Македонија помеѓу конфликтот и мирот

Блог на Сефер Тахири
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Полиција употреби прекумерна сила

Полициската акција остава зад себе неколку прашања кои треба да бидат одговорени! Се случи во една населба која има две различни имиња. За Албанците таа е Населба на јунаците, а за Македонците Дива населба!

Но, без разлика како се именува населбата, акцијата зад себе, освен загубени животи, остави и граѓани без покрив над главата, но пред сѐ го остави кај граѓаните оно горко чувство дека многу малку треба, ептен малку, за ситуацијата да излезе од контрола.

Со вакви кревки институции и со безбедносен систем, кој е под директна команда на партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ, една пушка може да ја претвори државата во арена на конфликти! Но, какви конфликти!

Иако конфликтот не беше меѓуетнички туку помеѓу полицијата и вооружена група, која ниту постави барања, ниту имаше политичка платформа, тој, сепак, остави многу нејаснотии и конфузија.

Како беше изведена акцијата? Дали се почитуваа меѓународните стандарди за дејствување во вакви ситуации? Уште неколку логични прашања, кои ако не бидат одговорени во разумен рок, ќе фрлат дамка на целиот настан и ќе им дадат право на сите оние кои имаат сомневања за акцијата и кои ја толкуваат како сценарио со различни мотиви.

Дали требаше да се даде ултиматум за да се повлече цивилното население? Зошто е демонстрирана диспропорционална бруталност од страна на полициските сили кон цивилите, меѓу кои имаше и деца, жени и стари лица? Има и докази од нивна страна.

Во контекст на акцијата битно е да се одговори и на прашањето дали ќе имаше помалку жртви ако имаше ултиматум за повлекување на вооружената група и зошто воопшто, во ниту еден момент не се побара групата да с епредаде, како што таа и стори на крајот?

Исто така ,како може да се кваликува една акција за успешна, кога од редовите на полицијата има 8 загубени животи, за кои министерката за внатрешни работи изрази патетично жалење? Како ќе се толкуваат мислењата на експертите за безбедност, меѓу кои и поранешни генерали, дека полицајците беа изведени како „топовско месо“ пред вооружената група!

Премиерот,Министерството за внатрешни работи, но и фактите потврдуваат дека акцијата е реализирана во урбана средина, која е густо населена и во која живеат околу илјадници граѓани!

Политички молк околу конфликтот

Македонија освен најтешките денови во историјата на безбедносен план, ги живее и најтешките денови на политички план. Имено, Македонија е соочена со големата афера „Прислушување“ во која директно се обвинува власта за прислушувањето на 25 илјади граѓани, а во самата содржина на разговорите има индиции и сомневања за вмешаност на политичарите на власт во незаконски дејства.

Наоѓајќи се во ваква ситуација и не можејќи да се соочи со реалноста, во албанската јавност има коментари и тврдења дека акцијата е сценарио на власта за да се прикријат противправните дела, да се стави во втор план аферата „Прислушување“ и масовните протести низ Скопје и градовите на Македонија против режимот на Груевски, односно владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

На тоа упатува и тајмингот, бидејќи акцијата се случува на 9 мај, точно 9 дена пред големиот најавен масовен протест на опозицијата која формираше Граѓански фронт. Многу е симптоматично што акцијата се случуваше на ден кога опозицијата требаше да обзнани„бомба“ во која се обелоденуваат коруптивни афери во редовите на фунционерите на ДУИ.

Овој судир помеѓу полицијата и вооружената група, исто така се случува само неколку дена пред објавувањето на „бомбата“ за случајот „Монструм“, во кој се убиени 4 млади и еден повозрасен македонски граѓанин, а за кои се наоѓаат во затвор граѓани со албанска припадност.

Има најави дека објавувањето на разговорите за „Монструм“ ќе имаат не само влијание врз меѓуетничките односи, туку и врз регионалните релации. Имајќи ги предвид сите овие факти, а и објавувањето на сознанијата од страна на претседателот на Македонија дека безбедносните служби имале информации за постоење на ваква групација, се создава впечаток дека свесно е одлучено акцијата да се реализира токму на 9 мај.

Наместо на 9 мај, како што првично беше планирано, ВМРО-ДПМНЕ го одржа конгресот на партијата во Куманово на 2 и 3 мај. Иако поврзаноста на ова акција со политиката е конспиративна теорија, сепак дилемите остануваат отворени. Можеби нерасчистени засекогаш!

Самата акцијата не доби „амин“ од меѓународниот фактор, а посебно не од американскиот! Американскиот амбасадор Џес Бејли само изрази сочуство за загинатите во акцијата и ја поздрави средбата на лидерите кај претседателот на државата.

Додека на денот на акцијата институциите молчеа, молк и целосна нетранспарентност имаше и кај албанските политички партии. ДУИ, иако дел од власта, дента имаше само едно штуро соопштение во кое повикуваше на ладнокрвност кај граѓаните и непотпаѓање под разните провокации. Исто зборуваше и ДПА!

Наместо да бидат на местото на настанот и да ја смируваат ситуацијата, по завршувањето на акцијата истакнуваа дека тие ја менаџирале ситуацијата. Со оглед на последиците, се работи за лошо менаџирање!

Очекувано, оваа партија не излегува од владата! Заклучува дека не се обезбедени услови за тоа, иако стратешките ориентации за интеграции во евроатланстските структури остануваат само сон, земајќи предвид дека нејзиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ не е на таа линија. Или не прави никакви чекори, а тоа го заклучи и американскиот амбасадор, Бејли според кого: „Постојаниот неуспех за посветеност со конкретни дејствија ќе го наруши прогресот на Македонија кон членството во ЕУ и НАТО“. Директна и несуптилна порака кон Владата!

Меѓуетничките односи се стабилни

Секако дека последниот конфликт во Куманово ќе има влијание врз меѓуетнички односи. Но, за среќа, не во голема мерка. Албанците и Македонците во Куманово покажаа цивилизирана умереност и созреаност, но и докажаа дека се за соживот. Населението докажа дека е на страната на мирот.

Доста им е од конфликти и немири. За разлика од 2001 година, Албанците од Македонија, Косово и Албанија не ѝ даваа поддршка на вооружената група, која беше стационирана во градско подрачје. Освен некои поранешни команданти на ОНА во 2001 година, членовите на групата се анонимуси.

Конечно сите веќе сфативме дека за градење на мирот е потребно многу време, а за разгорување конфликт – многу малку. Сѐ додека сме на работ помеѓу конфликтот и мирот, Македонија ќе се нарекува лабилна држава.

Авторот е новинар