Регион

БиХ: Oд масовна гробница ексхумирани шест лица

Ексхумацијата на локалитетот Хртар Град. Фото: ИНО БиХ

Обвинителството на БиХ објави дека е завршена ексхумацијата на гробницата на локалитетот Хртар Град во близина на Вишеград и дека биле пронајдени останки на шест лица.

„Првичните информации укажуваат дека посмртните останки им припаѓаат на жртви од бошњачка националност од регионот на Вишеград, а прецизни и детални информации за идентитетот на лицата, ќе можат да се дадат откако ќе заврши ДНК анализата и утврдувањето на идентитет”, соопшти  обвинителството.

Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина (ИНО БиХ) објасни дека ова се нецелосни посмртни останки.

Според ИНО, тие им припаѓаат на жртви кои најверојатно биле убиени во 1992 година и од примарна гробница биле пренесени на овој локалитет.

За време на војната, останките на жртвите честопати биле префрлани од една масовна гробница во друга, во обид да се прикријат злосторствата.