Репортажи

БЕСА за промени во Тетово

Теута Арифи детронизирана, прва голема победа на партијата на Биљал Касами

„Ништо не направи. На почетокот асфалтираше два булевари и ја снема“, вака вчера тетовци раскажуваа за работата на веќе поранешната градоначалничка Теута Арифи.

Се разбира дека Арифи направила и по нешто друго во изминативе осум години, меѓутоа ова чувство на граѓаните е математичката разлика од ветуваното европско Тетово и овој град што денес тоне во отпад и во урбанистички и сообраќаен хаос.

Теута Арифи, во 2013 година се кандидираше и победи како политички тешкаш, напуштајќи го вицепремиерското место за евроинтеграции во тогашната влада на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ. Таа вчера убедливо изгуби од претседателот на БЕСА, Биљал Касами, со 5.000 гласови разлика.

Зелен билборд наспроти реалноста | Фото: БИРН/В.А.

„Единствено нешто европски што направи е признавањето на поразот“, цинично коментираа нашите соговорници.

По првиот круг на локалните избори не беше тешко да се предвиди поразот на ДУИ во Тетово, и покрај благото водство на Арифи. Збирот на сите опозициски гласови надминуваше 20.000, бројка што гласно го отсликуваше расположението.

Влезот во Тетово вчера беше многу валкан. По страните од улиците имаше насобрано ситен отпад, догорчиња и хартивчиња, а контејнерите изгледаат како во саботата вечер да го повратиле целото ѓубре од своите утроби врз тротоарите. По долгиот булевар се слушаа турирањата на дреч жолтите „бе-ем-виња“, црни „форд-мустанг“ и „масерати“ и на едно жар црвено „ферари“.

За разлика од периферијата, центарот изгледа „стегнато“.

На кејот од реката Пена, тетовци пиеја кафе или ги шетаа децата, а слабиот, но остар ветар ја разнесуваше аромата на печено пилешко од блиските меанчиња. Еден случаен турист се фотографираше во дворот на Шарената џамија, пред која има уреден парк.

Урбаната страна на Тетово | Фото: БИРН/В.А.

Мирна Мала Речица

Крајот на изборниот ден го дочекавме во средното текстилно училиште „Ѓоце Стојчевски-Амбарче“. Гласачи веќе немаше, се слушаше само шуштењето на токи-воки апаратите што ги користеа полицајците во дворот. Точно во седум-нула-нула, по долгиот училиштен ходник синхронизирано се затворија белите врати од училниците. 

Почна пребројувањето на гласовите.

Штаб на духови во Мала Речица | Фото: БИРН/В.А.

Следната станица ни беше седиштето на ДУИ во Мала Речица. Од центарот на градот до таму се стигнува по бескраен лавиринт од населени улички, градежната инвазија буквално го слеала градот со селото. Патот до поизвиканата од двете Речици води покрај Арабати баба теќето, над кое се надвиснува рид. 

Таму ноќе светат прозорците на десетици и десетици куќи.

„Све са тија дивоградбе“, ни кажаа тетовци.

Тетово со години нема Генерален урбанистички план. ГУП-от беше едно од ветувањата на сега новиот градоначалник Биљал Касами. Тој на сите ТВ-дебати носеше скица, сакајќи да покаже дека и не е толку тешко да се планира градбата во неговиот роден град.

Во 19.30 часот, министерот за животна средина, Насер Нуредини, веќе ја напушташе зградата на ДУИ во Мала Речица. Од прес-центарот, со погледот надолу излезе министерот Бујар Османи и се упати во погорните катови од партискиот штаб.

Внатре имаше само новинари.

Генералниот секретар на БЕСА, Хоџа најавува прослава | Фото: БИРН/В.А.

Околу осум часот, во Мала Речица стигна веста дека Касами прогласил победа.

На другата страна од градот, партиското седиште на БЕСА беше претесно за радоста на партиските симпатизери. Во прес-центарот на првиот кат од зградата немаше место игла да падне – присутните се прегрнуваа, стримаа со мобилните или им јавуваа на пријателите за победата. Некои од нив правеа селфи со екранот на кој се прикажуваа резултатите.

Црвениот столб на Касами се доближуваше до 20.000 гласа, додека зелениот на Арифи сè уште беше под цртата што означува 15.000.

Генералниот секретар на БЕСА, Аријанит Хоџа ја закажа централната прослава во 23.30 часот на тетовскиот плоштад, меѓутоа никој не го послуша. Градот веќе беше блокиран од стотици возила, заглушуваа сирените што доаѓаа од булеварот Илинденска, кој води до плоштадот. 

Таму, пак, веќе беше почнат огнометот.

ДУИ го изгуби Полог

Велат, Македонците во Тетово обично не излегуваат во вториот круг на локалните избори, гласаат во првата рунда само за листите на советници. Меѓутоа, кога некои од нив ќе се појават на гласачките места и по вторпат – е тогаш мириса на промена. 

И така било вчера, велат новинарите од градот со кои зборувавме.

Врамена верзија од Рамковниот договор во штабот на ДУИ | Фото: БИРН/В.А

ДУИ вчера го изгуби и Гостивар. Првпат по 2009 година, партијата на Али Ахмети нема свој градоначалник во двата полошки бастиони. На овој начин се комплетира изборниот дебакл на големите владејачки партии на ниво на државата.

Иако БЕСА е дел од власта, сепак таа има зошто да слави. Премиерно победи во една голема општина и нејзиниот лидер и пратеник Биљал Касами ќе го води градот во следните четири години.

Предизборната кампања ни откри дека преку 80 проценти од буџетот на Тетово доаѓа од централната власт и оти повеќе од половина од сите пари на општината се трошат на плати за администрацијата. 

Пред изборите, Касами велеше дека Тетово е во клиничка смрт, сега реанимацијата на градот е во негови раце.