Регион

Долгогодишна агонија на жените силувани во војната во Косово

На жените од Косово, кои со години во себе страдаат поради тортурата и силувањата што ги преживеале во војната, им се нуди можност за отштета – но поради стигмата што постои, најверојатно, многу од нив, нема да аплицираат за да го добијат тој надомест.

Пишува: Сербезе Хаџиај, Приштина

Илјадници други жени, во војната во Косово, 1998-1999, биле жртви на сексуално насилство. Фото: Пиксабеј

Фата немирно ги витка своите прсти, како да ѝ е многу непријатно. Кога ќе слушне чекори во ходникот, ја прекинува својата приказна, и продолжува тогаш кога повторно ќе преовладее тишина.

Поминаа осумнаесет години од бомбардирањето на НАТО, од денот кога во месец мај 1999 година, членовите на српските сили, ја извлекле од колоната бегалци и ја силувале и малтретирале во приватна куќа во Митровица. Тогаш го изгубила и своето десно око. Имала само 16 години.

“Се сеќавам дека не држеа три дена. Не имаше 15 во една просторија. Кога се разбудив, забележав дека на десното око имам завој и дека не можам да го движам“, се сеќава таа.

Од тој ден, Фата, (име што го користиме во ова интервју) носи лузна, но истовремено, таа е стигматизирана и омаловажувана и од својата заедница.

„Тетка ми ми рече дека не треба никому да кажувам што се случило. Подобро да се убиев“, вели таа.

Илјадници други жени, во војната во Косово, 1998-1999, која заврши со интервенција на НАТО и повлекување на Србија од Косово, биле жртви на сексуално насилство, извршено од страна на српските сили.

Фата нагласува дека местото каде што ја држеле, станало центар за силување и убиства на српските сили.

“Се сеќавам дека првиот ден постојано не силуваа. Се менуваа и ја бришеа нашата крв“, вели таа.

И покрај ужасното искуство што го преживеала, таа се плаши да аплицира за статусот – жртва на воено сексуално насилство – во рамките на проектот за добивање репарации, наменет за лицата кои биле силувани во војната, кој Владата на Косово има намера да го реализира оваа година.

“Моето семејство не сака моето име да се најде на ниту еден список. Тие се сега големо семејство. Синовите и ќерките сега им се во брак и семејството се прошири. Не сакаат никој да зборува за тоа“, објаснува таа.

Фата, преку десното око, навлекува прамен од својата темна коса. Ова е веќе подолго време нејзина навика, која ја стекнала криејќи ја очната вдлабнатина, иако денес има вештачко око, кое го добила дури пред три години, со помош на една невладина организација.

Страдање во тишина

Споменикот на хероините во Приштина. Фото: kallxo.com

По долгогодишно молчење и стигматизација, Парламентот на Косово, во 2014 година, усвои закон со кој на силуваните жени им беше признат статусот – жртва, и кој им овозможи да добијат пензија од 220 евра месечно.

Кон крајот на април, Владата формираше Комисија за верификација и признавање на статусот на жртвите на насилство, која ќе ги спроведе законските процедури и ќе овозможи овој процес да почне.

„Законот го признава нивниот статус, но тие не ги уживаат истите бенефиции како и другите жртви на војната, иако често нивните потреби се поголеми”, вели за БИРН, Вепроре Шеху, од Медика Косово, организација со седиште во Ѓаковица, која ги претставува жртвите на силување.

Главните придобивки за воените жртви се семејни пензии, бесплатна здравствена заштита, предност при вработувањето, ослободување од плаќање на судски, административни и јавни такси, вклучувајќи го и данокот на имот, како и поевтина електрична енергија.

Новиот закон им овозможува на жртвите на силување да аплицираат за отштета во писмена форма и тие не мора лично да сведочат за она што го преживеале. Жртвите, исто така, не мора, но може, да приложат медицинска или полициска документација, како доказ дека биле силувани.

