Интервјуа

Мицкоски: На предвремени избори СДСМ ќе доживее дебакл

Иако е љубезен соговорник и отворен за разговор, Мицковски видливо бега од оценка на деценијата под водство на Груевски | Фото: Роберт Атанасовски

Не е едноставно да се прави интервју во Белата палата. Вниманието постојано го одвлекуваат бројни слики, икони, кристални лустери, барокни фотелји, златната боја на дел од мебелот и ред други дребoлии. Во просторијата каде што разговараме со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, композицијата на подот е идентична со онаа во објектот каде што е сниман филмот „Големиот Гетсби“. Иако е видлива нелагодноста на Христијан Мицкоски од наследеното „азно“, тоа не го признава отворено.

Во просторијата каде што разговараме со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, композицијата на подот е идентична со онаа во објектот каде што е сниман филмот „Големиот Гетсби“

„Се чувствувам свој на своето“, вели тој, одговарајќи на прашањето дали во тој ентериер се чувствува како во своја кожа. Околу „компатибилноста“ на тоа здание со аурата на една демохристијанска партија, и партискиот престој во неа, остава одредена разерва: „Ќе видиме како понатаму ќе се однесуваме кон оваа зграда, но сега засега остануваме тука“. И покрај љубовта кон математиката, одбегнува да одговори во бројки – колку изнесуваат месечните трошоци за таа зграда?

„Со оглед дека е енергетски ефикасна, трошоците се помали од вообичаеното за една ваква градба, речиси двојно“, одговара дипломатски.

Откако предочувам податок добиен од партијата – дека во лето сметката за струја е 20.000 евра, а во зима 30.000 евра, Мицкоски ги подотвора картите: „Овде стигнуваат сметките за сите педесетина штабови во земјата, па не знам колку е посебно за оваа зграда. Во пролет и есен сметките се од 10.000 до 15.000 илјади евра. Значи, за зградава и сите штабови во Македонија, просекот е околу еден милион и двесте илјади денари месечно“, вели тој.

Просекот за лето и зима остана непознат.

Ќе одговараат со камата

„Се чувствувам свој на своето“, вели Мицковски, одговарајќи на прашањето дали во Белата палата се чувствува како во своја кожа | Фото: Роберт Атанасовски

Разговорот го водиме под строгиот поглед на неколку македонски револуционери овековечени во масло на платно, под сцени од масовна битка, и во време на жешка политичка расправа за доверба на Владата, со која ВМРО-ДПМНЕ најави „враќање на голема врата“ во парламентот. Мицкоски ја игнорира забелешката дека е несоодветно споменување на каква било „врата“ во контекст на Собранието, бидејќи буди асоцијации за 27 април. Преминува директно на мотивите за интерпелацијата и зборува за десетте катастрофални месеци на Владата. Како аргумент за ваквите тврдења се повикува на релевантни институции.

„Светска банка излезе со извештај кој вели дека Македонија е единствената земја во регионот што го забавува растот за земјите од Западен Балкан. Ја наведува 2017 година со нула % раст и вели дека тоа се должи на политичката криза, лошите временски услови итн., но вели и дека во 2018 година Владата предвидуваше економијата да порасне од 3,2 %, но нема да порасне повеќе од 2,3%.  Повторно имаме 1% кој Владата претходно го предвидела, но не може да го исполни поради немањето капацитет и идеи, а тој 1% претставува точно 120 милиони евра. Уште поалармантно е што нема странски инфестициии“, потенцира Мицкоски.

Не ја прифаќа владината аргументација дека претходната власт за 11 години и потрошени 250 милиони евра за реклами, промотори и роуд шоуа донела 23 странски инвеститори, а новата Влада за 10 месеци без потрошен денар за реклами донела 10 странски инвеститори и пред потпишување е на договор со уште осум.

„Сѐ додека Владата се однесува надмено и не ги признае резултатите од минатото, ќе бидеме убедливо заковани на дното. Веќе не се мериме со Европа туку со регионот, а и тука сме последни“, продолжува со критиките.

Го игнорира прашањето дали за десет месеци може да се надомести штетата што е направена во изминатите 11 години. 

