Досие Телеком

ДОСИЕ ТЕЛЕКОМ 7: Ексдиректорите на Телеком „дознаа“ дека им се суди во Македонија

Македонското министерство за правда преку меѓународна правна помош по четиригодишно трагање успеало да им врачи обвинение и покана за судење на ексдиректорите во Телеком: Сендреи, Плат и Кишјакус, но не се очекува тие да се појават на судењето во Скопје закажано за неделава

Telekom_dosie-7

Министерството за правда го известило Основниот суд Скопје 1 дека конечно им се врачени поканите за судење и обвинителниот акт на тројцата екс директори на Македонски Телеком Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус за кои има покренато обвинение во 2011 година во Скопје. Но, обвинетите ги примиле поканите со задоцнување, па сега како што дознаваме, ќе мора да се направи нов обид да им се врачат дополнителни покани.

„За последната расправа која беше закажана за 11.09.2015 година од Министерството за правда со задоцнување, на 16.10.2015 година, до судот е доставено известување дека на обвинетите им се врачени обвинителниот акт и поканите за расправата, но бидејќи истите се однесуваат за веќе поминат термин за расправа судот закажа нов датум за крајот на ноември и испрати нови покани до странките“, соопшти за БИРН Дејан Ристовски, портпарол на Основниот суд Скопје 1.

Оттука, извесно е дека на судењето што треба да се одржи во текот на оваа седмица, нема да се појават тројцата обвинети, кои одговараат за злоупотреба на службената положба и овластување и за кои е определен притвор од нивното пронаоѓање.

Ова ќе биде 11-то одложување на судскиот процес, во период од 4 години, поради отсуство на обвинетите за кои од 2008 година има распишано и меѓународна потерница.

Обвинението против тројцата ексдиректори на Македонски Телеком било поднесено во Основниот суд Скопје 1, во првата половина на 2011 година, а првото судење било закажано на 26 октомври 2011 година. Но, сите судења во овие 4 години биле одложувани поради отсуство на обвинетите.

Од почетокот на 2011 до 18 март 2015 година, постапката ја водел еден судија, а од март оваа година, тој е префрлен кај еден од новоизбраните судии во скопскиот суд.

Според податоците што ги обезбеди БИРН, првиот судија, кој го закажал судењето на 26 октомври 2011 година по покренување на обвинението, закажал судења и на 15-ти февруари, 30 мај и 24 декември 2012 година, потоа две рочишта во 2013 година, на четврти март и втори септември, па две рочишта во 2014 година, 12 февруари и први септември и годинава едно рочиште во март , но на ниту едно од нив не се појавиле обвинетите, ниту пак има информација зошто немало предлог од обвинителството да им се суди во отсуство.

Шест месеци рок за доставување покана за судење

Основниот суд Скопје 1 против Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус има распишано меѓународна потерница на 19.12.2008 година

Основниот суд Скопје 1 против Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус има распишано меѓународна потерница на 19.12.2008 година

Од март годинава предметот бил префрлен кај друг судија, избран пред неполни две години, кој закажал судење за 11 септември, но овој пат судењето беше одложено поради болест на судијата.

„Судењата биле закажувани со ова темпо, по 2 до 3 пати во текот на годината бидејќи судот барал со замолница преку Министерството за правда на Република Македонија, по дипломатски пат, на обвинетите да им се достават обвинителен акт и покана за расправа, преведени на нивниот јазик, во матичната земја на адресите што се дел од списите на предметот. За реализирање на меѓународна замолница се потребни 6 месеци, а тој процес воопшто и не е во надлежност на судот“ ни објасни портпаролот на судот Дејан Ристовски.

Основниот суд Скопје 1 против Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус има распишано меѓународна потерница на 19.12.2008 година, кога им била определена и мерка притвор во траење од 30 дена, која почнува да тече од денот на нивното пронаоѓање.

Нема податоци дали македонскиот Интерпол добил известување од европската полиција за обид за апсење на некој од обвинетите екс директори во било која од европските земји.

Во овие 4 години адвокатите на обвинетите поднесувале најразлични барања, дел од нив биле за процесни прашања, а дел биле во надлежност на обвинителството, но, како што соопштуваат од судот: „бидејќи предметот досега не бил во фаза на расправа, заради неприсуството на обвинетите, не е одлучено по тие барања“.

