави АВМУ. Просечниот број на вработени е 8.

Телевизијата е основана во 1991 година. Две години по основањето на ВИС во Струмица се отворија и други телевизии, како локалната телевизија Интел, која беше отворена две години по ВИС, а згасна во 2017 година и години потоа ѝ беше единствен „конкурент“ на локалниот пазар. Во Струмица се отворија и затворија уште три други телевизии: Јул, РТВ Струмица и Телеканал А1.

Мотото на регионалната телевизија е „во ВИС е вистината“. Продуцираат вести и сопствени емисии од разни теми.

ВИС, досега редовно добивала пари за огласи од Општина Струмица.

Медиумот е член на Советот за етика во медиумите и на професионалниот регистар на онлајн-медиуми.