Актуелно

Бегалците од Идомени не се откажуваат од балканската рута

Ниту еден од бегалците со кои разговаравме не сакаше да каже кој им ги делел летоците со упатството и мапата за преминување преку нелегални премини, но велат дека во четврток се подготвуваат повторно да се обидат да ја преминат Сува река и да влезат во Македонија.

Повеќе од половината бегалци во Идомени се семејства со мали деца / Фото: БИРН

Повеќе од половината бегалци во Идомени се семејства со мали деца / Фото: БИРН

Бегалците стационирани во кампот во Идомени не се откажуваат од намерата повторно да се обидат да влезат во Македонија преку нелегални премини, откако вчера над илјада бегалци се обидоа да влезат во земјава преку Сува Река и беа спречени од полицијата.

Сите тие во текот на вечерта и утринава, пешки се враќаа кон Идомени, откако не им успеа обидот да нелегално да ја преминат грчко – македонската граница. На нивните лица се читаше комплетна безнадежност.

„Не знам дали ќе ме разберете, ама јас навистина веќе сакам да умрам“, беше одговорот на младата жена која се враќаше кон Идомени, а за рака водеше две мали деца.

„Единствената причина поради која се трудам да останам жива се тие“, ни рече, покажувајќи кон двете девојчиња.

Границата нема да се отвори

Групата од над илјада лица вчера утрината тргнала кон Сува Река, раководејќи се од летоци кои им биле делени од непознати лица, на кои пишува упатства на арапски јазик. Грчките власти овие летоци ги карактеризираа како „провокација“, а грчкиот премиер Алексис Ципрас рече дека станува збор за „криминална дезинформација на бегалците од страна на невладините и „параорганизации“.

„Тоа е криминално однесување кон тие луѓе и тоа мора да запре“, изјави Ципрас.

Ниту еден од бегалците со кои разговаравме не сакаше да каже кој им ги делел флаерите, ниту пак во Идомени можеше да се најде спорниот леток со упатства за преминување преку нелегални премини.

Се проценува дека во Грција има 45 илјади бегалци од кои 14 000 се во Идомени

„Луѓе ни ги дадоа. Не беше грчката полиција. Потоа се организиравме и тргнавме. Кога влеговме во реката, надојде полиција и почна да ни вика ‘седи, седи’. Јас седнав во реката, а син ми го држев во раце за да не го потопи водата. Во мене имав 200 евра кои ми ги однесе водата. Но, не се откажувам. Во четврток се организираме да тргнеме повторно кон Македонија“, ни рече 34-годишната Шарик од Сирија, која во својата земја работела во УНИЦЕФ.

Шарик, откако пропаднал обидот да ја премине грчката граница и нелегално да влезе во Македонија, вчера вечерта се вратила во кампот во Идомени. Таа и нејзиното семејство таму се веќе две недели. Толку време се немаат измиено, алиштата им се водени, а храната што ја добиваат не им е доволна.

„Јас немам веќе што да изгубам. Ќе се обидувам да стигнам до Германија до последен здив“.

Таа не знае дека грчкиот премиер Ципрас денеска преку грчките медиуми им порача на бегалците да се откажат од Идомени.

„Балканската рута е затворена, граница нема да се отвори“, дециден беше тој.

Ципрас побара од бегалците да се вратат во прифатните центри, од каде, како што рече, заеднички ќе се работи за да се забрза процесот на нивна легална миграција во Европа.

Но, дали и колку ќе успее тоа, останува неизвесно. На Самитот на ЕУ што ќе се одржи во четврток се очекува само да се официјализира договореното од средбата ЕУ – Турција што се одржа на 7 март во Брисел. На самитот беше договорено дека протокот на бегалци по западнобалканската рута е завршен.

Договорот предвидува и дека ЕУ ќе и помогне на Грција да се справи со масовниот прилив на бегалци и ќе обезбеди „ефикасен одговор на тешката хуманитарна ситуација на теренот“, а Брисел да ѝ даде дополнителни три милијарди евра на турската држава до 2018 година.

“Welcome to Idomeni”

Во текот на целиот ден, пред Идомени стоеше автобус, со знак „Превоз до Атина“. Ниту еден бегалец не се качи во него. Повеќе од очигледно е дека 14-те илјади бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан немаат никаква намера да се вратат кон Солун и Атина. Дел од нив се таму и по три недели, а Идомени буквално наликува на мал град зафатен од најтешка еколошка и хуманитарна катастрофа.

На лицата на бегалците се чита дека се веќе на работ на трпението.

„Тепачки има на секои 15 минути. Се тепаат со шипки и за најситни работи, за банана, за запалка, за една цигара. Луѓето буквално немаат повеќе нерви“, искоментира припадник на една од невладините организации на теренот.

Редици од луѓе чекаат храна, кампот е преплавен со ѓубре, се шири мирис на изгорена пластика и дрва, а целата оваа безнадежна атмосфера се разбива со звуците на свирчиња кои волонтерите од невладините организации им ги делат на децата, за да имааат со нешто да си играат.

Во текот на целиот ден, пред Идомени стоеше автобус, со знак „Превоз до Атина“. Ниту еден бегалец не се качи во него

Повеќе од половината бегалци во Идомени се семејства со мали деца. Бегалец од Авганистан, кој вчера безуспешно се обидел да ја премине Сува река и да влезе во Македонија ни ги покажа отечените и помодрени прсти на рацете.

„Да, ова е од вчера. За малку ќе се удавев. Но, ќе се обидам повторно да влезам во Македонија. Морам да стигнам до Германија“.

Во целата оваа несреќа, мала среќа е што локалните трговци во Идомени не ги „пумпаат“ цените на производите што им ги продаваат на бегалците. Така на пример, едно кило банани чинат едно евра.

„Не одиме со високи цени, ама гледаме да продадеме што повеќе“, ни рече еден од тезгаџиите кој во своето комбе продаваше леб, цигари, тенџериња, овошје, зеленчук.

Оние на кои им останале пари, можат да ги купат овие производи, а останатите чекаат во редици долги и по 200 метри за да добијат бесплатна храна. Како некаква случајна иронија, над оваа редица луѓе поставен е електронски знак на кој пишува „Welcome to Idomeni” (Добредојдовте во Идомени).

Токму кога го напуштивме Идомени и се упативме кон македонската граница, здогледавме група бегалци кои трчаа низ нивите обидувајќи се низ нелегални премини да влезат во земјава.

Се стравува дека доколку се усвоји договореното на Самитот на ЕУ в четврток, ваквите ситуации сè повеќе ќе зачестат, а можни се и поголеми конфликти кај бегалците, кои одбиваат да прифатат дека балканската рута е затворена.