Отстранувањето на споменикот, поставен во чест на бошњачките затвореници, во некогашната болница за коскени заболувања во босанскиот град Столац, ги врати вознемирувачките сеќавања на тортурата што затворениците ја преживеале.
Игор Спаиќ, Столац
[cincopa AMHAnF-BHFDt]
Шеесетгодишниот Мустафа Диздар, во состојба е да зборува за она што го преживеал во некогашната болница за коскени заболувања, само доколку земе седатив.
Очите на старецот се полнат со солзи, додека покажува на белата болничка зграда, сокриена зад дрвјата во централниот двор на оваа болницата, во неговиот роден град Столац.
„Пуштаа гласна музика, за да не се слушнат врисоците што доаѓаа од ова место“, вели тој, додека бавно чекори низ комплекс, кој пред војната бил специјализирана болница за лекување на заболувања на коските, додека во војната бил претворен во концентрационен логор.
„Во месарница нема толку многу крв, колку што протече низ ова место”, вели Мустафа. Тој влегува во зградата и оди директно во малите ќелии во подрумот, каде што затворениците биле притворени, „живеејќи како кртови”.
Во дворот на болницата, во чест на жртвите што страдале во оваа болница-логор, бил поставен мал споменик од бел камен, на кој пишувало „Да не се заборави”. Меѓутоа, едно утро, на почетокот на овој месец, мештаните забележале дека споменикот го нема. Веројатно, преку ноќ, го отстраниле некои националисти.
Логорот во болницата за коскени заболувања, бил еден од центрите за притвор, формирани и водени од Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) во 1993 година, кога на Бошњаците им било наредено да ги напуштат своите домови, а клучевите да ги остават во брава.
Биле опколени. Мажите биле одвоени од жените, децата и старците и испратени во логори, а останатите биле префрлени на северот од земјата.
Џамијата, Султан Селим, и муслиманските споменици во Столац, биле уништени, во обид да се избришат сите докази дека тие живееле овде.
За случувањата во тоа време во јужниот дел на земјата, се зборуваше и пред Хашкиот трибунал.
Имено, Трибуналот во 2013 година, осуди шест високи официјални претставници на босанските Хрвати, на повеќе од 100 години затвор, за учество во здружен злосторнички потфат, кој имал за цел насилно отстранување на Бошњаците од територијата под нивна контрола, во обид да се создаде „Голема Хрватска”.
Во пресудата, како членови на овој здружен злосторнички потфат, се споменуваат и поранешниот хрватски претседател, Фрањо Туѓман, и неколку други хрватски функционери.
Во жалбената постапка, која започна во март оваа година, адвокатите на одбраната на шестмината челници на босанските Хрвати, се фокусираа на обидот да ги убедат судиите, дека Хрватска нема никаква врска со нивните злосторства.
Пресудата се очекува следниот месец.
Диздар претпоставува дека ова е причината, зошто на почетокот на овој месец, националисти го отстраниле споменикот на жртвите од дворот на болницата за коскени заболувања.
„Тие се обидуваат да ја скријат вистината, но сите тука знаеме што се случуваше”, вели Диздар, додека стои на местото на отстранетиот споменик.
„Не. Тоа не можат да го избришат од историјата“, вели тој, повторно погледнувајќи кон зградата.
„Ѕидовите беа покриени со крв. Овие ѕидови – вака изгледаат нивните души”.
Мустафа Диздар во болницата за коскени заболувања во која бил притворен. Фото: БИРН |
Од болницата за коскени заболувања, го однеле во логорот Дретељ.
„Во Дретељ имав посебен третман. Дневно добивав по три оброци ќотек и мала количина на храна“, вели Диздар.
Го терале, како што вели, да пее песни за Анте Павелиќ.
За да ги излекува раните, ја користел својата урина.
Стотици Бошњаци од Столац поминале низ болницата за коскени заболувања, каде што биле притворени неколку дена, а потоа, доколку преживеале, ги воделе во други логори.
Амер Ѓулиќ, еден топол августовски ден, во 1993 година, кога војниците ги опколиле, за последен пат погледнал кон својата куќа.
Имал 17 години и завршени три години средно училиште.
Мислел дека заради возраста, ќе го пуштат, заедно со неговата мајка, баба и дедо, да замине на територијата под контрола на Армијата на БиХ, каде што би биле безбедни. Сепак, хрватските војници го одвеле.
„Наместо да слушам музика, да излегувам со девојки и да се забавувам, во тие години размислував дали ќе останам жив, дали ќе имам доволно за јадење”, вели Ѓулиќ за БИРН.
Неговата мајка плачела и ги молела војниците да го пуштат, но без успех. Тој морал да ѝ се приклучи на колоната мажи.
„Бевме околу 10 малолетни лица. Меѓу нас беа и моите роднини, Емир, Санел, Елвир, Азер, Ибрахим … Имавме меѓу 15 и 17 години“, се сеќава тој.
„Сакав да плачам, но не можев”, додава Ѓулиќ.
Видел како неговиот постар братучед, Салем, го вади часовникот од рака и му го дава на братучед му Елвир, за да им го даде на неговата сопруга и на децата.
Подоцна Салем починал од тепање.
Ѓулиќ не знаел многу за болницата, освен дека е многу позната болница за лекување на коскени заболувања.
„Но, додека бев таму, таму се кршеа коски”, нагласува тој.
Го ставиле во една од малите ќелии во подрумот.
