Регион

Ѕид од молк околу убијците на браќата Битиќи

Пишува: Марија Ристиќ – Белград

Ваџид Минуси, Ром од Косово, се надевал дека 26 јуни 1999 година, ќе биде денот кога насилството во неговата земја конечно ќе заврши.

Тој, на овој ден, ги замолил своите соседи во Призрен, Илија, Агрон и Мехмет Битиќи, него и неговото семејство, да ги однесат со автомобил во Србија, каде што имал роднини, за да се заштитат од немирите, кои продолжиле и по завршувањето на војната во Косово.

Погреб на браќата Битиќи. Фото: архива на Фонет.

Погреб на браќата Битиќи. Фото: архива на Фонет.

Браќата Битиќи, американски државјани со албанско потекло, кои допатувале во Косово за да ја поддржат борбата на Ослободителната војска на Косово (ОВК) против српските сили, се согласиле да ги префрлат до границата со Србија, затоа што сѐ уште не било безбедно цивилите слободно да се движат.

„Случајно ја поминавме границата и некои луѓе, мислам дека беше полицајци, нѐ запреа“, рече Минуси пред Вишиот суд во Белград 2007 година.

Тогаш Минуси последен пат ги видел своите соседи Американци.

Телата на браќата Битиќи се пронајдени три години подоцна во масовна гробница, околу 400 километри од границата, во полицискиот центар за обука во Петрово село. Тие се убиени на 9 јули 1999 година. Оваа недела се навршуваат 17 години од нивното убиство.

Во еден извештај на истражителите, до кој што дојде БИРН, сведокот го обвинува поранешниот началник на Ресорот за јавна безбедност при МВР Србија, Властимир Ѓорѓевиќ, и командантот на центарот за обука во Петрово село, Горан Радосављевиќ Гури, дека дале наредба за извршување на убиствата, иако и двајцата го негираат тоа.

Сѐ уште никој не е процесиран за овие убиства.

Пред судот во Србија, за убиствата на браќата им се судеше на двајца поранешни полицајци, но, во 2013 година, судењето заврши со ослободителна пресуда.

Во меѓувреме, српските обвинители и владата, му ветија на семејството на убиените браќа, но и на американската влада, дека ќе ги најдат лицата кои ги убиле Илија, Агрон и Мехмет Битиќи и оние кои што ги наредиле убиствата.

И покрај овие ветувањата, 17 години по нивната смрт, српските власти не успеаја да обезбедат сведоци кои ќе проговорат, главно затоа што тие кои учествувале во овој случај, биле или и понатаму се, многу моќни луѓе во полицијата или во службата за безбедност.

На оние кои решиле да проговорат, или им се упатени закани или се замолчени, а многу сведоци ги сменија своите искази.

Надежта на српското обвинителство сега е во двајца потенцијални сведоци, обајцата поранешни високи функционери кои отслужуваат затворски казни за воени злосторства и политички убиства.

Еден од нив е Ѓорѓевиќ, поранешен началник на Ресорот за јавна безбедност, кој што е осуден на 18 години затвор поради воени злосторства.

Другиот е Милорад Улемек Легија, поранешен командант на Единицата за специјални операции на МВР, кој е осуден на 40 години затвор поради разни политички убиства, вклучувајќи го и убиството на поранешниот претседател на Србија, Иван Стамболиќ и на премиерот Зоран Ѓинѓиќ.

Извор од истражниот тим за БИРН изјави дека обајцата се прелиминарно сослушани, но дека допрва треба да бидат постигнати конечни договори во врска со нивните сведочења.

Овој наш извор нагласува дека, кај другите сведоци, наишле на ѕид од молк и дека обвинителите ќе можат да покренат ново обвинение само доколку лица на високи позиции, како што се Ѓорѓевиќ или Улемек, се согласат да сведочат.

Приказна околу која сите се согласуваат

Милорад Улемек за време на судењето. Фото: Бета

Милорад Улемек за време на судењето. Фото: Бета

И Ѓорѓевиќ и Улемек, во 2008 година, сведочеа на судењето на поранешните полицајци, но не дадоа никакви информации за овој случај и негираа вмешаност во него.

Меѓутоа, други сведоци, кои сведочеа на судењето, ги поврзаа и двајцата со настаните кои се случиле во јули 1999 година, во полицискиот центар за обука во Петрово село.

Поголемиот дел од сведоците на судењето беа или припадници на Единицата за специјални операции (ЕСО) или на Посебната единица на полицијата (ПЕП), и двете познати по својата бруталност, особено во текот на војната во Косово. Припадници на двете единици се осудени за убиства и за воени злосторства.

