Актуелно

Чешка, Словачка и Полска ги проверуваат своите нуклеарни скривници

Војната во Украина и нуклеарните закани на Путин ги поттикнaa надлежните од Централна Европа да фрлат нов поглед на своите стари скривници

Ноќни клубови, барови, туристички атракции, напуштени простори: скривниците за нуклеарни бомби во Централна Европа изградени за време на комунизмот најдоа различни алтернативни намени во двете децении мир што следуваа по демократските револуции.

Но, војната во Украина и имплицитните закани на Русија за употреба на нуклеарно оружје ги принудуваат централните власти и локалните самоуправи од целиот регион да подготват нови планови за цивилна заштита и да ги проверат запоставените скривници од ерата на Студената војна.

Во Чешка, Противпожарната и спасувачка служба, која е задолжена за надзор на постојаните бункери, кои само во Прага ги има приближно 800, за БИРН призна дека „повеќето“ од засолништата не се во употреблива состојба и не би биле спремни за такво нешто, сѐ додека официјално не се прогласи состојба на опасност или војна.

Во таков случај, тие би биле проверени од Противпожарната и спасувачка служба и врз основа на таа инспекција, „ќе се донесе одлука за употреба и за потребните можни измени за да може повторно да се користат како засолништа“.

Во моментов, велат од службата, би било можно да се обезбеди засолниште во овие бункери за приближно 6,5 отсто од населението на Чешката Република.

Сепак, судејќи според официјалните соопштенија, нема да има голема предност и ако се скриете во некое од нив.

„Постојаните засолништа беа градени по Втората светска војна, особено за време на Студената војна, со цел заштита од глобален нуклеарен конфликт. Сепак, технологијата значително напредуваше со текот на времето и речиси е невозможно да се обезбеди трансфер на жителите во овие засолништа, дури и кога бргу би се открила нуклеарна закана“, се вели во соопштението на Генералниот директорат на Противпожарната и спасувачка служба, кое е објавено на нивната интернет-страница.

Во 1989 година беше отворена скривница под подрумот на хотелот „Јалта“ на познатиот Вацлавски плоштад во Прага. Распослана е на два ката со капацитет да прими 150 луѓе. Наменета била да се користи како седиште под земја на државите од тогашниот Варшавскиот пакт, а се веруваше дека хотелот „Јалта“ бил изграден само како маска за да се скрие тој бункер.

Хотел Јалта на Вацлавскиот плоштад за кој се смета дека е изграден како маска за да се скрие бункерот | Фото: Jalta Hotel

Засолништето подоцна го искористила тајната полиција за да ги шпионира гостите на хотелот и странските достоинственици. Од тогаш е претворена во музеј на Студената војна.

Во Полска, владата, во почетокот на октомври им нареди на пожарникарите да ги проверат достапните подземни скривници низ целата земја.

Заменик-министерот за внатрешни работи, Масиеј Васик, тогаш рече дека врз основа на изјавите од општините, има околу 62.000 засолништа низ целата земја. Пожарникарите проверуваат дали тие се во соодветна форма за да се искористат во случај на напад, а тие што не се, ќе се модернизираат. Целиот процес е предвидено да трае два месеца.

„На некој начин ова е рутинска операција“, додаде Васик.

 „Секако дека има совпаѓање на настаните, со гранатирањето цивили во Киев, но оваа акција, сепак, беше планирана некое време“.

На прес-конференцијата што се одржа во средината на октомври, градоначалникот на Варшава, Рафал Трзасковски, рече дека полскиот главен град има околу 2.100 подземни локации, кои потенцијално би можеле да се користат како скривници, вклучително и мрежата на метрото во Варшава. Градоначалникот рече дека, врз основа на пресметките на општината, ќе биде можно да се смести целото население на Варшава, односно околу 2 милиони луѓе, во достапната инфраструктура.

Министерот Васик призна дека дел од расположливата инфраструктура е во лоша состојба, додека Трзасковски го истакна недостигот од соодветна правна основа за користење на овие објекти.

Влез во музичкиот клуб Subclub сместен во бункер под замокот Братислава | Фото: словачки Спектатор, Марко Ерд

Во Словачка, скривниците се речиси непроменети откако првпат беа изградени во 1950-тите и во 1960-тите, а сега имаат застарени системи за вентилација и снабдување со електрична енергија.

Државата дополнително го намали и онака ограничениот број скривници, продавајќи или издавајќи ги на приватни лица, со што некои станаа ефективно неупотребливи како засолништа.

„Добро знаете дека цивилната заштита е последното нешто на кое му се посветува внимание во изминатите 30 години“, изјави министерот за внатрешни работи, Роман Микулец, цитиран од весникот „Сме“ претходно оваа година.

Иако Словачка има регистрирано повеќе од 312.000 скривници со теоретски капацитет во нив да се сместат повеќе од 7,5 милиони луѓе, над 99 отсто се  визби или гаражи. Најефективните засолништа – кои се херметички затворени и може да издржат бомби, нуклеарни, хемиски или биолошки напади – бројат 1.587 и можат да згрижат максимум 288.000 луѓе, напиша словачкиот Спектатор.