Анализи

Живнаа партиските сметки во втората половина од изборната кампања

Вторите 10 дена од кампањата со „поразиграни“ извештаи за донации

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Постизборната плима полека се повлекува, но партиите и кандидатите на големо подготвуваат терен за „втората рунда“ изборен мегдан.

Во меѓувреме, ревизорите и антикорупционерите ги читаат извештаите што ги добија од учесниците на изборите за примени донации од 11-от ден до завршувањето на кампањата.

Ако првата половина од кампањата генерално помина со впечатокот дека на партиите им снемуваат кампањски донатори, во втората половина, сликата е поинаква.

Сега парламентарните партии пријавиле повеќе приходи, во кои има „повеќе нули“ во извештаите.

Донаторска „јагма“ за СДСМ на ден пред изборниот молк

46 луѓе на денот пред избрниот молк го „одврзале ќесето“ за СДСМ | Фото: БИРН

Додека последните телевизиски спотови и дебати на телевизиите забревтано ги „одбројуваа“ секундите до изборниот молк, во петокот на 15 октомври, 46 луѓе одлучиле да го почестат владејачкиот СДСМ со донација.

Главна медицинска сестра, менаџер на скопски ресторан, полициски службеник, директор на здравствен дом… Ова се само некои од профилите на 60 донатори, кои дале пари за кампањата на СДСМ.

Уплаќачите, овојпат, за разлика од првите десет дена од кампањата, кога само двајца одлучиле да донираат, имале „подарежлива рака“.

На наменската изборна сметка донирале над 78 илјади евра.

Најмалиот уплатен износ е 20 илјади денари, а има и такви што надминуваат неколку просечни македонски плати. Па така, истиот ден, 15 октомври, ги има и највисоките уплати.

Елена Георгиевска одлучила да ја поддржи кампањата со 180 илјади денари. Највисоката уплата, сепак, доаѓа од кандидатот за градоначалник за Охрид – Константин Георгиески, 185 илјади денари.

Но, не донирале само физички лица. Има и по некоја фирма.

Поточно три фирми, меѓу кои и фирма за трговија со храна, пијалаци и тутун од селото Копачин Дол, Желино, која на посебната изборна сметка на социјалдемократите уплатила 10.000 евра.

Богатите и промислени донатори на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ повеќе пари „дотурила“ од партиската сметка | Фото: БИРН

За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ нема донатори на кампањската сметка во втората половина од кампањата, ама префрлале пари од донаторите што уплаќале на партиската сметка. Над 143 илјади евра.

Донаторите очигледно се добро упатени дека на изборната сметка не можат да уплаќаат поголеми износи од 3.000 евра, па затоа парите ги пуштаат на основната сметка на партијата каде што нема такви лимити.

Но, тоа партијата знае да го менаџира.

Па така, „легнала“ уплата на 8 октомври од 9,5 илјади евра на сметката на ВМРО-ДПМНЕ. Шест дена подоцна, партијата од нив си префрлила илјада евра на наменската сметка за изборите.

Освен од „старите“ донатори, си префрлиле и 181 илјада евра од партиската на наменската сметка за изборите. Напишале дека неискористени буџетски пари што им лежат на сметка се над 500 илјади евра.

Кандидатката што партијата ја поддржа за Град Скопје, Данела Арсовска, пак, во вторите 10 дена од кампањата собрала многу помалку за разлика од почетокот на кампањата.

Ако тогаш доби 132 илјади евра од 45 луѓе и три фирми, сега има и помалку донатори и помалку пари. Собрала „само“ 18 илјади евра од 17 донатори и една фирма.

На некои донатори очигледно им било малку тоа што во првите десет дена донирале по 50 илјади денари, па тоа го направиле уште еднаш во вторите десет дена од кампањата, кога, исто така, уплатиле 50 илјади денари.

ДУИ – најскромни

Ниту донатори, ниту префрлени пари кај интегративците на Ахмети | Фото-архива: БИРН (2019)

Интегративците на Али Ахмети, судејќи по извештајот што го доставиле до ДЗР и до ДКСК, биле уште поскромни од првата половина од кампањата.

Судејќи по изборниот резултат во првиот круг, ДУИ кампањата во втората половина ја поминале и без донации и без префрлени пари од партиската сметка.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев донирал цела една парламентарна плата на посебната изборна сметка – 60.000 денари. Со уште двајца други донатори – вкупно дале над 1.600 евра. Повлекле над 8 илјади евра од партиската сметка.

Алијанса за Албанците и Алтернатива добиле 2 илјади евра само од двајца донатори, но затоа си префрлиле од донациите што ги имале на партиската сметка, и тоа 38 илјади евра.

Слично е и кај Беса. Немаат кампањски донатори, но префрлиле од донаторите на партиската сметка, и тоа над 53 илјади евра.

ДПА добила „симболични“ 1.500 евра од тројца донатори.

Ревизорите и антикорупционерите ќе добијат уште два отчети до крајот на изборниот циклус: извештаите со спецификација на трошоци и вкупните извештаи.