Додека во киносалата на Музејот на современа уметност во Скопје се презентираше новиот Детален урбанистички план, според кој, целиот простор околу тврдината Кале и музејската зграда ќе биде зеленило, а куќи и други објекти нема да има, на уличката подолу, багер копаше темели за нов објект на државно, неизградено и зелено земјиште.
Така, во еден круг од педесетина метри беше пресликана вечната разлика меѓу хартијата и реалноста, што стана своевиден неславен белег на македонската држава во изминатите триесетина години. За симболиката да биде уште посилна, тој круг се наоѓа веднаш до Калето, како еден од историските симболи, и на државата, и на нејзиниот главен град.
За просторот околу Калето првпат се изработува детален урбанистички план. Како што објасни претставничката на Општина Центар, раководителката на одделението за урбанистичко планирање Билјана Насковиќ, општинските власти и планерите ги следеле одлуките од повисоките инстанци – Министерството за култура и Град Скопје, според кои, т.н. контактна зона меѓу тврдината и музејот, како и од музејот до француските гробишта, треба да биде еден голем парк.
Во моментов, планот е во фаза на јавна презентација и јавна анкета, а потоа ќе треба да помине уште неколку чекори додека не го изгласа Советот на општината, за да стане официјален. Кога ќе се реализира планското решение? „Веројатно тогаш кога ќе се исправи мостот кај хотелот „Континентал“, кој е „извиткан како питон“ и кога Водњанска ќе стане булевар со две ленти низ целата должина, без куќа на едната лента“, предвиде еден од сопствениците на објекти во планскиот опфат, кој беше присутен на презентацијата.
Слично како во споменатите два примера, и во просторот околу Калето, приватната сопственост стои на патот на остварувањето на планските решенија. Замислата беше, и на хартија сѐ уште е, дотраените бараки и други супстандардни објекти да се заменат со парковска површина погодна за јавни манифестации. Така требаше да заживее овој значаен, но замрен простор.
Сепак, во последниве години, тој почна да заживува на друг начин. Дојдоа инвеститори што заменија дел од супстандардните објекти со нови градби, иако без ДУП таму ниту имаа право да градат, ниту да реновираат. Некои ги приспособија за живеење, други за хотелско-угостителски бизнис. Тоа не им беше доволно, па почнаа да оградуваат празни простори во државна сопственост и таму да поставуваат бетонски плочи. Кога ќе им ги урнат дивоградбите, пробуваат пак да ги изградат. Таков е и последниот пример со багерот, кој копаше темели за објект додека се расправаше за просторот како „јавно зеленило“.
Гледајќи го тоа и следејќи ја неактивноста на институциите да го заштитат просторот од градежната офанзива, сопствениците на бараки и на други објекти, од кои дел се легализирани дивоградби, се сомневаат дека планот да се претвори целиот простор во парк е добронамерен. Веќе смислија теорија дека тој е обележан како зеленило за да може нивните имоти да се откупат по пониски цени, а потоа повторно да се претворат во градежно земјиште и да им се дадат на нови инвеститори.
Сегашните закони не дозволуваат земјиште што еднаш е прогласено за парковско зеленило да се пренаменува, особено не во градежно, и тоа им беше укажано на жителите од општинските претставници, исто како што им беше посочено дека ништо не може да се случи без тие соодветно да бидат обесштетени со пари, имот од иста вредност или на друг начин. Но, тоа ним не им звучеше убедливо. Како што прокоментира еден од нив – кралства паѓале, па еден закон за зеленило не можел да падне.
Недовербата во институциите си го зема данокот и во овој случај, па така, кога ќе дојде време да се реализира планот, доколку до тоа воопшто дојде, може да се очекува отпор кај сопствениците да ги отстапат своите имоти за компензацијата што ќе им биде понудена. Според тоа, изгледа мошне реалистично предвидувањето дека Кале ќе ја доживее истата судбина како мостот кај „Континентал“ или како Водњанска – недовршени решенија, кои се плод повеќе на импровизацијата отколку на доброто планирање.
Општината, всушност, нема ни да го реализира планот. Така најавија нејзините претставници. Тоа ќе им го остави на повисоките институции од кои ги презела насоките – Министерството за култура и Град Скопје. Кога тие ќе решат да ги исполнат обврските за заштита на културното наследство и да ја претворат контактната зона на Калето и на музејот во парковско зеленило, ќе треба да тропаат од врата до врата и да нудат обесштетување.
А цената за нивната досегашна неактивност и за премолчено дозволената узурпација на просторот, повторно ќе треба да ја платат граѓаните. Ако експропријацијата дојде на ред, законот предвидува дека овластени проценители ќе треба да ја проценат пазарната вредност на објектите што треба да се откупат.
Во тој случај, секако дека новоградбите и луксузните угостителски објекти, чии сопственици во меѓувреме ги искористиле законите што им одат во прилог и си обезбедиле легален статус за своите имоти, ќе бидат проценети на многу повисоки суми отколку старите бараки во распаѓање. Тоа, секако, ќе се дознае во маалските кругови, ќе предизвика нови барања, конфликти и поделби и уште повеќе ќе го отежне спроведувањето на планот.
Сѐ на сѐ, новиот Детален урбанистички план за Калето не нуди решенија ниту за остварување на јавниот интерес преку соодветна заштита на културното наследство, ниту за приватните интереси на жителите, кои со децении не се ни на небо, ни на земја. Нуди само продолжување на состојбата во која едно ќе стои на хартија, а друго ќе се случува на теренот.
Досегашното искуство покажа дека опортунистичките инвеститори знаат добро да ги искористат ваквите полусостојби.