Ракопис

Изгубени во расказот

Улиците што ги нема – Животот е фарса

kokalanov_crteznebeska-skopjanovna1

 

Небеска Скопјановна го чекаше детективот за изгубени предмети Сашо Кокаланов на Булеварот АВНОЈ, пардон, АСНОМ. Тој доцнеше, како и секогаш, ама ни таа не беше вчерашна, неговото хронично доцнење ѝ беше вкалкулирано уште при самиот договор кој да вози и кој кого да чека пред зграда.  („Подобро да го чекам в кола, отколку стоејќи на улица.“)

НЕБЕСКА (неколку часа порано): Ќе одиме со мојата кола, мислам дека така е позгодно, а и плус ќе можеш да се напиеш барем едно пиво.

КОКАЛАНОВ: Не пијам пиво во зима! Плус, ова едно ми звучи ко клетва…

НЕБЕСКА (незаинтересирано): Добро, вино, што да е, алкохол ко алкохол.

КОКАЛАНОВ: Греана ракија.

НЕБЕСКА: Ќе те соберам во девет.

Се разбира дека беше девет часот и триесет минути кога Сашо влезе во нејзиното златно пежо.

КОКАЛАНОВ: Извини, доцнам пет минути.

НЕБЕСКА: Само што дојдов и јас, нема ни четириесет и пет минути како те чекам.

Кокаланов погледнува на раката божем има рачен часовник на неа. Се разбира дека нема, но по кратко гледање во голиот зглоб промрмори „Ми застанал саатот“. Ја праша дали знае каде точно е прославата. – Не – му рече, а тој само се надоврза со едно безгрижно „Ни јас, ама немај гајле снаодлив сум за вакви ситуации“.

–  Тоа и ме плаши – рече Небеска и двајцата се насмеаја на ист начин, иако мислеа на сосем различни работи и тргнаа на новодишната прослава на „Призма“ во ресторан што не го знаеја.  Небеска беше решила да ги помири својот псевдоним и својата реалност. Да отиде на прославата во едноставен, откроен црн фустан до колена, а не во комплициран текст од 5 до 7.000 знаци до врат запетлан со измислици.

КОКАЛАНОВ: Мислам дека Петрушева ќе се онесвести кога ќе види која е Небеска, а Чаусидис ќе го свика синдикатот на медиумски работници и ќе формира огранок за псевдоними.

НЕБЕСКА: Еј, а замисли го Ричи, со месеци прави одлични фотографии за сите мои раскази за улиците што не постојат, а не знае која сум.

КОКАЛАНОВ: Не знаеш за Ричи?

НЕБЕСКА: Не, што?

КОКАЛАНОВ: Исто како и ти, и Ричи е лажен профил. Не ги слика улиците, ги вади сликите од Гугл стритвју.

НЕБЕСКА: Чиј лажен профил?

КОКАЛАНОВ: На Еди.

НЕБЕСКА: Кој е Еди?

КОКАЛАНОВ: Кучето на Петрушева.

НЕБЕСКА: Се заебаваш?

КОКАЛАНОВ: Па, затоа ме покани во расказов, така?

НЕБЕСКА: Не. Те поканив зашто мислев дека ја знаеш адресата на прославата.

Кокаланов само си го прочисти грлото. Мислеше дека е поканет поради неговиот хумор што му донесе светска слава. Добро, подобро би било да се каже европска. Или најпрецизно балканска, иако го знаат само во Македонија. Океј, не во цела Македонија, но е познат во своето маало. Иако, не по хуморот, туку по тоа што направи инцидент додека извршителот ги изнесуваше предметите од неговата детективска канцеларија… Но, тоа е веќе сосема друг расказ.

socijala-foto-zr-1-a

НЕБЕСКА (речиси патетично, нагло престројувајќи се, без трепкач, во погрешна лента):  А ресторанот каде што одиме, сигурен си дека постои? Никогаш не сум слушнала за него!

КОКАЛАНОВ: Како се викаше?

НЕБЕСКА: „Скопје“. Со наводници.

КОКАЛАНОВ (првин  неколку секунди пребарува на својот телефон, а потоа целосно внесен во светкавиот екран, речиси извикува): Има 17 ресторани „Скопје“ во Скопје! Кој би рекол.