За да се обезбеди довербата на жртвите, владата избра четири организации, меѓу кои и Медика Косово, кои ќе ги примаат апликациите на преживеаните жртви, кои на овој начин нема да мораат лично да се соочат со членовите на Комисијата.

Арбан Абраши, министер за труд и социјална политика на Косово, чие министерство ќе го спроведува проектот за исплата на одштета, укажува дека нивото на поддршка е скромно. „Со ова нема да биде обезбедена правдата што недостасува”, изјави тој за БИРН.

Поради стравот од стигматизација и отфрлање, илјадници жени, жртви на сексуално насилство во војната, живеат со сериозни здравствени проблеми.

Семејството на Фата, на нејзиното силување гледа како на голема стигма. „Не можев да го продолжам своето образование. Беше тешко да се добие медицински третман. Моето семејство страдаше, бидејќи многу луѓе знаеја дека сум силувана и дека намерно ме оставиле без око“, објаснува таа.

Психолошкиот состојба ѝ е уште полоша, вели Фата. Таа страда од депресија, главоболки и тешка мигрена.

Поради негативната перцепција што ја има општеството, како и поради тешкотиите со кои жртвите во една сиромашна земја каква што е Косово се соочуваат при добивањето на медицински третман, некои жртви се самоубиле.

„Голем број од овие жртви починале и како резултат на семејното насилство, извршено во име на честа”, вели Шибхон Хобс, која во 2016 година предводела тим на ООН, кој подготвил извештај за состојбата на жртвите на сексуално насилство во Косово.

Тоа е затоа што многу семејства, како она на Фата, силувањето го сметаат за дамка на честа на семејството.

„Решив да се омажам, не затоа што сакав, туку за да не му бидам товар на моето семејство. Но, стана уште полошо. Семејството на мојот сопруг дозна дека сум била силувана и дека сум го изгубила едното око. Тие ни исфрлија од куќата“, раскажува Фата.

Оттогаш, заедно со својот сопруг и нивните две деца, живеат по колективни центри или во напуштени куќи, борејќи се со тешка сиромаштија.

Некои жртви на силување не биле отфрлени само од своето семејство, туку и од своите сопружници.

Маргинализирани и отфрлени, тие ја носат тежината на вината за она што им се случило.

Својата приказна за БИРН ја раскажува уште една жена, која вели дека за време на војната во Косово со нејзината сестра биле силувани во една куќа во Дечани, во западно Косово.

„Кога нејзиниот сопруг дозна, ја напушти сестра ми и двете деца и се ожени со друга”, вели таа.

Стравот од понатамошно насилство и отфрлање, се причините зошто многу жени не бараат поддршка, особено во однос на здравствената заштита, при вработувањето и добивањето на обука.

Заради ова, многу жени, како Фата, не се подготвени да аплицираат за статусот – жртва на воено сексуалното насилство.

Многумина велат дека не би знаеле како да му објаснат на своето семејство, од каде ги добиваат овие парични средства.

“Само мал број на жртви ќе се пријават”, предвидува Фериде Рушити, претседател на Центарот за рехабилитација на жртвите на тортура од Приштина.

Таа, исто така, смета дека законот е дискриминаторски.

Сегашниот закон ги опфаќа лицата кои биле жртви на напад од 27 февруари 1998 година, кога почна вооружениот конфликт во Косово, до 20 јуни 1999 година, кога по бомбардирањето на НАТО српските сили се повлекоа од Косово.

Поради ова, некои здруженија на српските жртви сметаат дека овој временски опсег, всушност, значи дека српските жртви, што преживеале сексуално насилство по повлекувањето на српските вооружени сили, нема да можат да аплицираат за овој статус.

„Силување не го вршеа само Србите, и тоа не беше вршено само во војната”, вели Рушити. „Жртви имаше на сите страни”, додава таа.

