Репортажи

[ГАЛЕРИЈА] Марш против планот Уставниот суд да овозможи помилување за изборен криминал

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Неколку илјади граѓани од Скопје и од внатрешноста бараа оставки на уставните судии, кои прифатија да ја разгледуваат инцијативата со која му се враќа можноста на првиот човек на државата да помилува лица што сториле изборен криминал

Акцијата со која Уставниот суд ги отвора вратите за помилување на лица што сториле изборни криминали, по речиси една година повторно извади на улица неколку илјади граѓани од Скопје и од внатрешноста.

Тие вечерва мирно маршираа на потегот од Владата до новата зграда на Уставниот суд, заобиколувајќи го Парламентот, и се сместија во теснецот меѓу Музејот на холокаустот и Стариот театар, каде полициски кордон ги спречи да дојдат до судот.

Идејата беше да останат пред судот до утре изутрина и да ги пречекаат уставните судии, од кои се очекува во 9 часот, на затворена седница за јавноста, да прогласат неуставни неколку членови од Законот за помилување и со тоа да овозможат претседателот Ѓорѓе Иванов да може да прекине кривична постапка поврзана со изборни криминали.

Со други зборови, Иванов ќе може да ги аболицира осуммината осомничени во случајот „Титаник“, меѓу кои се ексминистрите Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и владиниот генерален секретар Кирил Божиновски.

Полицијата не ги пушти демонстраните, бидејќи пред Уставниот суд уште од 1 часот попладнето поддржувачите на партијата ГРОМ, на Стевче Јакимовски и членови на ВМРО-ДПМНЕ ја обиколија зградата на судот, затворајќи ги сите приоди со шатори.

Помала група од демонстрантите ќе остане до изутрина, до кога, како што велат, ќе ги чуваат и Уставот и државата.