„Внатре беше целосна темнина. Можев да видам само некои од исплашените лица и бетонот“.
Следните три дена му го смениле животот.
„Поминав вкупно 238 дена во концентрационите логори како Дретељ, Габела и Хелидром”, вели Ѓулиќ. „Но, тие три дена и две ноќи во болницата за коскени заболувања, беа полоши од останатите 235”.
Во неговата ќелија носеле само по две конзерви со храна и векна леб. Тука првпат се сретнал со смртта.
Во ќелијата имало два кревети, во кои лежеле оние што се опоравувале од тепањето, додека другите седеле на бетонскиот под.
Претепаните логорски затвореници ги спомнувале имињата на нивните мачители, кои Ѓулиќ никогаш нема да ги заборави. Тој ги познавал сите.
Ги тепале и дење и ноќе, а понекогаш војниците одвојувале по двајца затвореници, за да носат трет, кој поради измачувањето, не можел да оди.
Некои затвореници истурале вода врз своите рани. Имале мала чешма и канта во собата, во која вршеле и нужда.
Амер Ѓулиќ. Фото: БИРН |
„Најлошо беше кога чекаш да дојде твојот ред”, вели Ѓулиќ.
Преку ден, низ зградата одекнувале врисоци.
Прв кој починал, бил шеесетгодишниот Вејсил Ѓулиќ.
„Долго го испрашуваа, а потоа само падна во ќелијата. ‘Моите соседи ме тепаа’, рече тој. Тогаш се сврте кон Салко (друг затвореник) и рече: ‘Јас сум … Јас сум …’, а потоа почина“, раскажува Ѓулиќ.
Во меѓувреме, Салем Ѓулиќ, кој веќе еднаш бил претепан, го одвеле на втора „рунда”. По еден час, војниците им рекле на двајца затвореници, да го вратат во ќелијата.
„Сфативме дека ништо не слуша. Само успеа да легне до Вејсил и едноставно испушти душа“, вели Ѓулиќ.
Тогаш еден човек, што го познавал од видување во градот, влегол во ќелијата. Носел црна капа на која имало голема буква „У” (ознака за усташкото движе).
„Почна да ме удира и мене и другите да не обвинува дека во 1992 година сме убиле некого. Потоа продолжи да го тепа Салко Каплан, постар човек кој имаше проблеми со срцето. Почина неколку дена подоцна“, рече Ѓулиќ.
„Сакав да го фатам и да го удрам од ѕид, но не можев. Чувствувате дека рацете ви се врзани“, додава тој.
Ѓулиќ и неколку други затвореници, добиле задача да ги закопаат мртвите.
„Ги поставивме еден крај друг и ги покривме со земја. Беше тоа чудно чувство, да закопувате некого, со кого сте разговарале само еден час претходно“, потенцира тој.
Ѓулиќ мислел дека најлошите работи поминале со смртта на овие двајца затвореници. Но, тогаш дошла најлошата ноќ.
Го прозвале.
„Во собата видов многу мои соседи. Ме прашаа како се викам, и јас им одговорив, размислувајќи во себе, зошто ме прашуваат кога сите ме знаат?“, Вели Ѓулиќ.
„Каде се бомбите што ти ги даде војската?” го прашале тие. „Се насмеав, се прашував за што зборуваат. Ме обвинија дека сум пукал во нив“, се сеќава тој.
Му наредиле да застане пред плакарот во собата.
„Дали ги запали нашите куќи?”, го прашале војниците.
„Не, тоа беше Југословенската народна армија, го знаете тоа!”, им одговорил тој.
„Лажеш”, викнале тие. „Удри со главата во плакарот!”.
Ѓулиќ морал да го направи тоа. Војниците му наредиле да го направи тоа повторно, секој пат сѐ посилно и посилно, сѐ додека вратата на плакарот не паднала.
Потоа му наредиле да застане крај ѕидот и да ги рашири рацете и нозете, во позиција во која ги ставале за да ги тепаат.
„Стоев таму пет минути мислејќи дека едноставно ќе издржам. Но, тие и натаму ме тепаа, барајќи од мене да признам. Како да кажам дека сум направил нешто, кога не сум го сторил тоа. Тоа беше инквизиција“.
Неколку пати паднал на под, но војниците секој пат му наредувале да стане.
Кога се преправал дека ќе се онесвести, го полевале со вода врз главата, а потоа сè од почеток.
Раскажува дека тоа траело околу еден час, сѐ додека нему непознат војник, не влегол во собата и почнал да им вика и да ги кара другите, бидејќи „тепале деца”, со што го спасил Ѓулиќ од понатамошно тепање.
„Ме фати за рака и излеговме од собата”, вели Ѓулиќ. „Не знам дали таа ноќ ми го спаси животот или не. Не го знам неговото име“.
Едно 16-годишно момче, кое било затворено заедно со Ѓулиќ, му помогнало да ги санира раните.
Следното утро, војниците ги разбудиле и им најавиле на затворениците дека ќе бидат преместени на друго место.
„Столац беше ‘исчистен’ и требаше свежо месо да пристигне”, додава Ѓулиќ.
Честопати се обидувал да разбере како размислуваат оние што ги тепале.
Неговиот одговор е дека војната им дава на луѓето нов вид на слобода.
„Многумина кои немале храброст да пукаат на линијата на фронтот, кои во мир се плашеле од секого, таму покажуваа ‘храброст’- врз деца и луѓе кои беа врзани“, заклучува тој.
Објавено и на Балканска транзициска правда