Со изрекување на првостепената пресуда заврши уште еден судски предмет што го отвори СЈО, кој носеше судски број КОК-60/17, а беше познат под кодното име „Трезор“.
Се судеше три години. Четворицата обвинети Сашо Мијаков, Горан Грујевски, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски беа огласени за виновни и добија вкупна затворска казна од 33 години.
Највисока затворска казна доби ексначалникот на петтата управа во УБК, бегалецот, Горан Грујевски, од 15 години. Сашо Мијалков беше осуден на осум години, а останатите двајца обвинети на по пет години затвор.
По објавата на пресудата, судот има рок од најмногу 60 дена да ја напише, па следува можноста за жалби.
Поранешното СЈО ги товареше обвинетите дека ја злоупотребиле службената положба и овластување за набавка на софтвер за потребите на полицијата и со тоа го оштетиле буџетот на државата.
Судот образложи дека обвинетите се договориле да купат опрема за потребите на МВР од британската компанија „Гама интернешнл“, но тоа не го направиле директно, туку преку контроверзната фирма „Финзи“ како посредник.
Со тоа го оштетиле буџетот, а „Финзи“,чиј краен сопственик е Орце Камчев, и која во меѓувреме е избришана од Централниот регистар се стекнала со незаконска корист.
Ќе се конфискуваат пари од сметката на „Финзи“ и автомобил „ауди“, а доколку биде потврдена пресудата, обвинетите треба солидарно да ја надоместат штетата.
Поради сомнителниот капитал и потекло, „Финзи“ е под лупа на обвинителите и во предметот „Империја“ каде што се осомничени и Мијалков и Камчев.
„Трезор“ е еден од оние судски предмети каде јавноста најчесто беше исклучувана поради сведочења на луѓе од тајната полиција.
Ова е трета неправосилна пресуда која му е изречена на ексшефот на УБК, Сашо Мијалков по „Титаник 2“ и „Таргет-Тврдина“.
На Мијалков му се суди за уште два активни предмети на СЈО: укинатата пресуда за случајот „Титаник 2“ и предметот „Тортура“. Во меѓувреме, ексшефот на УБК е осомничен е уште во два предмети на СЈО: „Плацовите на Водно“ и „Империја“.