Анализи

Добредојдовте дома?

Повратниците од ИСИС се тест за способноста на балканските држави да ги реинтегрираат

На 18 јули, Северна Македонија најави дека примила назад 23 свои граѓани што ги поминале последните неколку години на боиштата во Сирија и во Ирак, а биле и членови на Исламската држава, ИСИС.

Четворица од овие 23 се барани за тероризам и ги очекува судење. Од другите, пет се жени и 14 се деца.

На сличен начин, соседно Косово објави дека вратило 11 свои државјани од Сирија, додавајќи дека станува збор за една жена и за нејзините деца.

На 1 август, Албанија врати 19 луѓе од кампот Ал-Хол во Сирија, од кои 14 се деца, а пет се жени.

Додека некои држави-членки на ЕУ одбија да ги примат назад своите државјани што биле дел од ИСИС, овие три балкански држави развија стратегии за реинтеграција и очекуваат уште повеќе повратници.

Но, долг е патот од подготвување стратегија до успешно дерадикализирање и општествена интеграција на поранешните членови на терористички организации како ИСИС, велат експерти за БИРН.

Тие предупредуваат дека нивното враќање, не само што претставува безбедносна закана, за што трите држави велат дека преземаат сериозни мерки, туку и дека луѓето не може да се реинтегрираат само од политичките центри и дека локалните заедници каде што живеат мора да одиграат уште поголема улога во овој процес.

На децата најмногу им треба советување за да ги надминат траумите, а на родителите им треба психолошка поддршка и надгледување, како и помош да најдат работа и нова цел во животот откако се вратиле дома.

Безбедносниот ризик е високо на агендата

Неидентификувани милитанти во Сирија | Фото: пропаганден флаер на ИСИС

Трите земји велат дека веќе спроведуваат истраги и вршат безбедносни проверки на повратниците што засега се сместени во специјализирани центри.

Некои, како четворицата мажи од Северна Македонија што се барани за тероризам, се сместени во притвор и истражителите работат на собирање докази за можна кривична постапка, велат од македонското Министерство за внатрешни работи.

Жените повратнички, исто така, се испитуваат за можна вклученост во инкриминирачки или во терористички активности.

Шефот на СПАК, албанското Специјално обвинителство против корупција и организиран криминал, Арбен Краја, за БИРН изјави дека жените што се вратиле во Албанија ќе бидат испрашувани во рамките на веќе постојна истрага.

„Веќе имаме отворена истрага во врска со борците што отишле во Сирија, и како дел од оваа истрага тие (жените повратнички) ќе бидат испрашувани“, рече тој.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свецла, исто така решително порача дека повратниците нема да добијат слободен влез во земјата. „Оние што извршиле злосторства, овде или во странство, ќе бидат гонети“, рече тој.

Од друга страна, косовската влада изјави дека на повратниците „им помага да се вратат кај своите семејства за да се реинтегрираат во нивните области.

БИРН се обрати до косовското обвинителство со прашања дали има тековни или потенцијални обвиненија за тероризам против повратници од Блискиот Исток, но не добивме одговор до денот на објавувањето.

Ниедна од трите земји не го знае точниот број нејзини граѓани што сѐ уште се заглавени во кампови во Сирија или на други места и што може да се вратат.

Досега повеќе од 80 лица што учествувале во борбите во Ирак и во Сирија самите се вратиле во Северна Македонија.

Според груби проценки, премиерот Зоран Заев минатата недела рече дека Северна Македонија очекува уште педесетина повратници.

Албанија, која прими назад 24 свои граѓани од боиштата во Блискиот Исток, верува дека уште 30 нејзини граѓани останале во Сирија.

Освен 11-те повратници од јули 2021 година, Косово веќе врати 250 свои државјани од конфликтните зони во Сирија.

Се нуди и медицинска и психолошка помош

Протест во Албанија за враќање на децата од боиштата | Фото: БИРН

Сите три земји засега ги чуваат скорешните повратници во посебни установи. Само Албанија ја откри локацијата каде што тие престојуваат, во пристанишниот град Драч.

Властите велат дека паралелно со проверката на безбедносните ризици, на повратниците им обезбедуваат и медицинска и психолошка помош.

Координаторот на Националниот комитет за превенција од насилен екстремизам и за борба против тероризам во Северна Македонија, Борче Петревски, вели: „Според нашите првични информации, некои од повратниците имаат потреба од двете. Некои се преморени од престојот во разни кампови во Сирија. Други, особено децата, се трауматизирани од тоа што го виделе и доживеале таму, па мора да се осигуриме дека нивното враќање дома нема да биде уште една траума за нив“.