„Па овој таканаречен реформски премиер гордо истапуваше пред народот и велеше ‘имаме јасна претстава што се случува, имаме јасен план и граѓаните веднаш ќе ги почувствуваат резултатите од нашата програма’. Десет месеци е четвртина од мандатот. Колку им треба, уште два мандата? “, прашува реторички. 

На списокот забелешки ги додава даноците собрани во првиот квартал годинава, за 7% помали од планираните и 2,69 % помалку од истиот период лани, капиталните расходи во првите два месеца од околу 16 милиони евра, за разлика од истиот период лани кога изнесувале 46 милиони евра.

Во пролет и есен сметките се од 10.000 до 15.000 илјади евра. Значи, за зградава и сите штабови во Македонија, просекот е околу еден милион и двесте илјади денари месечно

„Од Владата велат – ние ги враќаме долговите од минатото. За тоа позајмија 34 милијарди денари од надворешни и домашни кредитори. Добро, вратиле долг од 17 милијарди денари, но другите 17 милијарди им стојат во НБРМ со камата нула. А истовремено за тие средства плаќаат камата кај тие што им ги позајмиле, околу еден и пол милион евра. Некој ќе одговара за тоа кога ВМРО ќе формира Влада“, предупредува Мицкоски.

Во голем дел од споредбените податоци ја посочува ЕЛЕМ, компанијата со која во еден период раководеше тој.

„Во првиот квартал ЕЛЕМ произвел 10% помалку електрична енергија. Во година со релативно блага зима им се поплави Охридско Езеро, истовремено Шпиље останува празно, а Глобочица им се прелева. Тоа е некадарност и незнаење, а во исто време порив да се направи криминал по принципот ‘дрпај бегај’. Нашите пратеници презентираа два скандала директно поврзани со ЕЛЕМ“, обвинува поранешниот директор. Потсeтува дека го оставил ЕЛЕМ сo рекордно производство, со нула долгови кон доверителите и вработените и со 25 милиони евра депозити во банките.

„Оставив и 14 развојни проекти, од кои два капитални, кои Владата ги поништи, за по 10 месеци да ги реобјави, но со услови соодветни само за двајца понудувачи наместо за 10 или 12 кои претходно ги одобрил Советот за јавни набавки“, обвинува Мицкоски.

Двоен аршин

На потсетувањето дека не е од вчера во партијата, Мицковски се согласува да зборува и за тој период, но напоменува дека тоа не е вистинската тема | Фото: Роберт Атанасовски

Го прашувам за податоци – во каква состојба Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ја оставија државата?

„Вие зборувате со лидер на ВМРО-ДПМНЕ во овие три и пол месеци. Ако сакате, можам да направам ретроспектива за 27 години наназад – и за октоподите, и за криминалната транзиција, и како се аболицираа премиери“, реплицира тој.

На потсетувањето дека не е од вчера во партијата, дека бил Генерален секретар и член на ИК, се согласува да зборува и за тој период. Но, напоменува дека тоа не е вистинската тема. 

„Вистинската тема е како оваа криминална влада ја уништува Македонија. Како Дамјан Манчевски во четири очи доделил тендер од 245.000 евра на некоја фирма. Kако ‘Си-ен-џи’ продава гас за период од 2008 до 2020 година во општина Струмица три години однапред, за набавка проценета на 54 милиони денари, а постигнале договор за 63 милиони денари само со еден понудувач, кој беше поврзуван со Митко Андреевски, советник во кабинетот на премиерот. И како се направени критериумите за да ги исполнува само еден понудувач? Како се даваат тендери во четири очи во РЕК Битола за ископ на јаглен…“, набројува Мицкоски.

Владите на ВМРО-ДПМНЕ ги смета за „многу поуспешни“во споредба со сегашната. Иако е љубезен соговорник и отворен за разговор, видливо бега од оценка на деценијата под водство на Груевски. На прашања за криминалот во владите на ВМРО-ДПМНЕ дециден е дека во судски процес треба да се докаже дали постоел криминал. Но, кога зборува за Владата на СДСМ нема таква ограда – ја нарекува „криминална и најнеспособна во историјата на независна Македонија“.