Благица Радовановиќ, претседател на невладината организација Санта Марија од Звечани, која се занимава со жртвите на семејно насилство, вели дека српската заедница не е вклучена во изготвувањето на легислативата и дека не е запознаена со ова.

„Препорачуваме да се утврди точниот број на жртви на сексуално насилство, во кој ќе бидат вклучени сите заедници погодени од војната. Не постојат информации за сексуалното насилство извршено во одмаздничките напади (на косовските Албанци)“, нагласува Радовановиќ.

Вепроре Шеху, вели дека нејзината организација згрижила три силувани жени од ромската заедница.

Хобс, исто така, смета дека има потреба од промени во законската регулатива усвоена во 2014 година.

„Законот треба да биде инклузивен. Временската рамка мора да се смени, бидејќи не ги вклучува жртвите на сексуално насилство извршено по конфликтот. Формирањето на комисијата треба да продолжи, а сите измени и дополнувања на законот можат да се донесат или паралелно, или по формирањето на комисијата“, ни изјави Хобс во разговорот што го водевме преку Скајп.

Напуштени деца

Бројот на деца кои биле родени од жени силувани во војната во Косово, никогаш нема да биде познат. Фото: Пиксабеј

Во извештајот на Хјуман рајтс воч од 2000 година, се вели дека силувањето во Косово „се користело како воена тактика за да се понижат, заплашат и насилно да се раселат цивилите на една етничка заедница и како средство за менување на демографијата на територијата”.

И додека војната избледува во историјата, за илјадници жени кои биле силувани за време на воените години, таа и понатаму останува трајна реалност.

Една од жените, која откако била силувана во војната родила бебе, вели дека паравоените сили два дена ја држеле во приватна куќа во село во близина на Пеќ.

„Не знаев дека сум бремена. Кога мојот лекар ми кажа дека сум бремена, сакав да извршам самоубиство. Имав 17 години. Ми рекоа дека сум во шестиот месец од бременоста и дека е премногу доцна за абортус“, се сеќава таа.

Во кусиот и тежок разговор што го водевме во еден од центрите кои им обезбедуваат поддршка на жртвите на насилство, таа ја раскажува својата приказна за раѓањето на бебето.

„Докторот и психологот се договорија со урологот да напишат дијагноза, дека мојот стомак расте бидејќи еден од моите бубрези не работи”, вели таа.

Невладина организација од Германија ја платила наемнината за станот во кој таа до породувањето се криела од семејството. Ни рече дека нејзиниот син бил здраво бебе: “Тој воопшто не плачеше.”

Само еднаш го подоила – а потоа се откажала од него. „Не знам каде е тој. Не сакав да знам ништо за него. Сѐ уште не сакам да знам ништо“, вели кратко, без многу детали.

Висока, црна жена, ни раскажува дека нејзиниот живот денес е подобар, но не сакаше да продолжи да зборува за сегашноста, или за себе, ниту пак да одговори дали планира да поднесе барање за статус на жртва.

Со или без овој статус, секогаш ќе се чувствува прогонувана како мајка на напуштено дете.

Бројот на деца кои биле родени од жени силувани во војната во Косово, никогаш нема да биде познат. Организациите кои им помогнале на жените кои биле жртви на силување, имаат податоци само за четири или пет случаи.

Тоа се податоци од медицинските центри во Албанија и во Црна Гора, во кои бегалците побарале поддршка.

„12 од 120 жени кои биле третирани во нашиот центар имале абортуси во Кукс, Албанија. Сите бремености биле последица на силување. Само една жена се породила, но и таа го напуштила своето бебе“, изјави Вепроре Шеху од Медика Косово.

Ниту болниците, ниту прифатилиштата за напуштени деца во Косово, немаат податоци за породувањата кои биле последица на силување или за напуштени бебиња во периодот од 1998 до 1999 година.