НЕБЕСКА: На улицата „Салвадор Аљенде“, така пишуваше на поканата.

КОКАЛАНОВ (зачудено): Доби покана?

НЕБЕСКА: Не. Како да добијам покана кога сум псевдоним!? Работам во Пошта, ги читам сите покани.

КОКАЛАНОВ (зачудено): Сериозно работиш во Пошта?

НЕБЕСКА: Не, тоа е за да ги навлечам читателите на погрешна трага. И да ти вратам за Ричи. Ми се појави поканата на ѕид на Фејсбук, ама сега не можам никако да ја најдам.

КОКАЛАНОВ: Кој? Ричи?

НЕБЕСКА: Поканата, лудаку!

КОКАЛАНОВ (со показалецот сѐ уште на дисплејот на смартфонот, а со очите втренчен во неа): Петрушева ми пиша дека Еди ја изгризала само мојата покана и не ѝ било згодно да ми ја прати таква, поткината со кучешки заби. Мислев дека се шегува, не деке навистина постои покана за свадба… Еј, зошто зборувам вака литературно?

НЕБЕСКА: Затоа што овој дел од расказот го пишувам јас, ти текнува. И можеше да смислиш подобра причина зошто немаш покана од тоа дека ти ја изгризало кучето Еди.

КОКАЛАНОВ: Не е куче, кучка е.

НЕБЕСКА: Зошто тогаш има машко име?

КОКАЛАНОВ: И Небеска е женско име, па ти си го стави за превдоним.

НЕБЕСКА: Па, можеби затоа што сум жена.

КОКАЛАНОВ: Еј, да не откривме премногу?

НЕБЕСКА (молскавично му влетува во реченицата и го поправа): … А да ја прашаш Петрушева каде е ресторанот да не возам вака без врска?

КОКАЛАНОВ: Нема шанса, каков детектив за изгубени предмети би бил јас кога еден ресторан не би можел да најдам. Намерно ми рече дека песот ми ја изгризал поканата, ме тестираат.

Малкуто тишина што настана во колата, Небеска ја искористи да направи речиси тажен израз на лицето и со лирски прекор во гласот да промрмори:  – Тебе и кучињата те сакаат! Сашо мигум ѝ влета во реченицата и ја поправи: – Еј, немој да мешаш сакање и во овој расказ, не е таков договорот!

НЕБЕСКА: Немаме договор за жанрот.

КОКАЛАНОВ: Требаше да се договориме. Затоа сега ни шлајфува дијалогов. Мене, на пример, сега ми доаѓа накај поезија да свртам, ама не знам дали е океј.

НЕБЕСКА: Океј е бе, знаеш дека најмногу на свет сакам поезија.

КОКАЛАНОВ: Знам, затоа и се зезам дека ми доаѓа да свртам.

НЕБЕСКА: А да кажеше на крстосницава кај да свртам?

КОКАЛАНОВ: Сврти лево.

НЕБЕСКА: Знаеш кај е Аљенде или од политички убедувања се водиш?

КОКАЛАНОВ: Што е важно, и Аљенде бил левичар.

Златното пежо веќе го имаше свртено целиот град и кај поранешната НИП „Нова Македонија“ , се престрои во средната лента за да продолжи кон „Водњанска“, пардон кон „Мајка Тереза“.

КОКАЛАНОВ (демонстративно ставајќи го телефонот в џеб): Еј, абе изгледа не постои улица со такво име!

НЕБЕСКА: Сменето е, де. Сега се вика „Тодор Александров“, види каде точно е ресторанот, треба да е некаде длабоко на Водно.

КОКАЛАНОВ: Докурчев и со ова новиве имиња на улици да ти кажам.

НЕБЕСКА: Не пцуј во мој расказ.

КОКАЛАНОВ: Во мои реплики ќе си пцујам колку сакам.

(Кокаланов го вклучува радиото. Почнува музика од еден македонски бенд.)

КОКАЛАНОВ: Мислев дека слушаш турбо-фолк?

НЕБЕСКА: Тоа беше само за потребите на расказот „Водњанска“.

КОКАЛАНОВ: Знам, ама дека сега се возиме на „Водњанска“, затоа те провоцирам.

Небеска нагло закочи, Кокаланов со челото само ја допре шофершајбната, но доволно да му израсне една џумка, и тоа релативно брзо, речиси како во цртан филм.

КОКАЛАНОВ: Како ќе одам сега ваков на Новогодишна прослава!? Види ме, не личам на себе! Ќе мислат дека и јас сум псевдоним…

НЕБЕСКА (загрижено): Мислам дека ја поткачив колата напред.

КОКАЛАНОВ: Знаев дека јас требаше да возам.

Кокаланов излегува надвор да види дали се направиле штети на автомобилите. Само што излезе, од автомобилот пред нив излегоа двајца. Според јакните што ги носеа, очигледно беше дека станува збор за вооружени Албанци од Серава, со дебели криминални досиеја. Кога засветкаа пиштолите на нивните појаси, Кокаланов сфати колку е часот и веднаш во детективски манир почна да бега. Додека бегаше сфати дека не го бркаат само Албанци од Серава, туку и полициски џип. Дали е оваа некаква местенка за да се елиминира најпознатиот детектив во градот. Бегаше како улав. „Ми смо улави“, му пролета низ главата, а потоа сфати дека тоа што му пролета, сепак, беше куршум, па правилно заклучи дека пукаат на него. Не знаеше дали Албанци или полицајци, но посака да се полицајците, зашто Албанец од Серава вторпат не промашува. Имаше поминато некои обуки за вакви ситуации. Ја помина улицата кај „Хотел 7“, само подѕирна во аптеката „Виола“ да не случајно имаат и шарени хулахопки (ѝ немаше купено новогодишен подарок на Небеска) и забрзано продолжи по удолницата сѐ до уличката „Бел камен“, каде што сврте лево, па пресекувајќи го малото раскрсниче помеѓу „Козара“ и „Васил Ѓоргов“ се упати кон белите високи згради да преспие кај братучетка му, којзнае по кој пат. Тогаш на излогот на некакво продавниче за нешто забележа залепено ливче: ИЗДАВАМ СТАН. Имаше и телефонски број. Кокаланов во истиот миг заџбара (каков збор, човече, се гледа дека овој дел под расказов не сум го пишувал јас!) во своите несредени џебови, го извади телефонот и наместо само да го меморира бројот, веднаш сврте на него. Го изнајми станот и се спаси од гонителите. Откако процени дека поминало доволно време за Албанците да заминат за Серава, а полицајците да седнат на пиво во првата кафеана, излезе внимателно од станот и по споредни улички се врати во автомобилот каде што го чекаше Небеска.

КОКАЛАНОВ: Извини, можеби не беше џентлменски што те оставив во кола, требаше заедно да бегаме… Плус, морам да ти признам нешто… Злоупотребив еден твој расказ за да се скријам од гонителите…

НЕБЕСКА (луто): Извини ти, ама не се договоривме дека ќе мешаш политика во расказов.

КОКАЛАНОВ: Ај, бе, ти е гајле, ти си под псевдоним…

Кокаланов потоа молчеше, затоа што знаеше дека Небеска е во право. А и затоа што му беше непријатно што го немаше неколку часови. Погледна во голиот зглоб каде што некогаш имаше часовник.

КОКАЛАНОВ: Еј, ти купив шарени хулахопки. Среќна Нова година!

НЕБЕСКА (сѐ уште луто): Огнометот беше пред еден час. Го гледав во ретровизор. Ако побрзаме, можеби ќе фатиме некого на новогодишната забава.

КОКАЛАНОВ (пак гледа во зглобот): Ц ц ц ц, кога летна годинава. Стварно дошло еден по полноќ.

– А што е фазонот со хулахопките во боја? – праша најмладата учесничка на работилницата за везење, речиси дете, која прв пат се соочуваше со приказните на Веско како пролегомена во уметноста на везењето оваа неталентирана есен на поранешната улица „Димитрие Туцовиќ“, сегашната „Ристо Шишков“, зад сегашната Влада, поранешниот ЦК.

vezenje-dimitrie-tucovic-risto-siskovaaaa

КОКАЛАНОВ: Со хулахопките фазонот е…

НЕБЕСКА: И престани да ми цитираш делови од моите раскази секогаш кога ќе заглавиш со текстот!