Не ги прифаќа забелешките дека таквите двојни аршини предизвикуваат сомнеж дека тој е само продолжена рака на Груевски.

„Сѐ што порано било погрешно, а сме констатирале дека е погрешно, ќе биде коригирано. Тука нема дилема“, тврди тој. По таа речиси бенигна формулација за „погрешност“, го прашувам по што се разликува од неговиот претходник.

„Не е добро јас да кажам. Би оставил граѓаните да направат разлика меѓу начинот на кој јас го водам ВМРО-ДПМНЕ, од оној на Груевски, и на Георгиевски. Врз основа на мислења кои стигнуваат до мене, граѓаните препознаваат сериозна алтернатива на политичката сцена во ова ВМРО-ДПМНЕ што го предводам јас. Убеден сум дека партијата ќе понуди таква програма што на следните избори СДСМ ќе доживее дебакл. Битно е дали граѓаните живеат подобро, дали има 500 евра просечна плата, дали имаме 5% раст, дали има 100.000 денари плата за специјалистите, 50.000 за докторите…

Прибегнува кон алиби-одговор на прашањето зошто владата на ВМРО-ДПМНЕ не ги обезбедила тие плати ако била „поуспешна“: „Да го заборавиме тоа. Не успеало, и затоа ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција. Сега имаме Влада која дала ветувања за тоа. Јас не сум ги влечел за јазик да даваат ветувања“.

Забелешки има и за градоначалниците. Граѓани му се „пофалиле“ дека во општините никогаш не било помирно: не виделе ни камион да асфалтира, ни багер да копа.

„Не е доволно да изнесете ‘скипче’, да повикате фоторепоретери и да објавите на портал дека конечно сте почнале да работите. Не можете да асфалтирате, да градите болница, градинка, ако немате проект. Прво треба тендер за проектирање, да заврши тоа проектирање, да се направат измени во деталните урбанистички планови, да се направи тендер за изведба врз основа на проектот, па дури кога ќе заврши тоа, да зборуваме за евентуална градба“, објаснува Мицкоски.

Бидејќи точно знае дека процесите бараат време, го прашувам зошто ја критикува Владата дека не испорачала брзи резултати. Не одговара на забелешката. Како илустрација на застојот, посочува разговор со сопственик на градежна компанија кој му се пожалил дека последните 3 години во просек учествувал на 276 различни тендери, а сега само на седум.

Во чевлите на Заев

Мицковки очекува предвремени парламентарни избори во терминот со претседателските, и уверен е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи | Фото: Роберт Атанасовски

Темата на која Мицкоски нема дилеми е – дека ЕУ и НАТО се наши стратегиски партнери.

„Бев стипендист на италијанската и германската влада. Споделувам такви вредности како човек, како член на ВМРО-ДПМНЕ и претседател. Членството знае дека единствената алтернатива за напредок се ЕУ и НАТО“, тврди лидерот. Не прифаќа дека во еден период партијата отстапи од овие цели и дека нејзини членови на протести носеа пароли против ЕУ и НАТО.

„ВМРО-ДПМНЕ не добива од таков тип пароли и однесување. Врз основа на минатото да заклучиме што не е добро и да не го применуваме во иднина“, порачува Мицкоски.

За разговорите за името, вели дека нема никакви информации. Но, има критики: „Јазикот и идентитетот се стекнато право и тоа е затворена тема. Можеби разговараат и ова стекнато право да го изгубиме. Ниеден преговарач од македонска страна нема право да отвора тема што е затворена. Не знам за што разговараат. Последната информација е дека сетот што го предложил Нимиц сѐ уште е на маса. Кога ќе имаме информација ќе се произнесеме“.

Но, едно интервју на Заев му отвора сомнеж.

„Од она што го читам во интервјуто, човекот е подготвен за крај на неговата политичка кариера. Тоа значи дека е подготвен да оди на недостоинствено решение. Ако е достоинствен компромисот, зошто да става крај на кариерата, таа треба да се вивне по нагорна линија. Но, се обидувам да бидам во чевлите на човекот кој бара три евра за квадрат – евро за Црквата, евро за Вицето, евро за партијата… Се обидувам да се ставам во чевлите на премиерот на државата, како го гледа грчкиот премиер и како прави недостоинствен компромис и ги уништува националните интереси“, вели Мицкоски.

