Неодамна драстично се зголемило количеството тешки дроги што доаѓа од Балканот во Австрија, јави државната австриска телевизија ORF во вестите емитувани во неделата.
„Дрогата сѐ повеќе се предава во приватни домови, што ги отежнува истрагите“, се вели во новинарскиот прилог.
Извештајот се повикува на изјава од Кристијан Либхаузер од државниот суд, кој вели дека количеството шверцувана дрога е зголемено од грамови на килограми.
„Порано зборувавме за грамови, а денес зборуваме и за килограми тешки дроги како кокаин или хероин“, изјавил Либхаузер.
Медиумската мрежа „Еуро актив“ (EuroActiv) објави дека на почетокот на декември, во Корушка, на тројца мажи им било судено за продажба на речиси десет килограми хероин. Во полициските рации на 13 декември, на 16 различни локации биле уапсени 11 осомничени обвинети за трговија со кокаин.
Криумчарите шверцувале кокаин од Словенија во Австрија.
Минатиот септември, Европол обвини 61 лице од балкански картел за снабдување на Европа со кокаин. Операцијата опфати осум земји и беше координирана од Европската канцеларија за сериозен организиран криминал на Европол.
Станува збор за земјите Шпанија, Хрватска, Србија, Германија, Словенија, Босна и Херцеговина, САД и Колумбија.
Во акцијата биле запленети 2,6 тони кокаин и 324 килограми марихуана.
„Оваа мобилна криминална организација имаше активни ограноци во неколку европски земји и беше составена главно од криминалци од Србија, Хрватска, Црна Гора и од Словенија“, соопшти Европол.
Според „Годишниот извештај за криминалот поврзан за дрога од 2019“ на австриската служба за внатрешни работи, построгите политики за контрола на дрогата спроведени на Балканот резултирале со „стотици апсења, заплени големи количества дрога и готовина и кривични пресуди дома и во странство“.
Извештајот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал во 2015 година ја опиша балканската рута како „можеби најважниот пат за трговијата со хероин“.
Оваа рута почнува од Авганистан, минува низ Иран и Турција, а продолжува преку Југоисточна Европа до Западна и до Централна Европа.