Регион

БиХ одобри нови бенефиции за воените ветерани

Парламентот на Федерацијата БиХ. Фото: Н1 ТВ

Пратениците на ФБиХ, усвоија закон за правата на демобилизираните борци, што беше едно од барањата на борците кои организираа серија протести во 2017 и 2018 година.

„Според овој закон, борците ќе можат да остварат вкупно 16 права, вклучувајќи го и правото на егзистенцијален надомест. Ова право можат да го остварат демобилизираните борци кои имаат потреба и кои се на возраст од 57 години, па нагора“, изјави за новинската агенција Фена, федералниот  министер за прашањата на борците и инвалидите на одбранбено ослободителната војна, Салко Букваревиќ.

Секој демобилизиран борец со инвалидитет и со месечен приход помал од 85 евра, ќе може да аплицира за надомест.

„Законот предвидува надомест во износ од 5 КМ (2,5 евра) за секој месец поминат во вооружените сили“, додаде Букваревиќ.

Средствата за имплементација на законот ќе бидат обезбедени со ребаланс на буџетот на ФБиХ за оваа година, со дополнителни 12,5 милиони евра доделени на седницата на Парламентот во четвртокот.

Сите демобилизирани борци, кои ги исполнуваат условите, ќе можат да поднесат барање, а потоа Федералното министерство за одбрана ќе состави конечна листа на лица кои можат да добијат надомест.

Новиот закон влегува во сила откако ќе го потпише претседателот на Федерацијата и по негово објавување во „Службен весник на ФБиХ“.

Поранешните припадници на Армијата на БиХ (АБиХ) и на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), во 2017 и 2018 година, организираа протести барајќи од пратениците да донесат нов закон, со кој демобилизираните борци ќе имаат право на бенефиции, како и да се изготви единствен регистар на борци, од кој ќе се исклучат илјадниците наводно лажни ветерани.