Неговиот комитет е владино тело што ги координира активностите на 22 различни институции што се занимаваат со овој проблем.

„Затоа имаме обучени социјални работници, психолози и други експерти, кои веднаш почнаа да работат со нив, да ја проценуваат нивната состојба и да им нудат поддршка“, додава Петревски.

Но, иако владите велат дека максимално ќе се заложат да ја заштитат приватноста на повратниците, за да ги заштитат од стигматизација по враќањето дома, албанскиот премиер Еди Рама веќе направи таква грешка.

При пристигнувањето на повратниците на аеродромот во Тирана, на Фејсбук беа поставени фотографии од него како им посакува добредојде, на кои можеа да се видат лицата на некои од нивните деца.

Акциските планови усвоени, но вистинскиот тест допрва следува

„Заборавени во Сирија“, транспарент на протестите во Албанија | Фото: БИРН

Во 2019 и во 2020 година, трите држави направија нови т.н. акциски планови за да се справат со проблемот со повратниците.

Овие документи, кои беа пофалени минатата година од американскиот Стејт департмент, предвидуваат долготрајни активности од безбедносните служби и од социјалните служби за, од една страна, да ги држат на око повратниците, а од друга да им помогнат да се дерадикализираат и да се реинтегрираат.

Вистинскиот тест за овие планови ќе почне кога овие луѓе ќе бидат пуштени од државните установи и ќе се вратат во нивните локални средини.

При нивното пристигнување во Тирана, премиерот на Албанија, Еди Рама беше прашан за тоа какви чекори ќе преземат државните институции за да ги реинтегрираат жените и децата во општеството откако ќе бидат пуштени.

„Имајте на ум дека зборуваме за жени и за деца, што ја олеснува работата од аспект на безбедноста, но од психолошки и социјален аспект дефинитивно ќе треба време и поддршка, но ние сме подготвени бидејќи сме го правеле ова и за други порано“, рече Рама.

Косово, исто така, има искуство со оваа задача.

Луљета Бериша Голопени, проект-менаџер во невладината организација Косовски центар за рехабилитација на жртви на мачење (КРЦТ), за БИРН вели дека нивниот проект ја поддржува реинтеграцијата и рехабилитацијата на децата што се вратиле од конфликтните зони во Сирија и сега се повторно во образовниот систем.

Меѓу другото, невладината обучува професионалци за психичко здравје за да можат да работат со овие деца. Тие, пак, сега ги обучуваат училишните психолози и семејните доктори и сестри, кои се најчесто првите контакти на семејствата откако ќе се вратат во Косово.

Се планира обучените училишни психолози да ги пренесат своите знаења на наставниците.

Бериша Голопени рече дека КРЦТ планира да разговара со американската амбасада и со косовското Министерство за внатрешни работи за да им дозволат да почнат директно да ги третираат децата повратници од последниов период.

„Иако зборуваме за семејства, треба да бидеме свесни дека потребите на секој член на семејството се различни кога зборуваме за нивната реинтеграција во општеството“, посочи Голопени.

На децата им треба „траума-информативен пристап од сите луѓе околу нив за да се осигури дека нема да ги преживуваат истите трауми и дека ќе се чувствуваат поддржани и сакани во општеството“, објасни таа.

Активностите со родителите треба да бидат фокусирани на помош за тие да си обезбедат економска независност.

„Овие семејства, без разлика дали се децата или родителите, се соочуваат со стигматизирање во општеството, па не е лесно да се интервенира додека предрасудите против нив се одржуваат“, предупреди таа.

Министерството за внатрешни работи на Косово, или попрецизно неговиот оддел за јавна безбедност за превенција и реинтеграција, ги води програмите за реинтегрирање и ресоцијализирање.

Но, студија од Косовскиот центар за безбедносни студии, КЦСС, тинк-тенк организација, покажува дека минатиот акциски план за периодот од 2015 до 2020 година не бил целосно спроведен.

Некои од главните потфрлања споменати во него се дека најголемиот дел од луѓето што биле ангажирани да се занимаваат со оваа работа не биле ниту квалификувани, ниту имале искуство, а некои општини и училишта немале обучени психолози или социјални работници што можат да работат со повратниците и да им понудат вистинска помош.

Новата стратегија на Косово, за 2021-2016, содржи 101 различна активност за спречување на радикализацијата и за борба против тероризмот.

Сепак, се планира речиси сите овие активности да се финансираат од донации или да се спроведуваат од невладини организации, не преку буџетските линии на централните и на локалните институции.

Активностите, како обука, грантовска поддршка, ресоцијализација, поддршка на меѓуверскиот дијалог и градењето капацитети за професионалците за ментално здравје и за психолозите во училиштата, како и за центрите за социјална работа, сите треба да се финансираат од донатори.

Во Северна Македонија, локалните експерти изразуваат слична загриженост за капацитетите и за координацијата меѓу институциите.

Минатата година, земјата, исто така, усвои нов акциски план и сега се надева дека работите ќе се подобрат.

Петревски од Северна Македонија вели дека неговиот комитет се координира „со социјални работници, безбедносните сили, општините, верските заедници, училиштата и други, и дека сите тие ќе треба да се вклучат во овој долг и комплициран процес на ресоцијализација.

Локалните власти може да бидат најслабата алка

Џевдет Фидани, македонски државјанин, роднина на четири деца во Сирија | Фото: БИРН

Додека акциските планови и стратегии предвидуваат вклучување и на централните и на локалните институции, експертите велат дека локалните власти се веројатно најнеподготвени да го понесат овој товар, што може да биде Ахилова пета на целиот проект.

Организацијата на Бериша Голопени во Косово соработува со министерствата за здравство и за образование, како и со невладини организации и со општините каде што живеат повратниците, или каде што се очекува да се вратат во иднина.

Таа рече дека координацијата со сите овие институции била тешка и треба повеќе да се работи за да се утврди точната улога на секоја од нив.

Афродита Муслиу, шефицата на Нексус-граѓански концепт, невладина организација од Северна Македонија, и координатор на студија што се занимава со проблемот на рехабилитацијата, ресоцијализацијата и реинтеграцијата на повратниците, која беше објавена во 2020 година, предупредува дека резултатите може да бидат слаби ако локалните власти и организации како училиштата и верските заедници не сфатат дека мора да одиграат клучна улога.

„Нашата анализа покажа разочарувачки резултати, кога зборувавме директно со институциите, со општините“, рече таа.

„Тие не го гледаат ова како нивни проблем. Мислат дека ова е работа што треба да се реши на национално ниво, а не на локално. Но, ова не е вистина, бидејќи за да биде успешна една програма за рехабилитација, мора да се спроведува на локално ниво“, додаде Муслиу.

Таа вели дека, без разлика дали станува збор за деца и мајки, или за лица што треба да почнат да издржуваат затворска казна, сите тие на крајот ќе се вратат во локалните заедници, каде што најмногу им треба да бидат прифатени.

Муслиу, исто така, предупредува дека државите ќе згрешат ако мислат дека ресоцијализацијата треба да почне откако осудените прекршители ќе ја завршат својата затворска казна.

„Ресоцијализацијата мора да почне веднаш, дури и зад решетки“, рече таа. „Затворските чувари и другиот персонал во затворите мора да бидат обучени да работат со овие луѓе, а треба да се разгледа и можноста да се издвојат посебни делови каде што ќе престојуваат овие затвореници“.

Безбедносната закана и натаму е многу голема

Неколку инциденти ја зголемија загриженоста за влијанието на радикалите во регионот | Фото: Јутјуб

Во меѓувреме, опасноста од радикализација останува реална во регионот, како што покажуваат одредени случаи во Северна Македонија.

Во септември 2020 година, властите уапсија три наводни поддржувачи на ИСИС и повратници од конфликтните зони на Блискиот Исток, и запленија скриено оружје и експлозиви за кои се претпоставува дека требало да се искористат за напади.

Во ноември истата година, во Северна Македонија предизвика вознемирување откритието дека еден од терористите што го извршија нападот во Виена е државјанин на Северна Македонија.

Во последниот извештај на ЕУ за состојбата и трендовите со тероризмот (ТЕ-САТ), европската полициска мисија, Европол, наведува дека во 2020 година, терористички организации се обиделе да ја искористат глобалната пандемија со ковид-19 за да шират пропаганда на омраза, главно преку интернет.

Во својата анализа, Европол забележува дека, иако немало терористички напади во Западен Балкан таа година, настаните во регионот создале потенцијални закани што може да влијаат врз целокупната ситуација со тероризмот во Европската Унија.

„Поконкретно, и натаму има загриженост дека милитанти, вклучувајќи и повратници од конфликтните зони, поминуваат низ тој регион“, се вели во него.

Извештајот, исто така, нотира дека во Косово се уапсени три лица за тероризам во 2020 година, додека 21 повратник биле пуштени од затвор откако си ги отслужиле казните.

Албанија пријави дека се водат девет истраги поврзани со тероризам против 14 лица, се вели во извештајот. Осомничените не биле дел од иста група, но меѓу нив имало повратници, радикализирани затвореници и џихадисти, се додава.

Синиша Јаков Марушиќ, Фјори Синорука, Џорџина Бами