Го прашувам дали се ставил и во чевлите на Груевски – оние со античките споменици, индиции за провизии, изборни злоупотреби, динамити, ендеци…

На списокот забелешки кон Владата Мицковски ги додава даноците собрани во првиот квартал годинава, за 7% помали од планираните и 2,69 % помалку од истиот период лани, капиталните расходи во првите два месеца од околу 16 милиони евра, за разлика од истиот период лани кога изнесувале 46 милиони евра

„Не коментирам нелегално стекнати материјали. Секоја злоупотреба ја осудувам за овие 27 години. Сега зборувам за оваа власт. Другото е минато свршено време“, вели новиот лидер на партијата.

Сепак, тврди дека сака да успеат разговорите за решавање на спорот.

„Сакам да бидеме дел од НАТО под нашето уставно име Република Македонија, да го говорам мојот македонски јазик и да бидам Македонец. И верувам дека ќе успеат овие преговори, бидејќи тоа се европски вредности“, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

И на неодамнешната средба со Коѕијас изразил таква надеж.

„Му реков: Ние како опозиција додаваме вредност, учествуваме во процесот на реформите, сакаме земјата да успее, да одиме напред, и со тоа ќе превенираме евентуални можни објаснувања од типот – ‘не е само проблемот со името, затаивте и во овој реформски дел’. Еве ќе го превенираме тој дел. Но, доколку не успеат преговорите, дали ќе го блокирате патот на Македонија кон ЕУ? Ако Европската комисија одлучи да додели датум за преговори, дали ќе ставите вето на тоа? Не добив конкретен одговор, но ќe се обидам да парафразирам една негова реченица: ‘И кога дозволивме да добиете статус на кандидат, договорот беше да се реши името, па еве 15 години сѐ уште не е решено, така што мислам дека граѓаните на нашата држава не можат да го прифатaт тоа’“, го споделува Мицкоски разговорот, со забелешка дека „тоа не е европска вредност“.

Против фракционерство

„Резолутно ги одбива“ неофицијалните информации дека во истрагата за 27 април има докази оти иницијативата за формирање на „За заедничка Македонија“ дошла од ВМРО-ДПМНЕ | Фото: Роберт Атанасовски

Интеграциите ги смета за стратегиски цели, но потенцира од каде потекнува „имотниот лист“.

„Нашиот имотен лист го испечатиле нашите дедовци со нивната борба за независна Македонија, а го завериле со сопствената крв. Главен мотив е сонот на мојата генерација за економски просперитетна, евроатлантски интегрирана и држава на среќни граѓани. Ако не успеам во тоа, достоинствено ќе се повлечам, без да одам во судница и да се соочувам со граѓани кои претходно сум ги уценувал. Ќе го предводам ВМРО-ДПМНЕ во конечна победа над транзициските политичари“, најавува новиот лидер на партијата. 

Очекува предвремени парламентарни избори во терминот со претседателските, и уверен е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Од утре почнуваат да го мерат партискиот рејтинг. Последните бројки од јануари покажале разлика нешто помалку од еден процент во корист на СДСМ.

„Но, од она што го добивам како повратен ефект од граѓаните, е дека имаме рејтинг кој ќе биде подобар од оној на СДСМ. Убеден сум дека е така врз основа на впечаток од средби, од социјалните мрежи. Но, тоа е впечаток изграден повеќе врз основа на чувства, а јас сакам бројки“, вели лидерот.

Во моментов е фокусиран на реструктуирање и обновување на партиските капацитети и изработка на нова партиска програма.

„Статутот е готов од пред два месеца, ама не сум нашол време да го видам, бидејќи бев на терен, надвор од земјава итн. Ќе го ставиме на јавна дебата во нашите Општински комитети, но бидејќи таму сега има генерален реизбор кој очекувам да заврши до средината на мај, добро е да го видат новите раководства, УМС, Унијата на жени. Со сите забелешки од ЦК и ИК ќе се обидеме да направиме статут со кој ќе се гордееме“, вели Мицкоски.

