Вилма Русковска од вчера е скопски јавен обвинител, а новоизбраниот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал, Ислам Абази, почна да работи со полна пареа.
Прес-службата на Обвинителството, вчера веќе објави фотографии од Абази, од првата негова средба. Гостн му беше албанскиот амбасадор во земјава. На сликите може да се види дека во неговата канцеларија ги нема ѕидните фотографии и сертификатите на Русковска. На тоа место сега стои календар.
Но, заклучокот дека Абази сериозно ја сфатил работата е што ден откако ја даде свечената заклетва минатата среда, веќе во четвртокот, ден пред да стигне „катиљ-ферманот“ од Скопското кале за „збунувачкиот избор“ за шеф на Обвинителството, веднаш ги собрал обвинителите и службите за да ги запознае.
До Нова година само ќе скенира што се работело во Обвинителството.
А таму го чекаат неколку жешки предмети, кои пред него треба да ги реферираат обвинителите: тoa се предметите што ги почна неговата претходничка: за директорот на Финансиската полиција и за станицата за технички преглед на автобусот на „Беса транс“.
На маса се и стечајот на Еуростандард банка и проблематичната конфискација на „Трансмет“, како и заглавените истраги на СЈО.
Се полни папката за случајот – Финансиска полиција
На една од папките во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција стои број РО 155/22.
Уписникот под кој е заведен предметот се води под името „разно“, a зад бројот се крие предметот кој медиумите го нарекоа „претрес во Финансиската полиција“.
По суспензијата на обвинителката што го почна и го обработуваше, Вилма Русковска, втор месец предистрагата ја води обвинителката Лиле Стефанова.
Таа, на почетокот во папката можела да најде само три документи: анонимната кривична пријава за директорот на Финансиската полиција, податоци од хост-системот на МВР што се користи за обработка на податоци за криминалитет и барањето за претрес што предвреме ѝ го скрати мандатот на Русковска.
Но, од септември, папката е пообемна. Во неа се пријавите што ги бараше обвинителката, а Финансиската полиција ѝ ги даваше „на лажиче“.
Oвој предмет, во кој од јули годинава се испитува противзаконско влијание, е еден од двата јавно експонирани случаи, заедно со испитувањето на одговорноста за техничкиот преглед на автобусот „Беса транс“, поточно на станицата „Виа комерц“, кој го работи обвинителката Катерина Коларевиќ.
Суспензијата на Русковска очигледно ги забави предистрагите, но високо го подигна интересот на јавноста за нив.
Во моментов, тие се најжешкиот костен во Обвинителството, со кое од минатата недела раководи новоизбраниот шеф Ислам Абази бидејќи се однесуваат на поранешен и актуелен функционер од власта.
Освен овие два понови предмети, кои долго ги полнеа телевизиските прилози и агрегаторите за вести, во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, сè уште без јавнообвинителска одлука се постарите случаи поврзани со неможноста за конфискација на имотот во предметот на СЈО, „Трансмет“.
Во тој предмет, за кој поранешниот државен правобранител Фехми Стафа доставуваше известувања, а на крајот и кривична пријава до Обвинителството, пријавен е и колегата на Абази, обвинителот Артан Ајро и поранешниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми.
Уште порано, во февруари годинава, Обвинителството отвори истрага за стечајот на Еуростандард банка, за кривичните дела предизвикување стечај на банка и перење пари. Сомнежот е дека осомничените ја затскриле реалната способност на клиентите на банката за подмирување на обврските, што резултирало со огромни кредитни загуби и „фрлање“ на банката во стечај.
Предметите на СЈО со два прста прашина
И додека јавноста се интересира за овие понови предмети, во фиоките на Обвинителството има многу други случаи во кои под истрага не се функционери, туку криумчари, тргувачи со луѓе, полицајци.
А тука се и постарите случаи од СЈО, кои уште немаат завршница.
Така, на пример, обвинителката Елизабета Јосифовска, во април отвори истрага за управителот на „Бауер БГ“ и за уште три лица бидејќи во изработката на фасадата на Владата не биле користени материјалите што биле договорени, а фирмата добитник на тендерот, преку градежната компанија, купувала имот и потоа го препродавала на политичка партија.
Тоа е и единствениот предмет од гломазниот проект „Скопје 2014“, за кој неколкумина обвинители од СЈО водеа истрага.
Најголемиот дел од истрагата за „Скопје 2014“, кој е поврзан со спомениците, уште не е ниту во фаза на истрага. Според информациите на БИРН, причината е тоа што обвинителите што работеле на предметот уште додека беше живо СЈО, не можеле да се договорат за квалификацијата на делото.
Од оставштината на згаснатото СЈО, бројчиња во Обвинителството за организиран криминал имаат и предметите со милионски отштети: „Актор“ за изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица и „Подарок“ за спогодбата за регулирање на рускиот долг од некогашниот СССР во делот за Македонија. Нив ги води шефот на Скопското обвинителство, Гаврил Бубевски.
И во двата случаи, според наодите на СЈО, вкупната штета е од околу 60 милиони евра. Но, и во двата проблемите се исти – немаат одговор и помош од Руската Федерација и од Грција, кои се неопходни за истрагата да продолжи.
А настаните за кои се водат истрагите веќе се историја. Се случиле во 2014.
Новиот шеф на Обвинителството, Абази би требало да се позанимава и што се случува со предметот „Пропаганда“ за поткуп и купување на медиумите со милионски износи.
Во овој „круг“ е и предметот од 2018 година, „Империја“, за кој уште нема обвинение за другите што не признаа вина. Меѓу нив се бизнисменот Цветан Панделески и другите осомничени, за кои не е исклучена можноста да има уште спогодби.
СЈО зад себе остави 171 предмет. Меѓу нив се и 38 финансиски истраги, кои завршиле во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Нема информации што се случува со нив.
До Нова година Абази ќе ги скенира состојбите
Две недели откако првпат се појави во јавноста, најголемиот дел од прашањата за Ислам Абази сè уште се политички, а многу мал дел се професионални.
За тоа доволно говори и фактот што веста за големата меѓународна акција против инвестициска измама со криптовалути, во која, заедно со други европски држави е и Македонија, се најде на дното од интересот на јавноста за сметка на политичките сенки во изборот на Абази.
Но, и покрај сомнежите за политичка пристрасност и невообичаено острите тонови за изборот од американската амбасадорка Анџела Агелер, Абази минатата недела, поточно во четвртокот, според информациите на БИРН, разговарал со обвинителите и службите на кои им е надреден.
Наследникот на Русковска, како што и самиот соопшти, претстојниот период, односно до Нова година, нема да прави темелни промени, туку планира да ја скенира состојбата.
А додека да почне со промени, на адреса на Организиран, минатата недела стигна нова кривична пријава од МВР. Полицијата го пријави поранешниот директор на Советот за унапредување на ревизијата, Ване Цветанов, со наводи дека го оштетил буџетот за околу 76 илјади евра.