Продолжува да се гради спорната 17-катница наречена „Рубик тауер“ близу Воената болница во Скопје, иако дел од надлежните и активистите се убедени дека пред повеќе од три месеци се создадоа нови услови поради кои треба да сопрат багерите и да стивнат дупчалките.
Конзерваторскиот центар го поништи своето првично позитивно решение врз кое се базира градежната дозвола, а минатата недела објави ново и негативно мислење.
Меѓутоа, Општина Карпош не ја сопира градбата, главниот инвеститор и понатаму работи врз темелите на зградата што наликува на рубикова коцка и се оглушува на новинарските прашања.
Конзерваторскиот центар се грижи за соодветна заштита на објектите од културно значење и неговиот збор „тежи“ зашто во близина на градилиштето се наоѓа објектот на Воената болница, кој има статус на споменик.
Под притисок на јавноста и по барање на Министерството за култура, Конзерваторскиот центар во февруари го поништи првичното позитивно решение, со образложение дека е незаконско.
Центарот, во изјава за БИРН, го објаснува актуелниот развој на настаните.
„Невозможно е за предложениот објект да се издаде позитивно конзерваторско мислење“, категорични се оттаму.
Конзерваторскиот центар сега предупредува дека присуството на висококатницата „Рубик тауер“ ќе ги намали културно-историските вредности на објектот Воена болница, зашто тој објект претставува зграда на модерната, архитектонски правец од минатиот век. Оттаму велат дека со впишувањето на градежната парцела не се почитувани границите на Споменикот – Воена болница и неговата контактна зона.
„Со предложениот габарит се нарушуваат визурите на Споменикот – Воена болница“, велат од центарот.
За граѓаните од околината, загрижувачки е тоа што ќе добијат меѓу 1.000 и 2.000 нови соседи, кои со себе ќе довезат околу 500 автомобили, колку што има паркинг-места во новиот објект, чие секојдневно присуство би влијаело врз квалитетот на животот во конкретното маало.
Се чека судската улога и ударнички се работи
Во меѓувреме стигнуваат апели за поништување на градежната дозвола или за мораториум на градбата.
Логиката на конзерваторскиот центар е – ако нивното мислење е еден од условите општината да издаде одобрение за градење, поништувањето на тоа решение и новото негативно решение треба да резултираат со поништување на дозволата за градба.
„За жал, оваа фактичка состојба се игнорира од страна на Општина Карпош и на парцелата и понатаму се гради“, велат оттаму за БИРН.
Советничката во Општина Карпош, Невена Георгиевска, која е поранешна активистка и дел од Независни за Карпош, нема сомнеж дека мора да се престане со градбата.
Контроверзии околу Конзерваторскиот центар
Поранешниот директор на Конзерваторскиот центар, Константин Димитровски, кој лани го потпиша првичното позитивно решение е човек за кого се води истрага во друг случај и чија улога во објектот „Рубик тауер“ беше оспорувана од аспект на конфликт на интерес, бидејќи паралелно бил и член на комисијата за урбанизам во Општина Карпош.
„Требаше да има некој мораториум со цел помали финансиски загуби. Иако тоа би биле финансиски загуби на инвеститорот, од искуството што го имаме со нашето судство, излегува дека приватниот капитал е над јавниот и државниот, па на крај целиот трошок, сигурно и зголемен, ќе го платат граѓаните“, предупредува Георгиевска.
Инвеститорите на објектот веќе се во контраофанзива.
Тие го тужат Конзерваторскиот центар на Управен суд, а Општина Карпош го чека исходот од судската постапка и не презема ништо.
„Со добивање на негативното мислење, не сметаме дека треба да се поништи одобрението за градење, од причина што веќе на ден 8.11.2023 година, оваа Установа веќе издала позитивно мислење, на кое ниту Конзерваторскиот центар, ниту Министерството за култура, ниту кој било друг субјект немал забелешка, за по три месеци од издавањето на позитивното мислење да ѝ текне на самата установа да го поништи своето мислење, и тоа не од суштински аспект, само од формален, за кое, всушност, се води постапка пред Управниот суд“, објаснуваат од локалната самоуправа.
