Што донесе Пена во Тетово

Блог на Горан Јанев

Одненадеж облаци, грмотевици, дожд. И уште дожд се истури врз Шара. Наскоро реки вода јурнаа кон градот. Со себе водата повлече, камења и шут и ѓубре, пластика и го исповрати врз градот. Покрај калта во градот остана и ѓубрето и тагата по загубените човечки животи. Велат, повторно се покажа природата појака од човекот. Толку едноставно и просто оправдание. За едноставни и прости умови. А работите се малку покомплицирани иако не се несфатливи.

Човечката цивилизација се заснова на контрола и на усогласување со природата, особено користењето на водата. Првите градови никнале околу големите речни корита, откога ги скротиле. Иригационите системи се основа на човечката цивилизација со илјадници години наназад. По ова мерило Република Македонија е нецивилизирана земја.

Нас дождови нѐ поплавуваат, нас суши нѐ уништуваат. И секаде и секогаш ќе има поплави и суши, ама во поцивилизираните средини мерките на претпазливост и на заштита се максимални. Оние сиромашните економски и по дух, сиромашни како заедница, неподготвени се препуштаат на милост и на немилост на природната стихија.

Пена е дива планинска река, но на Пена има систем за заштита од наглите порои. Бетонски лавиринти, чудесни конструкции монтирани на клучни точки за да ја спречат диво да фрчи кон градот се поставени како браник уште во времето социјалистичко. Ама запустени и натрупани со ѓубре, обраснати со вегетација тие ја губат својата апсорпциска моќ.

Значи не е толку до природата и до незнаењето, туку до немарноста и до изместените приоритети. Во независна Македонија приоритети се етничките препукувања, симболички битки со знамиња, споменици, крстови и минариња. Многу средства се потрошени за овие нефункционални објекти и манифестации на политизираниот етникум, наспроти суштинските потреби на сите граѓани.

Се јавија гласови кои вината ја најдоа во исечената шума. Поради политичка претпазливост, со лошо прикриен етнички предзнак се пласира и оваа прикаска. Тоа што треба да го прочитаме е дека демек дивонаселените Албанци ја сечат и уништуваат шумата, па еве им го сега осветничкиот удар на природата.

Република Македонија со децении ја занемарува енергетската сиромаштија. Само мал процент на населението ја има привилегијата да ја има можноста да се приклучи на централно греење. Но во изминатава деценија и малце поодамна и тоа стана проблем за осиромашениот народ, па многумина се исклучуваат.
Но, на што се греат најголемиот број домаќинства во Македонија? На дрва. Од каде се дрвата, од нивните дворови? Луѓето мораат да се згреат преку зима и тука нема дискусија. Од каде и како ќе се снајдат тоа е друго прашање. Безредието во сечењето дрва ја ублажува и онака критичната општа сиромаштија во земјата со закржлавена економија.

Конечно, што ни разголи разпенавената Пена дополнително? Дивоградби. Ништо ново, но повторно непотребно етнички исполитизирано прашање. Дојденците, читај Албанците од Косово, си градат каде стигнат. Па зарем во шатори треба да живеат? Или под дрва? Тоа што нема систем за регулирање на оваа суштинска потреба, па самоникнатите населби не се никако урбанистички уредени е само уште еден показател за институционална неспособност. И тоа сè додека се удираме по гради јуначки националистички.

Повеќе од половина Македонија низ градовите и низ гратчињата нема атмосферска канализација. Половина Македонија е недоурбанизирана, по стандарди и по норми кои ги задоволуваат основните потреби на сконцентрирано, згуснато градско живеење. Дивиот урбанизам го нападна и Скопје и тоа промовиран од власта.

Цело „Скопје 2014“ е вон законска регулатива. Спомениците го избегнаа законот за споменици и споменични обележја, половина згради крај Вардар и новите мостови се изградени во забранета зона. Ако сакате да дигнете глава и погледнете кон Водно ќе видите како расте една полудива Балканска фавела, како оние латино американските над Рио, Сао Паоло.

Прошетајте низ Дебар Маало и ќе видите комшиите како си го враќаат паднатиот долен веш од зградата карши кои се испречени на половина метар една од друга. Овие полулегални сламови налик на африканските и на азиските носат друга опасност која при друга манифестација на природна сила ќе однесат многу повеќе животи отколку Пена.

Прашањата за регулирање на реките и на водотеците, прашањата за решавање на енергетската сиромаштија, плодоуживањето на заедничките јавни добра како шумите, правото на домување, развиена инфраструктура, со функционална и соодветна канализација, состојбите на улиците, патеките, транспортот и цела низа други насушни потреби сурово се испречија пред споменичната манија на владеачката етнопартиска врхушка во Македонија и погубноста од оваа политика никој не ја разголи поубедливо од разбеснетата Пена.

Нека почиваат во мир најновите жртви на македонската транзиција. Ако не се освестиме и да си ги преместиме приоритетите за дваесет и првиот век, наскоро ќе и правиме парастoс и на Република Македонија.

Авторот е универзитетски професор и член на ЛД Солидарност