Регион

Чоколадо и лаги, подарок на Ратко Младиќ за децата од Сребреница

Изудин Алиќ имал осум години, кога заедно со другите бошњачки деца во Сребреница, во 1995 година, го сретнал командантот на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, кој им дал чоколади и лажно ветување дека сè ќе биде во ред.

Пишува: Ерна Мачкиќ, Сараево

Ратко Младиќ со Изудин Алиќ во Сребреница, во јули 1995 година

Алиќ, на 12 јули 1995 година, додека силите на босанските Срби влегувале во заштитената енклава Сребреница, како осумгодишно дете бил во скутот на неговиот дедо, во базата на мировните сили на Обединетите нации во Поточари, каде што со илјадници други Бошњаци побарале спас.

„Дедо ми ме испрати по вода, кога во толпата видов група на деца … Се сеќавам дека околу нив имаше многу војници и дека им делеа нешто. Дотрчав, кога по косата ме допре човек во српска униформа и ме праша за моето име и возраст и ми даде чоколадо“, се сеќава Алиќ.

„Не се плашев, ниту пак знаев кој е тој. Мене, во тој момент, ми беше важно само чоколадото, мислам дека веднаш го изедов“, рече тој.

Видео снимката на која што Младиќ, по падот на Сребреница, на 12 јули 1995 година, во Поточари на децата им дели чоколадо, го обиколи светот.

Снимен е на почетокот на операцијата, во текот на која, во следните неколку дена, беа убиени повеќе од 7.000 мажи и протерени 40.000 жени, деца и постари лица.

Се сеќава дека Младиќ го прашал како се вика и колку години има.

„Се сеќавам оти му одговорив дека моето име е Изудин и дека имам 12 години. Не можам да ви кажам зошто го излажав тогаш. Можеби само сакав да бидам постар, не знам … Знам дека рече оти сѐ ќе биде во ред, но тоа не беше точно“, вели Алиќ.

Алиќ, пред војната, живееле со своите родители и тројцата браќа и сестри во селото Прохиќи, општина Сребреница, на границата со Србија. Откако српските сили го нападнале селото во 1993 година, Алиќ и неговото семејство побегнале во Сребреница, каде што останале до јули 1995 година.

По нападот на Сребреница, Алиќ со мајка му, браќата и сестрите, и со дедо му и баба му, заминал во Поточари, додека неговиот татко, вујко му и неговиот син, тргнале низ шумите кон Тузла, која била под контрола на босанската армија.

„Имав осум години и искрено, кога денес ќе се сетам на тоа, сфаќам оти не сум знаел што точно се случува … во Поточари беше хаос, многу војска, многу луѓе”, се сеќава Алиќ.

Во хаосот во Поточари, каде што се собрале десетици илјади луѓе, Алиќ тргнал кон една чешма по вода и се сретнал со Младиќ.

По ова, Алиќ до крајот на војната бил во бегалски камп крај Тузла, а потоа се вратил во своето родно село Прохиќи, каде што и денес живее.

Неговиот татко и роднините не го преживеале геноцидот, за кој Младиќ е обвинет.

„Не знам каде и како биле убиени. Татко ми и вујко ми ги погребавме веднаш по војната. Беа пронајдени во Каменица во близина на Зворник. Мојот братучед, синот на тетка ми, сѐ уште не е пронајден“, вели Алиќ.

Денес тој често мисли на средбата со командантот на ВРС и се прашува дали Младиќ се сеќава на него.

„Често се прашувам за ова, кога ќе го видам во судницата во Хаг. Се прашувам дали тогаш знаел дека сите овие луѓе ќе бидат убиени … Татко ми и вујко ми, целиот тој народ“, вели тој.

„Што чувствувам за него? Ништо, но мило ми е дека е уапсен и дека му се суди“, нагласува тој.

„За сѐ што направил во Сребреница, треба да одговара”, заклучува Алиќ.

Објавено и на Балканска транзициска правда