Анализи

Случај „Пропаганда“: истрагата сѐ уште е во тек

Три години по отворањето, бавно се разврзува истрагата за милионски поткуп на медиуми

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Пред три години, на 10 октомври, на сегашната „упокоена“ веб-страница на СЈО осамна информација дека отвориле шест нови истраги, во кои се осомничени десетици функционери, директори и бизнисмени.

За некои од шесте истраги, како на пример „Дизајн“, за набавка на кинеските автобуси, веќе има обвинение, па четворица обвинети се очекува да седнат на обвинителна клупа.

Други, пак, како „Пациент“, за некои осомничени, како министерот Бујар Османи, се затворени.

Ама има и трети истраги, како на пример, „Пропаганда“, која е единствената отворена истрага што се однесува на поткуп и купување на медиумите со милионски износи, што сѐ уште е во статус кво позиција.

Oбвинителството, како што тоа е традиционално кај нас, по падот на СЈО, за овој случај е „скржаво на зборови“.

Oд неодредените одговори што БИРН ги доби оттаму се стекнува впечаток дека предметот како да „левитира“, а за тоа се наведени неколку причини.

Осомничени за тргување со медиумско влијание

Обвинителството се сомнева дека осомничените направиле штета од околу 30 милиони евра | Фото: Pexels

Истрагата што ја отвори СЈО во октомври 2018 е фокусирана на два дела.

Првиот дел го опфаќа давањето пари од буџетот, со што, според Обвинителството, се влијаело врз јавното мислење, и, како што пишуваше во соопштението, со тоа се обезбедувал „контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање, а во насока на поддршка на дејствувањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“.

Вториот, пак, го опфаќа купувањето шест локални телевизии и едно радио, за, како што првично информира Обвинителството, да се влијае врз независноста на радиодифузерите.

Целта била да доминираат идеите и активностите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

За финансирање на овие медиуми, според истрагата, биле искористени буџетски средства и на индиректен начин, така што фирми што добивале тендери од државни органи учествувале во финансирање на „купените“ медиуми.

Првично утврдената штета, според Обвинителството, е околу 30 милиони евра, а периодот во кој биле исплаќани парите е од 2010 до 2015 година.

Осомничените се товарат за две дела: злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување.

Падот на СЈО, пандемијата и условите за работа како пречка

Обвинителката Ленче Ристоска која го работи случајот | Фото-архива: БИРН

Клучот на СЈО, пандемијата и условите во кои работи обвинителката. Ова се трите клучни причини што Обвинителството ги наведува како причина поради која три години по отворањето на случајот, досега нема ни навестување од јавнообвинителска одлука.

Она што е јасно е дека, иако предметот носи обвинителско бројче од Обвинителството за гонење организиран криминал, материјалите, доказите, па и самата обвинителка Ленче Ристоска што го отвори случајот, уште се на друга локација, во зградата на Рузвелтова, каде што беше СЈО.

БИРН го праша Обвинителството што се случува со предметот. Оттаму одговорија дека во истрагата уште собираат „дополнителни докази“.

Освен за првично осомничените, истрагата засега не е проширена, но не ја исклучуваат ниту „можноста за нејзино проширување“.

Прашавме и колку сведоци досега се сослушани, имајќи предвид дека самото Обвинителство ја нарекува истрагата „исклучително сложен предмет“, „што опфаќа повеќе осомничени лица, како и повеќе кривични дела“.

Одговорот беше неодреден –  „во својство на сведоци се сослушани повеќе лица“.

Досега осомничените не дале исказ пред обвинителката. Очекуваат тоа да се случи во следниот период.

Обвинителството во едно е сигурно – предметот нема да пропадне поради новиот Закон за јавно обвинителство, кој де факто забрани бомбите да бидат докази во кривичните постапки за сите предмети што се отворени по рокот што го имаше СЈО за поднесување на обвиненијата.

Обезбедени биле „материјални и други докази“.

„Нема потреба во понатамошната постапка да се користат разговорите“, велат оттаму.

Но, засега нема дециден одговор кога би ја завршиле истрагата што ја почна СЈО.

Одолжувањето на истрагите и пробивањето на роковите за истраги на законскиот максимум од 18 месеци беше искритикувано во Извештајот за состојбата на човековите права на американскиот Стејт департмент за Северна Македонија.

Еден осомничен станал соработник на правдата

Осомничени се и актуелни носители на јавни функции | Фото-архива: БИРН

Еден од шестмесечните извештаи на згаснатото СЈО oткри дека првично во случајот биле деветмина осомничени. Но, еден од нив, уште во 2019 година одлучил да раскаже што се случило, за него била запрена постапката, па останале осуммина.

Засега нејасно е за кого станува збор, иако во пракса, досега соработници со правдата станувале осомничените од „пониските ешалони“.

Она што е познато од досегашните информации е дека освен експремиерот Никола Груевски, осомничени во оваа истрага се и екс генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, двајца директори на МРТВ, генералниот, Марјан Цветковски, и програмскиот, Захарија Вулгаракис.

Тука се и поранешниот сопственик на порталот Курир, Александар Мисајловски и сегашниот газда на медиумот, Саше Стојановски.

Обвинителски „исход“ oсвен јавноста, чекаат и Владислав Стајковиќ, првиот човек на контроверзната НВСП, Емил Парнаџиски, кој поседуваше два локални медиуми и Елена Колишевска.