КОКАЛАНОВ: Добро, извини. Мислев да изигравам као постмодерниста нешто. Стварно мислев да ти купам шарени хулахопки ради заебанција, ама „Виола“ беше затворена, мислам, нормално, Нова година е.

(Небеска само луто гледаше пред себе и го држеше воланот.)

КОКАЛАНОВ: Еј, можеби ова ќе те расположи. Додека чекав да помине опасноста, го најдов ресторанот на интернет.

Небеска го заврте клучот, но автомобилот само се закашла. Верглаше така некое време, додека не стана јасно дека моторот нема намера да запали. Кокаланов рече дека знае да поправа автомобили, Небеска иако знаеше дека тоа не е вистина, му ја отвори хаубата. Кокаланов гледаше некое време во моторот, потоа почна да е наведнува и да го гледа од различни агли, за на крајот да се врати во автомобилот зашто му застуде, затворајќи ја театрално хаубата.

НЕБЕСКА: И?

КОКАЛАНОВ: Знам што е.

НЕБЕСКА: Па, поправи го ако знаеш.

КОКАЛАНОВ: Не носам алат.

Тогаш Небеска го замоли да излезе и да го турка автомобилот. Кокаланов имаше туркано автомобили, но мора да се признае дека многу полесно ќе беше ако по „Водњанска“, односно „Мајка Тереза“, се движеа во обратниот правец, односно по надолнина односно по нагорнина. За чудо, автомобилот запали. Што ти е предност кога си во неволја на улица што носи име на светица. Кокаланов погледна кон небото и намигна, зашто знаеше дека таму некаде го гледа скопјанката Мајка Тереза.

– Сега овде десно – рече по кратко време.

Небеска молчеше и возеше.

– Кај ладана, лево. Мислам дека е овде некаде.

Небеска молчеше и возеше, а почна и да се мршти.

– Не, тука, пак десно изгледа.

Треба ли да кажам дека Небеска молчеше, возеше и се мрштеше.

– Онаму нешто свети, можеби е ресторанот.

Небеска молчеше, возеше и се мрштеше.

– Не, куќа било, оди по долнава улица, мора да е тука некаде.

Излишно е да се каже дека Небеска молчеше, возеше и се мрштеше.

– Еве го, ти реков дека  е овде некаде.

НЕБЕСКА: Ова е ресторан, ама „Македонија“.

КОКАЛАНОВ: „Македонија“, де.

НЕБЕСКА: Ние го бараме „Скопје“.

КОКАЛАНОВ: Добро де. „Македонија“, на грчки „Скопје“. Може Грк бил претходниот газда.

НЕБЕСКА: Кокаланов, знаев дека и автомобилов и расказов ќе ги однесеш на погрешно место.

КОКАЛАНОВ: Извини, не сум баш по улициве во градов. Тоа е твој сектор во „Призма“.

Возеа така уште половина час, кога конечно се најдоа на големиот паркинг и ресторанот со натпис „Скопје“. Излегоа од автомобилот и влегоа внатре. Беше празно. Речиси празно, зашто еден човек го метеше нередот од скршено стакло, конфети, пукнати балони, остатоци од испукани петарди и по некое догорче од цигара.

КОКАЛАНОВ (шутирајќи догорче со ногата): Петрушева пак нашла ресторан кај што се пуши!

Човекот што метеше им пријде.

– Вие од „Призма“ сте? Да не заборавивте нешто?

НЕБЕСКА: Не сме од „Призма“, но гостуваме таму секоја сабота.

ЧИСТАЧОТ: Денеска е сабота.

НЕБЕСКА: Да, оваа Нова година падна во сабота.

ЧИСТАЧОТ (зачудено): Заборавивте нешто?

КОКАЛАНОВ: Да. Адресата.

Почнаа да се смеат со Небеска, му честитаа Нова година на човекот која ќе дојде дури вечер. Тој продолжи да си расчистува.

КОКАЛАНОВ:  Мислам дека ти ќе смислеше подобар крај за расказов!

НЕБЕСКА: Да, веројатно, но не грижи се, и во мојот крај немаше да дознаат која сум.

 

Додека се симнуваа надолу по „Водњанска“, пардон, по „Мајка Тереза“ со златното пежо на Небеска, студениот смрдлив воздух им раскажуваше дека Скопје не е само ресторан.