Во јули 1999 година, веднаш по потпишувањето на косовскиот мировен договор, шестмина команданти од ЕСО, држеле разни обуки за припадниците на специјалната полиција во Петрово Село.

Еден од инструкторите бил Сретен Поповиќ. Поповиќ и неговиот подреден, Милош Стојановиќ, се двајцата полицајци кои, во 2013 година, се ослободени од обвинението за вмешаност во убиството на браќата Битиќи.

Браќата биле уапсени на 26 јуни 1999 година, на граничниот премин Мердаре, затоа што немале потребни српски документи. Тие биле префрлени во затворот во Прокупље, каде што требало да останат 15 дена, но пуштени се порано, поради добро владеење.

На осми јули, кога биле пуштени, по нив дошле два автомобила. Судските документи покажуваат дека автомобилите им припаѓале на полицајци од Петрово село, но идентитетот на возачите не е утврден.

Поповиќ и Стојановиќ признаваат дека се одговорни за префрлање на браќата Битиќи од затворот во Прокупље, во центарот за обука во Петрово село, но тврдат дека не се одговорни за нивната смрт.

Браќата биле притворени во магацин во полицискиот центар за обука, каде што останале до 9 јули, навечер.

Нивните тела се пронајдени во 2001 година, во масовна гробница, на околу 500 метри од магацинот, заедно со останките на уште 50 косовски Албанци.

Телата на браќата биле најгоре и според експерти по судска медицина, кои сведочеа на судењето на Поповиќ и Стојановиќ, положбите на нивните тела покажуваат дека рацете им биле врзани и дека им е пукано во грб, веднаш пред јамата.

Мистериозни полицајци

Горан Радосављевиќ со припадници на специјалните полициски сили во Косово. Фото: Суд на Шведска

Горан Радосављевиќ со припадници на специјалните полициски сили во Косово. Фото: Суд на Шведска

Сретен Поповиќ, на 7 јули 1999 година, веќе бил во центарот за обука во Петрово цело, спремајќи се за нова група полицајци која требала да пристигне, кога добил телефонски повик. Според неговите зборови, на другата страна од линијата бил началникот на Ресорот на јавната безбедност, Властимир Ѓорѓевиќ, кој се јавувал од Белград.

„Ме праша дали е таму Горан Радосављевиќ (командантот на центарот за обука во Петрово село). Му реков дека е на одмор и дека јас сум тука“, рече Поповиќ пред судот.

Додаде дека Ѓорѓевиќ му рекол: „Гледај, Поп, најди тројца кои ќе одат утре во Прокупље, за да бидеме сигурни оти едни луѓе ќе бидат префрлени кај тебе во Петрово Село, каде што ќе ги држиш сѐ додека други колеги не дојдат да ги земат“.

Според Поповиќ, сѐ одело според планот и полицајците, според договореното, ги донеле тројцата браќа.

Тогаш, на 8 јули 1999 година, Ѓорѓевиќ повторно се јавил и рекол: „Дали можеби се јавуваше Гури (Горан Радосављевиќ)?“. Поповиќ одговорил „не“, а Ѓорѓевиќ додал: „Гледај, некои луѓе ќе дојдат утре да ги земат (браќата)“.

Следниот ден, денот кога се случило убиството, помеѓу 22.00 часот и полноќ, стражарите во центарот го повикале Поповиќ, затоа што некој го барал на капијата.

„Видов три лица… Ми рекоа дека се полицајци од Белград и дека дошле да земат тројца луѓе“, рече Поповиќ пред судот.

Видел кога браќата биле однесени и кога автомобилот тргнал во правец кон Белград, но истакна дека за убиствата слушнал две години подоцна, на ТВ.

Оваа приказна ја потврдија Ѓорѓевиќ, Радосављевиќ и второобвинетиот Милош Стојановиќ, како и најмалку 10 поранешни припадници на ЕСО и ПЕП, кои се појавија како сведоци.

Некои од нив изјавија дека не знаеле оти браќата се притворени во центарот за обука, но затоа пак сите слушнале дека браќата ги однеле некои полицајци, иако никој не знае кои биле тие.

Кој ги однел браќата?

Патот кон центарот за обука во Петрово село. Фото: БИРН

Патот кон центарот за обука во Петрово село. Фото: БИРН

Веќе 17 години, српските обвинители се обидуваат да дознаат кој ги земал браќата од капијата на центарот, ако воопшто некој ги зел.

Она што обвинителите ги мачи уште од самиот почеток, е тоа што нема документација од која ќе се види кој вечерта го посетил центарот.

Стражарите имаат обврска да водат евиденција за сите влегувања и излегувања од центарот, а командантите да водат евиденција за нивните активности.

Меѓутоа, иако командантите во Петрово село запишале каква храна нарачале и колку потрошиле, тие не го евидентирале доаѓањето на браќата и нивното подоцнежно примопредавање.

Единствениот кој може да знае кој ги однесе браќата, не е веќе жив, изјави Ѓорѓевиќ.

Во својата изјава, дадена пред судот во Белград во 2009 година, Ѓорѓевиќ вели дека целата операција ја наредил министерот на МВР, Влајко Стојиљковиќ, кој што се самоуби пред Парламентот на Република Србија во 2002 година.

Ѓорѓевиќ изјави дека браќата од центарот биле одведени од лица, кои само Стојиљковиќ ги знае. Тој, исто така, не знае зошто нема документирани траги во врска со тоа.

Другите сведоци, полицајци, кои изјавија дека ги виделе лицата што ги одвеле браќата, не можеа да ги опишат, тврдејќи дека било премногу мрачно за да им ги забележат лицата.

Оружје кое е користено во убиствата

Освен изостанокот во евиденцијата за доаѓањето на браќата Битиќи, иследниците со кои БИРН разговараше, велат дека ним им е најтешко да поверуваат во тоа дека браќата Битиќи можеле да бидат убиени толку блиску до центарот, а никој ништо да не слушне, и да не примети.

Масовни гробници во Петрово село

Во 2001 година, во полицискиот тренинг центар во Петрово Село, се пронајдени две масовни гробници со околу 80 посмртни останки на косовски Албанци и на браќата Битиќи.

Судот на ООН во Хаг, осуди за одговорност неколку српски функционери, вклучувајќи го и поранешниот началник на Ресорот на јавната безбедност на МВР Србија, Властимир Ѓорѓевиќ, но, пред српските судови досега не е подигнато ниедно обвинение за преместување на телата на жртвите од Косово, во обид за прикривање на операцијата.

Поранешниот шеф на Државната безбедност, Ратомир Марковиќ, го обвини и Ѓорѓевиќ, и командантот на центарот во Петрово село во тоа време, Горан Радосављевиќ, за давање „значајна помош“ во префрлање на телата на косовските Албанци.

Според многу сведоци, Радосављевиќ, во пролетта 1999 година, бил присутен кога телата од Косово се донесени во Петрово село и погребани во блиската јама.

Меѓутоа, Радосављевиќ негира дека учествувал или дека бил информиран за преместување на телата.

„Дознав за овие настани и успеав да добијам јасна слика дури по одредено време, кога на состанок на МВР дознав дека се пронајдени тела, масовни гробници, и дека, на врвот на една од тие масовни гробници, се пронајдени тела на тројца американски државјани (браќата Битиќи)“, изјави тој пред судот во Србија, во 2008 година.

 

Експертите по судска медицина, од главата на еден од браќата, успеале да извадат куршум со калибар од 9 мм. Според иследниците, видот на оружјето користено во убиството, балистички е идентификувано како полуавтоматски пиштол марка Хаклер и Коч (Heckler&Koch). Во дипломатски допис од 2006 година, кој го објави Викиликс (WikiLeaks), пишува дека српски истражен судија рекол оти ова е „доста ретко оружје и дека од локалното МВР барал информација за тоа кои единици поседувале такво оружје во тоа време“. Подоцна е утврдено дека припадниците на ЕСО користеле такво оружје.

Но, сопственикот на пиштолот сѐ уште не е идентификуван, а минатата година српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, призна дека „балистичкото вештачење не е правилно извршено“.

„Го поседуваме тоа оружје и вештачењето е во тек“, изјави Стефановиќ, но резултатите од него, сѐ уште не се познати.

Поради ова, истражителите се посомневаа дека еден или поголемиот број од шестмината инструктори на ЕСО, кои биле во центарот во тоа време, се замешани во убиството.

Нивните сомнежи подоцна ги потврди сведок кој бил во центарот. Тој изјавил дека знае кој е одговорен.

Во извештајот на истражителите во врска со нивниот разговор со сведокот, во кој БИРН имаше увид, стои дека сведокот навел дека наредбите за убиствата ги дале Ѓорѓевиќ и Радосављевиќ.

„Отидов со Гури (Радосављевиќ) кај магацинот и, преку решетките, ги видов (тројцата браќа) во магацинот“, се цитира во документот, изјавата на сведокот.

„Гури зборуваше преку телефон со генералот Роѓо (Ѓорѓевиќ). Разговорот не траеше долго, а тогаш се заврте кон Поповиќ и рече: „Ослободете се од нив“. Поповиќ праша: „Каде?“, а Гури му одговори: „Или во Дунав или горе (ридот над Петрово село)“, изјавил сведокот.

Српските обвинители не успеаја да го убедат сведокот дека ќе биде безбеден доколку сведочи на судењето на Поповиќ и на неговиот подреден, Стојановиќ.

Идентитетот на сведокот е познат на БИРН, но тој не одговори на нашето барање да даде одговор.

Сите инструктори на ЕСО се појавија на судењето како сведоци и сите ја негираа вмешаноста во убиствата.

Радосављевиќ, исто така, повеќе пати ја негираше вмешаноста во убиствата.

Кој ги нареди убиствата?

На истражителите далеку полесно им беше да го следат синџирот на командна одговорност.

Човекот кој го нареди извршувањето на злосторството, според многу сведоци и обвинители, бил министерот за внатрешни работи, Стојиљковиќ, но тој повеќе не е жив.

Втор во командниот синџир бил Властимир Ѓорѓевиќ, кој што се наоѓа во затвор во Германија, каде што ја издржува казната за воени злосторства извршени во Косово. Судските документи, исто така, укажуваат на неколку полициски команданти кои биле дел на синџирот на командување поврзан со убиствата.

Прв во командниот синџир, бил Обрад Стефановиќ, командир на ПЕП и помошник на министерот за внатрешни работи.

Стефановиќ, кој денес е професор на Полициската академија во Белград, негираше вмешаност во убиствата, иако некои сведоци изјавија дека наредбите ги добиле од него.

Стефановиќ тврди дека Радосављевиќ е одговорен за она што во тоа време се случувало во центарот за обука во Петрово село.

Но, Радосављевиќ негира дека бил во центарот во времето кога се извршени убиствата, тврдејќи дека бил на одмор и дека дури подоцна дошол. Меѓутоа, некои од сведоците, кои учествувале во обуката на ЕСО во овој центар, изјавија дека го виделе на почетокот на обуката.

Други тврдат дека Радосављевиќ бил информиран за тоа што се случувало. Според Поповиќ, Радосављевиќ во јули бил само повремено во центарот.

„Ме праша што е ново во центарот… Му реков дека има тројца луѓе овде, по налог на Роѓо (Ѓорѓевиќ)“, изјави Поповиќ пред судот.

„Ми рече: „Знам, разговарав со Роѓо“, додаде Поповиќ.

Според неговите зборови, тој не објаснувал понатаму, затоа што претпоставил дека Радосављевиќ знае сѐ, бидејќи канцеларијата ја делел со Ѓорѓевиќ.

Фактот дека Ѓорѓевиќ и Радосављевиќ ја делеле канцеларијата, исто така е важен за истражителите, затоа што тоа кај нив разбуди сомнеж како е можно Ѓорѓевиќ да не бил известен дека Радосављевиќ е на одмор, па се обидел да контактира со него по телефон во Петрово село, како што тврди Поповиќ во својата изјава.

Обвинителите побараа евиденција од разузнавачката агенција во врска со движењето на Радосављевиќ, но нејзината содржина не е објавена.

За обвинителството, четвртото клучно лице е Милорад Улемек Легија, командантот на ЕСО.

Според скоро сите сведоци од полициските единици, Легија тоа лето, во еден момент, дошол во Петрово село со хеликоптер.

Се сметало дека има состанок со Радосављевиќ, но, при давањето изјава на судењето, Легија одби да даде информации за она што се случувало во Петрово Село. Според аналитичарите, со кои БИРН претходно разговараше, се верува дека Легија му бил лојален на Гури.

Но, статусот на Легија значително се смени, и тој, од 2014 година, стана сведок соработник на обвинителството во неколку други случаи кои се однесуваат на операциите на специјалната полиција и на убиства извршени од силите на државната безбедност. Тој откри кој ги издал наредбите за извршување на некои убиства кои ги извршиле неговите поранешни колеги.

Иако обвинителството тврди дека ништо не му е ветено за возврат, извор на БИРН близок до истрагата, вели дека тој во моментов преговара околу сведочењето во случајот Битиќи и во некои други предмети.

Ако Легија не се согласи да сведочи, последна надеж за обвинителството е Ѓорѓевиќ, кој што очекува порано да излезе од затворот во Германија, во 2019 година.

Оние кои учествуваат во истрагата во случајот на Битиќи, се прашуваат дали Ѓорѓевиќ ќе одбере да биде сведок или ќе преземе ризик, пред судот да се појави како обвинет.