Регион

БИРН објави интерактивна Мапа на пресудите за воени злосторства

Балканската истражувачка мрежа ја презентираше единствената база на податоци на сите јавно достапни правосилни пресуди, изречени во 386 предмети за воени злосторства, од судовите во поранешна Југославија и од Хашкиот трибунал.

mapa-social-ver1

БИРН ја објави својата Мапа на пресудите за воени злосторства. Се работи за интерактивна база на податоци која обезбедува преглед на судските одлуки во врска со злосторствата извршени за време на војните во поранешна Југославија во 90-тите години.

Базата содржи вкупно 386 пресуди и претставува единствена база на податоци на јавно достапните правосилни пресуди изречени од страна на националните судови во Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Косово и во Србија.

Со неа се опфатени и пресудите изречени од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг, како и предметите во кои обвинетите починале за време на судењето пред Хашкиот трибунал.

„Додека известуваме за воените злосторства, ние како новинари, често се соочуваме со тешкотии да ги добиеме сите документи во врска со воените злосторства. Со текот на годините, акумулиравме значителна архива, а работевме и дополнително на собирање на пресуди од различни судови“, вели Марија Ристиќ, лидер на тимот кој работеше на оваа мапа.

„Имајќи предвид колку се нашите судови и натаму затворени за јавноста, веруваме дека оваа мапа ќе биде единствен извор за новинарите, студентите, истражувачите и јавноста“, додаде таа.

Базата не ги содржи и пресудите изречени од кантоналните судови во Босна и Херцеговина, судот во Дистриктот Брчко и во Република Српска, поради големиот број на случаи и сложениот процес на анонимизација.

„Во некои држави, БИРН сѐ уште чека судовите да ги обезбедат сите пресуди. Во Босна и Херцеговина е најсложено, така што и во наредните години ќе продолжиме да работиме на пресудите од локалните судови“, нагласи Ристиќ.

Според податоците од базата, досега најмалку 646 лица се осудени од страна на локалните судови, а 83 од Хашкиот трибунал, за воени злосторства извршени за време на конфликтот во поранешна Југославија, кој траеше речиси една деценија, а кој остави зад себе 125.000 мртви и 12.000 лица кои сѐ уште се водат за исчезнати.

„Исто така е важно да напомене дека базата ги открива големите размери на злосторствата извршени за време на конфликтот, но, и резултатите што ги постигнале судовите во гонењето на овие кривични дела“, рече Ристиќ.

Освен пресудите, колоната „ресурси“ вклучува и обвиненија и други информации во врска со воените злосторства. Базата содржи и врски кои ве поврзуваат со извештаите од судовите и анализите врзани за судските процеси за воените злосторства, што БИРН ги работеше во изминатите десет години.

Податоците во базата на податоци периодично ќе се надополнуваат.

Податоците за вкупниот број на смртни случаи во војната делумно ги обезбеди РЕКОМ, додека податоците за вкупниот број на исчезнати лица, Меѓународната комисија за исчезнати лица.

Базата на пресудите за воените злосторства е дел од проектот Балканска транзициска правда на БИРН, кој е финансиран од страна на Европската комисија, на Федералниот оддел за надворешни работи на Швајцарија и Фондацијата Роберт Бош.

Проектот има за цел да го подобри јавното разбирање на прашањата за транзициската правда во земјите од поранешна Југославија, во Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и во Србија.