Не знае дали Статутот дозволува фракционерство, бидејќи не го видел, но според негово мислење – не треба! Од статутите на четири сестрински партии кои ги разгледале, три не предвидувале фракционерство.

„Подобро е да има поголемо демократизирање во изборот на членовите на ЦК што го сочинуваат претседателите на ОК. Има ОК кои имаат 70 месни комитети, во секој месен комитет треба да ставите кутија за гласање и да имате 500 луѓе кои на терен ќе спроведат изборот за претседател на ОК. Или, ќе најдете меѓумодел како што ние го најдовме кај сестринските партии ХДЗ и ЦДУ, за општинско собрание на кое голем број делегати од месните комитети во сала ќе гласаат за еден од предлозите. Ем ќе има кредибилен, ем демократски избор“, смета лидерот.

Но, дали неможноста од фракционерство во партијата може да роди фракција во пратеничката група, па дел од пратениците да ја откажат послушноста кон партискиот врв?

„Се обидувам да се ставам во чевлите на премиерот на државата, како го гледа грчкиот премиер и како прави недостоинствен компромис и ги уништува националните интереси“, вели Мицкоски

„Никогаш ништо не можете да исклучите во животот. Сѐ може да се случи. Имаме различни дискусии на различни теми и ги аргументираме нашите позиции, сѐ до моментот додека не донесеме заедничка одлука. Кога ќе ја донесеме, таа се почитува. Досега немало дилема. Како ќе биде во иднина, не знам. Јас секогаш почитувам различно мислење“, тврди Мицкоски.

Со Груевски не се виделе подолго време, што не значи дека е прекината комуникацијата.

 „Човек е богат кога креира пријатели, а сиромашен кога креира непријатели. Ако има теми за кои чувствувам дека треба да се исконсултирам, со секого ќе се исконсултирам. Ако слушнам аргументи кои ќе ги победат моите аргументи, зошто да не ги прифатам“, вели Мицкоски.

Наскоро ќе ги предложи и членовите на советодавното тело, од кои дел биле познати во јавноста, дел за прват ќе се промовират, но сите ги претстави како интелектуалци кои ќе ѝ дадат дополнителна вредност на политиката на партијата.

Мицкоски „резолутно ги одбива“ неофицијалните информации дека во истрагата за 27 април се обезбедени докази оти иницијативата за формирање на „За заедничка Македонија“ дошла директно од ВМРО-ДПМНЕ, слично како и за патриотските здруженија.

Рано е за резултати

„Што пократко трае мандатот на Владата, тоа подобро за граѓаните“ | Фото: Роберт Атанасовски

Разговорот, кој вешто го насочува „на своја воденица“, го завршуваме со неговото учество во бизнисот со мали хидроцентрали, преку „Минка Енерготек“. 

„Да, дел сум од конзорциум кој изградил три мали хидроцентрали – една во Пехчевско и две во Беровско. Јас сум сопственик на 10% од вкупната инвестиција. Тоа е изградено пред пет години, пријавено во мојот анкетен лист кога станав директор на ЕЛЕМ, со доставени даночни пријави и сѐ што е потребно… Јас не се занимавам со бизнис. Кога одлучив посериозно да се занимавам со политика и станав владин функционер, го напуштив бизнисот и престанав да бидам сопственик на неколку компании што ги имав во тој период. Останав само во оваа компанија, бидејќи и да сакам не можам да излезам. Таа е сопственик на 23-годишна концесија, а потоа имотот го враќаме на државата. За да излезам оттаму потребно е државата да ми даде согласност, а во овој момент тоа е невозможно, имајќи ги предвид законските решенија.

Прашувам – како оди бизнисот?

„Не знам каков ќе биде. Сѐ уште не носи позитива, бидејќи враќаме кредити“, вели Мицкоски.

Го потсетувам дека дава уште една потврда оти ништо не оди толку брзо во економијата, како што опозицијата бара од власта.

„Има разлика. Вие сте свесен дека ќе помине една третина од времето кога ќе треба да работите за инвестицијата“, вели тој.

На забелешката дека Владата има мандат од четири години за да испорача резултати, Мицкоски со одговор во интерпелациски стил: „Нема никаква дилема, но што пократко трае – тоа подобро за граѓаните“.