Вести

ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла сомневањата на СЈО

Од прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ

По пресот на Специјалното јавно обвинителство во кое се обелоденети три нови истраги за делувањето на првите луѓе на ВМРО ДПМНЕ на прес конференција во седиштето на партијата, техничкиот премиер Емил Димитриев, министерот за надворешни работи Никола Попоски и пратеникот Антонио Милошоски ги отфрлија обвинувањата како тенденциозни и неточни.

„Сите обиди и политички памфлети чија цел е да се претстави некакво наводно незаконско работење на ВМРО-ДПМНЕ, на раководството и членовите, се неточни и ги отфрламе во целост. Сиот имот на партијата е законски стекнат“ рече Димитриев и го повика СЈО да поведе постапки и за стекнатиот имот на СДСМ.

„Случајот што СЈО го нарече „Траекторија“ е уште еден доказ дека се работи за обични извршители на Зоран Заев и на СДС и тоа е уште еден политички предмет. Целиот случај е базиран врз измислени работи, првата работа со која се обидува да се криеира случај е наводно предизвикување материјална штета од 155 милиони евра, штетата не постои, а целта на ваквата комуникација е да се привлече вниманието на јавноста“ рече Попоски.

„Се работи за капитален проект од кои имаат корист сите граѓани на Република Македонија, втората лага која е изнесена денес од страна на СЈО е дека не бил применет законот за јавни набавки. Во овој случај фактите велат дека Собранието уште во 2013-та година донесе закон за реализација на инфрастуктурни проекти за изградба на патната делница Миладиновци-Штип и патната делница Кичево-Штип врз основа законот на ратификација на договорот за економска и техничка соработка во областа на инфраструктурата, помеѓу владата на Македонија и владата на Кина“, додаде Попоски.

Антонио Милошоски пак оцени дека од денешниот прес на СЈО се забележуваат две цели, првата за притисоци врз судството, а втората да се издејствуваат политички пресуди договорени во некој коалиционен или политички договор.