По неколку недели отсуство од јавноста за темата Македонија, бугарскиот претседател Румен Радев, денеска ѝ порача на владата дека мора да ги отфрли сите сомнежи дека може да го повлече ветото.
На една недела пред самитот на Европската Унија, на кој многумина потајно се надеваат на изненадување, Радев му порача на премиерот Кирил Петков дека во Брисел „мора да го брани националниот интерес“, а „парламентот и граѓаните мора да го знаат неговиот став“.
„Не може да се отстапи од рамката на Консултативниот совет за национална безбедност. Секое надитрување, обиди за промена или за заобиколување на националната позиција ќе има сериозни последици“, рече Радев.
Стефан Дечев, историчар и професор на Југозападниот универзитет во Благоевград и на Универзитетот во Софија, за БИРН вели „однесувањето на Радев е опасно и неодговорно“.
„За него ветото е веќе цел сама по себе“, вели Дечев.
Најавениот француски предлог, со кој Бугарија би ги деблокирала македонските европски интеграции, засега никој официјално не потврдува дека го видел. Ниту официјална Софија, ниту официјално Скопје.
Предлогот што ја вознемири Бугарија
Но, не е спорно дека тој постои. Неговите контури ги навестија повеќето бугарски медиуми, кои пишуваат дека Франција е спремна да ги вклучи бугарските барања во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, а за возврат официјална Софија да го подигне ветото.
Во политичките кругови во Софија, споменувањето на францускиот предлог се користи како аргумент дека Петков ќе ги „предаде бугарските национални интереси“ и ќе го подигне ветото.
Во Скопје, пак, власта воздржано одговара дека ќе коментираат од кога ќе го видат, но начелна позиција неодамна кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој рече дека е неприфатливо бугарските барања поврзани со историјата да бидат ставени во преговарачката рамка, а дека другите прашања за човековите права и така веќе се дел од Копенхашките критериуми.
Има мали шанси за францускиот предлог
И додека се бројат деновите до самитот, а бугарското владино мнозинство се распаѓа, нејасно останува како би поминал евентуален француски предлог во тамошното собрание.
Петков, во обид да ги стиши гласните тврдења на бугарските политичари дека тој лично ќе одлучи за македонското прашање, надлежноста ја префрли во бугарското собрание, во кое со денови траат преструктуирањата на силите.
Дечев вели дека треба да се почека францускиот предлог да биде на седница на бугарското собрание за да се види гласањето.
Според него, постои можност пратениците од „Продолжуваме со промената“, „Бугарската социјалистичка партија“, Движењето за права и слободи, Демократска Бугарија, некои пратеници од ГЕРБ и оние кои ја напуштија „Има таков народ“ да го поддржат укинувањето на ветото ако има француски или европски гаранции.
„Никој не може да ја отфрли целосно таа мала можност за мнозинска поддршка во парламентот за францускиот предлог“, вели Дечев.
Професорот од Правниот факултет, Ненад Марковиќ смета дека гледано од Скопје, дебатата за можноста да помине францускиот предлог наликува на „напипување во мрак“.
„Изгледа дека само малкумина се запознаени со предлогот, и тоа исклучиво на бугарската страна, што ја отежнува целата дискусија“, вели Марковиќ.
Тој не е многу оптимистичен дека сето ова може да се заврши до самитот на Европската Унија, кој треба да се одржи следната недела.
„Сè на сè, сметам дека времето е прекратко“, вели тој додавајќи дека „политичка волја не постои во Бугарија кај најголемиот дел од политичките чинители да се реши проблемот бргу, иако турбулентната состојба во која се наоѓа бугарската политика не мора да е нужно мана за евентуално решение“.
Неколку опции во Софија
Во очекување на францускиот предлог за подигнување на бугарското вето за македонските ЕУ интеграции, се случија сериозни потреси на политичката сцена во Софија. Причината за напуштање на коалицијата според лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов, е Македонија и „предавството што го подготвувал Петков“.
Дечев, анализирајќи ги можните сценарија што би се развиле на бугарската политичка сцена, вели дека не е случајно заминувањето на Трифонов од владата сега.
„Причината секако не е Македонија“, вели Дечев. Тој смета дека овој потег на Трифонов значи дека другите три партии во владината коалиција, Продолжуваме со промената, БСП и Демократска Бугарија почнале со реформите што ги плашат ГЕРБ и ДПС.
„Многу е веројатна можноста владата да не добие доверба и да падне“
Споменува пет опции за развојот на настаните на бугарската политичка сцена. Ги градира со епитетите – многу, малку веројатни и невозможни.
Тој вели дека многу е веројатна можноста владата да не добие доверба и да падне, сепак, додавајќи дека „не се исклучуваат изненадувања“. Малку е веројатно да се формира влада со нов мандат на „Продолжуваме со промената“, смета Дечев оти тие не „се подготвени за какви било компромиси со ИТН, ДПС и ГЕРБ“.
Влада формирана од ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, пак, е исклучена опција зашто јавно никој не сака да владее со нив, а не се исклучува опцијата да има нова влада со мандат на ИТН, која би се претставила како експертска и за спас на Бугарија.
„Ова е идеална опција за бугарската мафија и веројатно кон тоа се стреми“.
Последната можност се нови избори. Минатата година, Бугарите гласаа на предвремени парламентарни избори во април, јули и во ноември, а кабинетот на Петков се формираше во декември.