За што се гонат директорите на Телеком во Македонија

Унгарецот Атила Сендреи и членовите на тогашниот Одбор на директори во Македонски Телеком: Германецот Ролф Плат, Гркот Михаил Кефалијанис и Унгарецот Золтан Кишјакус се осомничени дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс Холдингс Лимитид“ и на тој начин го оштетиле Македонски Телеком за речиси 4 милиони евра, или Буџетот за 2 милиони евра, бидејќи Владата во Телеком во тој период поседуваше 47% од акциите.

Во македонскиот дел на аферата „Телеком“, обвинувањата не се за поткуп туку за перење пари и оштетување на буџетот бидејќи Владата имаше удел во акциите на компанијата

Според истрагата поранешниот директор Атила Сендреи и Гркот Кефалијанис биле клучни личности во македонскиот дел од аферата. На сметката на фирмата во Кипар биле префрлани пари без одлука на Одборот на директори, а налозите ги потпишувале Сендреи, Плат и Кишјакус.

Договорите биле на суми под еден милион евра, за што, според Статутот на Македонски Телеком, не требало да се бара согласност од Одборот на директори. Македонските претставници во Одборот на директори, во истрагата тврделе дека парите биле префрлени без нивно знаење.

Еден од договорите бил за консултантски услуги за регулирање на висината на цената на радиофреквенции. Овој договор бил склучен на 1 мај 2005 година. Потписници биле Атила Сендреи и Ролф Плат од страна на Телеком, а извршител Кефалијанис, кој за сума од 990.000 евра преку „Чаптекс Холдингс Лимитид” требало да лобира за обезбедување на поволни законски и подзаконски акти, и методологија на пресметување на трошоци што ќе му одговара на Македонски Телеком.

На 1 јуни 2005 година бил склучен втор договор за консултантски услуги поврзани со носењето на Законот за електронски комуникации. И овој договор бил склучен на 990.000 евра и потпишан од истите луѓе. Но, законот за кој требало да лобира Кефалијанис бил донесен во март 2005 година, три месеци пред склучување на договорот.

На ист датум, 1 јуни 2005 година бил склучен и третиот договор помеѓу „Камени мост комуникации“, потпишан од Золтан Кишјакус, кој бил главен извршен директор и Кефалијанис, а се однесувал за изработка на план за отпуштање на вработени од компанијата. Сумата на овој договор била 989.000 евра. Согласност за договорот дале Сендреи и Кишијакус. Овој договор бил заведен во книгите на „Камени мост комуникации“ на 5 март 2005 година, три месеци пред неговото склучувањето.

Четвртиот договор помеѓу Македонски телекомуникации и фирмата на Кефалијанис го потпишале Плат и Кефалијанис, со датум од 1 јануари 2006 година и сума од 900.000 евра. Требало да се направи истражување за влезот на Македонски телекомуникации на пазарот на телевизиските кабловски оператори.

Сендреи дал одобрение да се платат 450.000 евра, но подоцна бил направен анекс на овој договор на 21 март 2005 година, за рекламирање за издавање на телекомуникациски водови во износ од 575.000 евра на компанијата „Космотелко“, која во тој период била акционер во „Македонски телекомуникации“.

Нема одговор зошто Кефалијанис исчезна од листата на обвинети

Од истрагата која се водеше во Македонија, се знае дека парите кои биле извлечени од Телеком завршувале на сметка на фирмата на Михаил Кефилијанис, по што им се губела трагата.

Со обвинението не е опфатен грчкиот државјанин Михаил Кефалијанис, кој се споменуваше како клучен играч во перењето пари од Македонски Телеком

Кефалијанис во периодот 2005-2006 година додека бил член на Одборот на директори во „Камени мост комуникации“, бил и член на Одборот на директори на компанијата Телемакедонија – Скопје и овластен потписник на фирмата „Чаптекс Холдингс Лимитид“ од Никозија.

Во сведочењето пред американскиот суд, ексразузнавачот Слободен Богоевски го споменува Кефалијанис и неговите врски со Контоминас, за кој наводно биле платени пари за да се повлече потерницата по него и да се прекине постапката.

Кефалијанис „исчезнал“ од предметот уште додека случајот бил во истрага. Обвинителството го повлекло барањето за негово гонење, по што судијата ја повлекол и потерницата.

Но, за тоа кои се причините за повлекувањето на потерницата и постапката против Кефалијанис не откриваат ниту Основниот суд, ниту Јавното обвинителство.

„Решението за Кефалијанис било донесено додека предметот бил во истрага, но за причините ве упатуваме одговор да барате во јавното обвинителство“ одговори судот на нашето прашање, а прес службата на Јавното обвинителство воопшто не одговори на прашањата што ги поставивме за случајот.