Откако по 27 април е повеќе од јасно дека Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ заминуваат во опозиција, онаа критичка јавност што беше најгласна против авторитарната власт, сега се занимава со идеите за тоа што би требало идната гарнитура да направи или, подобро кажано, што е тоа што треба да се поправи.
И во тој кош од желби и надежи има сè и сешто.
Таму е мојата навидум обична желба за пиво по седум/девет, која не е само практична мерка оти најчесто ни се пие пиво по 19 или нешто пред 21 часот, во цајтнотот пред натпреварите од Лигата на шампионите, туку укинувањето на забраната е симболичен удар врз обидот за дисциплинирање и врз наци-намерата за апсолутна чистота на здравите тело и дух, без нула пороци и многу, многу спортски сали.
Во кошот од желби и надежи се и предлозите за подобро здравство, десетина илјади евра за секое дете со тешка болест, помалку стеги во образованието без екстерно, зголемување на платите, евтина струја, странски инвестиции и нормално, една од главните теми е прашањето: Што побогу ќе му правиме на Скопје 2014?
Јас сега немам чиста идеја што треба да се направи, ама имам предлог во која насока да се бара решението, оти по сите оние години на пркос и на спротиставување на клингонската естетика во градот, политички неизбежна е контрареакција или едноставно кажано, нешто мора да се направи со барокот.
Првата шанса да се даде некакво значење на Скопје 2014 е пропуштена и повторно за тоа е виновна кликата во заминување.
За да се подготви вистински одговор на Скопје 2014, прво треба да се обидеме да разбереме што претставува овој проект. Не од оној криминален и расипнички апсект, тој е речиси несомнен, иако допрва ќе се докажува на суд, туку зборувам за оној повторно наци-порив да се смени ликот на еден град и да се остави само личниот печат на апсолутниот суверен, водачот Никола Груевски.
Сепак, мислам дека инцијалната каписла за Скопје 2014 е желбата на паланечкиот лидер да ги крене нозете за да му стават потковици, иницијатива која до некоја мера е и разбирлива и човечка.
Со други зборови кажано, суверенот сакаше да направи приказна за Скопје, шеќерна сторија за велелепниот град со тврдини, кои во ладните ѕидови кријат векови историја на крв и победи, налик на оние што ги има Париз со Нотрдам и со Триумфалната порта, Барселона со градбите на Гауди и Рим со Колосеумот.
Тука е и главната фалинка на Скопје 2014. Не е проблемот поривот да се создаде нов наратив, тој до некаде е и разбирлив, туку суштинскиот идиотизам е тоа што паланечкиот лидер не дозволи никој друг, освен тој, архитектонски неук до небо, да кажува од што ќе се состои новата градежна бајка.
И резултатот уште тогаш беше познат, впрочем чешкиот писател Милан Кундера уште одамна рекол дека „таму каде што едно единствено политичко движење ја има сета моќ, веднаш ќе се најдеме во царството на тоталниот кич“ (Неподносливата леснотија на постоењето, 1984).
Неочекувано за мене Шарената револуција го даде одговорот за тоа што треба да се прави со барокот. Парадоксално, Груевски ја доби новата приказна за Скопје, онаа за која се бореше со „крстоносни орди“ на плоштадот во 2009 година и за која потроши повеќе од 670 милиони евра, ама ја доби приказната само и само откако Шарената револуција додаде уште неколку илјади евра за многу боја врз Триумфалната порта, Министерството за правда, Собранието и за Парламентот.
Туристите, кои наводно беа една од главните цели на проектот и на новиот наратив за Скопје 2014, нема да се луди по стиропорниот барок, мислам, да се разбереме, странците ако сакаат да видат неокласицизам, не Париз, Букурешт би го избрале пред Скопје, ама каде на светот има шарен барок?
Еден мој колега имаше предлог, во некоја блиска иднина да се наплаќа фрлањето боја на портата, и тоа секако би било туристичка атракција што и ВМРО-ДПМНЕ би ја прифатило да не ја асоцира на Шарената револуција.
Каде на светот боите на виножитото врз фасадите раскажуваат приказна, без разлика на која страна од наративот се наоѓате?
Затоа мислам дека шареното Скопје 2014 е точката каде што се спојуваа гневот и триумфот над него, од нашата страна и поривот за нова приказна за градот и поразот дека таа не може да биде само на Никола Груевски, од неговата страна.
Тоа беше местото на компромисот и оној common ground околу кој можеме да се издигнеме, општество кое ќе го симболизира нивниот барок и нашите бои, колку и да звучи тоа сега невозможно.
Се разбира, да не беше Никола баш онаков Груевски, ќе го разбереше ова и ќе ги оставеше шарени фасадите.
Не велам дека сега треба да излеземе на улица и да фарбаме повторно, таа приказна ја изгубивме и неа ни ја одзема паланечкиот лидер, ама затоа ни треба некоја нова приказна, во таа насока, која, сепак, треба да триумфира над идејата за француски клуч за спомениците и за барокот.
P.S.
Иако сум категорично против рушење на Скопје 2014, прашање е како ВМРО-ДПМНЕ би реагирала ако барем се тргне оградата околу Владата. Тоа симболично би значело многу и за старата и за новата власт, ама дилемата ми е дали Никола Груевски ќе излезе со жив штит да ја брани оградата, која може утре него да го спречи да дојде поблиску до портите на Владата?