Конзерваторскиот центар ја потврди судската постапка, информирајќи дека таа сè уште е во тек. Оттаму коментираат дека инвеститорите ги користат сите правни средства, објектот да се изгради по секоја цена и, како што велат, секојдневно се создаваат финансиски обврски.
„За тоа исклучиво е одговорна Општина Карпош со своето незаконско постапување“, велат од оваа институција.
Во меѓувреме нема глас од инвеститорот, познатиот скопски градежник Фатмир Етеми. Етеми не e достапен за коментар, бил во странство – ни кажаа од неговата компанија ЗСФ-КОМ. Тој не одговори на прашањата што му ги пративме по имејл.
Инвеститорот со мали букви
На огласната табла пред градилиштето близу Воена болница, како што налагаат прописите, напишано е името на инвеститорот – фирмата ЗСФ-КОМ, во сопственост на Фатмир Етеми.
Етеми беше инвеститорот на зградата во скопски Аеродром близу Мајчин дом, за која имаше отпор од мештаните. Тој ја купи и парцелата на која има маркичка за објект спроти зградата на поранешна Нова Македонија, потег околу кој, исто така, се крена многу прав.
Со ситни букви под името на неговата фирма, на огласната табла стои називот на една друга компанија, која, исто така, се води како инвеститор – фирмата „Делта 2015 констракшн“.
Нејзиниот влог во бизнис-потфатот наречен „Рубик тауер“ е земјиштето.
Единствен сопственик на фирмата „Делта 2015 констракшн“, а со тоа и на парцелата од 3.500 квадрати, според Централниот регистар, е 59-годишниот кардиолог од „Систина“, Александар Николиќ.
Проблем за болниците
Зградата што треба да има 419 стана беше оспорувана и зашто може да им пречи на хеликоптерите, кои би слетувале за потребите на здравствените установи во околината. На тоа предупредуваат и од Конзерваторскиот центар.
Покрај градската болница „8 Септември“, како што сега се вика Воена болница, во близина се наоѓа приватната болница „Жан Митрев“, поликлиниката „Букурешт“ и централата на Брза помош.
Според документите од Централниот регистар, тој го купил земјиштето лани во ноември, за 3,5 милиони евра од „Орка холдинг“ на бизнисменот Орце Камчев.
Николиќ, пак, во изјава за БИРН, вели дека тој се откажал од проектот и сега е во фаза на продажба на земјиштето.
„Сакав да инвестирам со некои пријатели, меѓутоа таа идеја пропадна.“
Тој не кажува кој ќе биде новиот сопственик на парцелата, само потенцира дека станува збор за „странци“.
Историјата на конкретната градежна парцела детално ги бележи бизнис-интересите што политичките елити, без разлика која од нив е на власт, ги тераа и ги тераат во последнава деценија.
Градежната маркичка е оформена во 2013 година, а од тој период до сега, парцелата сменила повеќе познати сопственици.
Вкупно 3.500-те квадрати беа во рацете на фирми блиски до главните актери од корупцискиот скандал „Империја“. Како сопственици на парцелата, покрај фирмата на бизнисменот Орце Камчев, се јавувала и семејната компанија на поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.
Во структурите на фирмата зад парцелата, во еден момент, во време кога власта веќе ја презема СДСМ, се појави и Стојан Чифлигароски, човек што самиот се претставуваше како близок до семејството на Заеви. Чифлигароски, во моментов, е во бегство, бидејќи е осомничен во случајот со даночно затајување наречен „Синџир“.
Амбиции да гради на таа парцела имаше и поранешниот градежен инспектор од редовите на СДСМ, кој подоцна самиот стана инвеститор во градежниот бизнис, Кочо Стојчески.
Неделава, кога ја посетивме локацијата зад лимената ограда, работеа багерите, дупчалките и крановите. Камиони постојано влегуваа и излегуваа од заградениот простор.
„Одмораме само во недела“, ни рече еден од градежните работници.
Овој текст е изработен како дел од „Едногодишната БИРН обука за истражувачкo новинарство” наменета за млади новинари и за студенти, 2023-24 година