Сегашниот проект за исплата на отштета, на децата на преживеаните кои индиректно биле погодени од насилство, не им овозможува пристап до здравствената заштита, образованието или другите услуги.

„Треба да се најде начин со кој ќе се осигура дека децата кои се родени како резултат на силување ќе бидат вклучени во овие мерки за репарација”, потенцира Хобс.

Спорни податоци

Атифете Јахјага, претседателката на Косово во периодот од 2011 до 2016 година, е прв политичар од Косово, која заговарала усвојување на закон со кој би се им се помогнало на преживеаните и би се оспорила стигмата која ги опкружува.

„За време на својот мандат, се обидов да го подигнам секој камен за да им се овозможи да добијат признание. Околу 20.000 жени и натаму не можат да уживаат во слободата на духот и телото“, истакна Јахјага за БИРН.

Таа оформи Национален совет за лицата кои преживеале насилство, а една од иницијативите на овој совет била стратегијата за пристап кон правдата.

Бројот од 20.000 жени кои преживеале силувања, кој го спомнува Јахјага, доаѓа од неколку извори. Во извештајот на Светската здравствена организација за ситуацијата во секторот здравство во Косово, објавен во 2000 година, се вели: „Локалните организации проценуваат дека од 10.000 до 20.000 жени биле силувани помеѓу февруари 1998 година и јуни 1999 година“.

И локалната невладина организација, Центар за заштита на жени и деца, проценува дека се силувани најмалку 20.000 жени и девојки. Меѓутоа, овој број никогаш не е потврден и тој и понатаму е спорен.

Јахјага истакнува дека оваа бројка е базирана на истражувањата кои ги спровеле специјализирани организации и експерти. „Цврсто верувам дека оваа бројка е точна“, вели таа.

Од друга страна, Хобс, ја доведува оваа бројка во прашање.

„Проценката дека бројката изнесува 20.000 е базирана на погрешна примена на формулата, но тоа е направено со добра намера и со ограничени податоци кои биле на располагање. Не се работи за намерно погрешни бројки. Факт е дека никој со сигурност не знае колкава е таа бројка“, вели таа.

Она што е познато е тоа дека жените биле силувани во куќи, во воени објекти и во полициски станици. Освен што биле силувани, некои биле и тепани, на некои им биле осакатени гениталиите, некои биле избодени со нож, горени со цигари, дури и убиени.

Неостварена правда

Како и многу други, кои никогаш не биле во можност да го споделат она што им се случило, Фата тивко страдала, без остварена правда.

Само неколку жени сведочеле во предмети што се воделе пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Од септември 2016 година до денес, пред МКТЈ за виновни, покрај другите сторени злосторства, за злосторства на сексуално насилство во Косово, беа прогласени четри лица.

Се работи за Властимир Ѓорѓевиќ, поранешен помошник министер за внатрешни работи на Србија, Никола Шаиновиќ, поранешен потпретседател на југословенската влада, Небојша Павковиќ, поранешен генерал на Војската на Југославија и Сретен Лукиќ, поранешен полициски генерал.

На веб-страницата на МКТЈ се наведува дека Шаиновиќ и Лукиќ „се прогласени за виновни за сексуално насилство, со учество во заеднички злосторнички потфат, но за овие обвиненија не им се изречени осудителни пресуди”.

Во изминатите 18 години, пред локалните судови во Косово никој не е прогласен за виновен за воено силување.

Саније Салиху, добро го помни август 1998 година, кога една вечер, нејзината дваесетгодишна ќерка, не се вратила дома. Во време кога во многу области во Косово се воделе борби, нејзината ќерка, од центарот на Ѓаковица, ја одвеле со полициски автомобил.

Вјолца Салиху ја однеле и ја силувале српски полицајци. Како резултат на мачењето, ѝ бил оштетен ‘рбетниот мозок.

„Таа замина за да ја затвори продавницата. Беше 20.00 часот. Не се врати. Ја баравме секаде. Отидовме да прашаме и во полицијата, но ни рекоа дека немаат никакви сознанија за неа“, ни раскажува Санија Салиху.

Два месеци подоцна, телефонски повик од една болница во Белград, ѝ открил каде е нејзината ќерка.

„Докторите ми кажа дека таму била донесена од болница во Приштина и дека била малтретирана. Ми рекоа дека нема уште долго да живее“, се сеќава таа.

„Видов дека целото тело ѝ беше прекриено со изгореници од цигари. Гениталиите ѝ беа осакатени со нож и беше прекриена со лузни. Докторите ми покажаа уште едно нешто што не го забележав, ноктите ѝ беа откорнати“, додаде таа.

Уште една работа што не ја дознала е како нејзината ќерка пристигнала во болницата во Приштина. Изет Хима, докторот кој ја упатил Вјолца во болницата во Приштина, само неколку дена подоцна се самоубил.

Додека ја прегледува нејзината медицинска документација, фотографиите и документите, со прст ни го покажува датумот на нејзиното раѓање. Само еден ден по ова интервју, на 28 април, Вјолца ќе наполнеше 38 години.

„Сѐ што знаеше беше името на еден од полицајците. Објасни дека била врзана, дека ја силувале и ја тепале. Можеа да се видат траги од јаже на нозете. Се обиде да се самоубие во тоалетот. Се сеќаваше дека и го свиткале вратот, и од тој момент не се сеќавала на ништо“, раскажува таа.

Три години подоцна, Вјолца починала во својот дом во Ѓаковица. Оттогаш, нејзината мајка бара правда. Но, законот не предвидува надомест за семејствата на жртвите кои починале како последица на силување.

Тој се базира на општа рамка утврдена од неколку други земји и на нивните искуства, вклучувајќи ја и Босна и Херцеговина.

За разлика од БиХ, процесот на верификација и признавање на жртвите кои преживеале силување во војната во Косово, не ја предвидува можноста, нивните искази, истовремено, да можат да ги користат и обвинителствата.

Бесим Кајтази, шеф на правниот оддел во кабинетот на премиерот, кој беше на чело на тимот кој ја изработи правната рамка за исплата на отшетата, смета дека за многу преживеани жртви, тоа би било премногу непријатно.

Невладините организации кои собираат сведоштва на преживеаните, но и пратениците, објаснуваат дека Косово решило да не го следи примерот на Босна и Херцеговина, каде што сведоштвата на сведоците автоматски се споделуваат со полицијата и со обвинителството, бидејќи тоа може да им предизвика уште поголеми трауми на преживеаните и да ги одврати од сведочење, поради стравот дека ќе мора да излезат во јавност и дека јавно ќе бидат идентификувани како жртви на силување.

„Сепак, ова не треба да биде пречка, обвинителството да спроведе истрага за овие случаи”, вели Кајтази за БИРН.

Бакира Хасечиќ, претседател на здружението „Жена – жртва на војната”, и самата жртва на воено сексуално насилство, која доаѓа од Вишеград, БиХ, вели дека не е можно жртвите на силување целосно да се опорават, доколку сторителот не се соочи со правдата.

Ингер Скјелсбаек, професор по психологија на Универзитетот во Осло, Норвешка, специјализирана за сексуално насилство во конфликтите, вели дека репарациите треба да бидат тесно поврзани со другите иницијативи за правда.

„Каде и да се користело военото сексуално насилство, таму и понатаму преовладува висока култура на неказнување. Сепак, во последниве години, ова почна да се менува“, вели Скјелсбаек.

Меѓутоа, иако правдата е можеби уште далеку, а одмаздата е невозможна, за многу жртви и за нивните семејства, омразата е сѐ уште жива.

„Сакам да им ги распорам утробите со нож. Ништо друго, никогаш, не ќе може да ме задоволи“, вели Санија Салиху.

Објавено и на Балканска транзициска правда.