Тоа е драма на самохрани мајки кои се согласуваат половина од платата да им ја враќаат на сопственикот, за тој од тие пари да ги плати „хонорарците“, тоа е тажната егзистенцијална приказна на колеги со по 40 години без ден работен стаж затоа што цел живот работеле непријавени, тоа се фактите од кои самите се срамиме јавно да ги изговориме. Фактите за молчењето, за недостоинството, за понижувањето, за согласувањето во име на „егзистенцијата“, во име на оној смешен износ што ќе донесеме дома. Се делат откази, се затвораат работни места, нови медиуми се јавуваат како проектни активности каде луѓето се буџетски ставки, а не вработени, па сепак се среќни оти нешто работат. Во очите на сопствениците, но за жал се почесто и во очите на уредниците, медиумските работници веќе не се професионалци со знаење и талент, туку бројки кои лесно можат да бидат прешкртани и заменети со нови, а принципите на професијата бајки за мали деца или убави приказни за некое „друго време“.
Затоа зборувањето или повикувањето на стандарди, на етика, на професионален интегритет за многу колеги делува дури и како навреда. Затоа што ги потсетува на недостоинството што го живеат секој ден. Со договори за вработување, ако воопшто ги имаат, кои истекуваат секој месец и кои сосема лесно можат да не бидат обновени, со плати во задоцнување, со усни аранжмани за работа кои можат толку лесно да прекинат, по десет години соработка, со една текст порака по мобилен.
Некој ќе рече дека е така во сите сектори, дека новинарите не се нешто посебни и не заслужуваат да бидат издвоени од вкупната приказна, но не е така. Ефектите од уништувањето на медиумската индустрија, нејзиното сведување на колонијален посед под контрола на еден или повеќе луди експлоататори, пауперизација на работната сила директно влијае на слободата на информирањето и изразувањето кои се претпоставка на сите други слободи и темел на човечкото достоинство.
Несигурната, слабо платена работа од новинарите прави луѓе кои не можат да се спротивстават на притисок, на авторитарни импулси или корупција. Нивната улога да бидат противтежа на амбициите за злоупотреба на моќта, без оглед од која страна таа се манифестира, е сведена на минимум.
Земја без медиуми кои имаат независна уредувачка политика, без оглед на изворите на финансирање, е земја во која новинарството полека умира и цената за тоа ќе ја плати целото општество. Затоа прашањето за состојбата со медиумите е прашање за сите, а не само прашање на новинарите, нивните синдикати и здруженија.
Затоа што кога новинарите се подложени на манипулација тие самите стануваат извор на манипулација, сензационализам, говор на омраза, платеничко – наместо информирање во полза на јавен интерес.
Затоа што новинарите кои молчат и кои се плашат нема да ги постават клучните прашања и да ги соочат моќниците со нивната одговорност и критика на нивното работење.
Затоа што малите плати, професионалната несигурност и лошиот статус ги одбива и ги прогонува од професијата талентираните и храбрите, а професионалната солидарност ја прави невозможна. Се помалку професионалци со интегритет остануваат да ја бранат професијата од „дојденците“ пропагандисти, кои се затскриваат зад благородната мисија на новинарството и го поганат јавниот простор.
Пропагандистичките медиуми не се опасни само затоа што во нив нема да ги видите вистинските прашања, истражувачките стории, темите од јавен интерес. Тие се опасни и заради тоа што делуваат деморализирачки, ја пасивизираат јавноста која запаѓа во политичко празноверие или резигнираност, се навикнува незаконитото да го смета за законито или во најмала рака „нормално“. Таквите медиуми го убиваат духот, способноста да се реагира и да се спротивстави.
Ако критичкото, слободно новинарството е столб на демократијата, промотор на дебатата, на размената на идеи и дежурен критичар на злоупотребата на власта, тогаш молчењето и игнорирањето на умирањето на новинарството со девизата дека „тоа не е наша работа“ сите учесници во јавниот живот, сите професии и сите адреси ги прави соучесници во убивањето на професијата што на сите им е неопходна. И последиците ќе ги почуствуваат сите. Без исклучок.
Авторката е претседателка на синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ)