Регион

Дваесет и пет години отпор нa „Жените во црно“

Мировната група „Жени во црно“ одбележува 25 години од почетокот на протестите против милитаризмот и кревањето глас против заканите за насилство од страна на српските националисти.

srebrenicawomeninblack

„Жените во црно“ одржаа комеморација на 20-годишнината од масакрот во Сребреница / Фото: „Жени во црно“

Пишува: Наталиа Жаба, Белград

Во изминатите 25 години, мировната група „Жени во црно“, за време на војните и насилствата беше општествената совест на Белград. Организирала повеќе од 700 протести, демонстрации и комеморации, изразувајќи го на тој начин своето противење кон милитаризмот и репресијата.

„Жените во црно“ својот прв митинг го одржаа на 9 октомври 1991 година, пред Студентскиот културен центар во српскиот главен град, на почетокот на војната во поранешна Југославија.

„Бев целосно очајна“, изјави за БИРН основачот на оваа мировна група, Сташа Зајовиќ, сеќавајќи се на својот прв јавен отпор.

„Доаѓам од антифашистичко семејство и научена сум веднаш да реагирам, тоа го нарекуваме активирање во очај, така што и не размислуваме да се изолираме и лелекаме поради тоа“, рече таа.

„Жените во црно“ во текот на сите одржани протести молчеа, бидејќи не постојат зборови со кои би се опишала трагедијата на војната, вели Зајовиќ.

Сташа Зајовиќ

Сташа Зајовиќ

Членовите на оваа организација избраа да носат црнина, бидејќи тоа е симбол на смртта и тагата, но тоа е, исто така, бојата што ја користат некои борци и политичари кои предизвикуваат конфликти, додава таа.

„Ги киднапираме нивните симболи и ги присвојуваме како наши. Ги преземаме нивните плоштади кои им служат на нивните националистички дискурси, за нашите активности, и затоа имаме толку многу проблеми“, објаснува таа.

Режимот на Слободан Милошевиќ првично не обрнувал многу внимание на нивните активности. „Сепак, по некое време, тие сфатија“, вели Зајовиќ.

Оттогаш, „Жените во црно“ се соочуваат со речиси секаков вид на заплашување и закани, вклучително и информативни разговори во полиција, говор на омраза, нелегално притворање, распишување на потерници, одземање на пасоши, административни проблеми и смртни закани.

Но, ваков третман „Жените во црно“ имаат и долго по завршувањето на војната и падот на Милошевиќ во 2000 година.

На почетокот на оваа година, започна судењето на поранешниот портпарол на антитерористичката единица на МВР на Србија, Радомир Почуча, за загрозување на безбедноста на членовите на оваа организација, која тој ја нарече антисрпска и ги повика фудбалските навивачи да се обединат против нив.

Почуча реагираше откако „Жените во црно“ во Белград, ја одбележаа 15-годишнината од воените злосторства врз косовските Албанци, извршени од страна на српските сили.

Активистката на „Жени во црно“, Виолета Ѓикановиќ, пред судот во тоа време изјави дека организацијата добила „лавина закани“ по изјавата на Почуча, и оти таа никогаш дотогаш не почувствувала поголем страв.

Зајовиќ во тоа време за БИРН изјави дека заканите на Почуча се особено сериозни, бидејќи дошле од државен службеник во институција задолжена за спроведување на законот и спречување на насилството.

„Државата покажува дека нема намера да ги заштити активистите за човекови права, бидејќи јасно ја минимизира работата на овие организации“, рече Зајовиќ.

Годишнина без прослава

„Жените во црно“ во 2014 година, им оддадоа почит на жртвите од војната во Косово / Фото: БИРН; Марија Ристиќ

„Жените во црно“ во 2014 година, им оддадоа почит на жртвите од војната во Косово / Фото: БИРН; Марија Ристиќ

Мировната група, во текот на викендот во Белград, по повод 25-годишнината од своето постоење, организираше серија на состаноци, филмски проекции и дебати. Темите беа милитаризацијата на Европа, бегалската криза и подемот на десничарските политички сили. На настанот присуствуваа феминистки од цела поранешна Југославија, но и од Италија, Шпанија, Грција, Германија и Русија.

Зајовиќ, сепак, нагласува дека не е задоволна, бидејќи меѓународните сојузници не ја земаат предвид сегашната српска влада, кога станува збор за неделата на оваа земја во минатото.

„Како можам да слушам по конференции за геостратешките интереси на државата? Доволно е да се погледнат местата на злосторство, тоа ќе ви каже се за геостратешките интереси“, вели таа.

Истакна дека оние кои се одговорни за злосторствата извршени за време на војните во поранешна Југославија не се казнети и дека сегашниот приоритет на политиката на Владата – стабилноста, а не на одговорноста, претставува предавство на правдата.

Зајовиќ верува дека сегашната нејзина улога е организирање на средби со жртвите кои страдале во војните заради делувањето на Србија, во места како што е Сребреница.

„Обврска ми е да доаѓам од земјата агресор и да ги посетам луѓето кои претрпеле зло предизвикано од оваа држава“, вели таа.

Нагласува дека денес во Србија и пречи чувството на деморализација во контекст на социјалните проблеми, како и очајот и стравот кои ги спречуваат луѓето да преземат акција, со цел да ги сменат работите.

Сегашната влада создава ‘непријатели’ и го користи стравот кај луѓето за да ги замолчи, исто како што правеше поранешниот режим на Милошевиќ, истакна таа.

„Стратегијата на страв, што ние добро ја познаваме, е создадена со цел секој жив да молчи, да ја убие нивната витална моќ и да не одврати од проблемите против кои треба да се бориме, како што се сиромаштијата и бедата“, вели таа.

Сепак, Зајовиќ смета дека „Жените во црно“ постигнале многу во изминатите 25 години, делумно благодарејќи им и на врските воспоставени со истомислениците надвор од Србија, кои помогнале да се одржи нивната кампања против милитаризмот и насилството.

„Успеавме да создадеме голема, силна мрежа и морам да признаам дека постои ‘друг’ свет во Европа, со неверојатно ниво на енергија, полн со солидарност“, рече таа.

„Не би преживеале без оваа солидарност. Затоа мене концептот на Европа ми е толку важно, заради оваа солидарност“.

„Жените во црно“ со настан во Белград, во 2015 година ја одбележаа 25-годишнината од масакрот во Сребреница: