Анализи

Ранетата бугарска влада засега преживува

Кабинетот на премиерот Кирил Петков може да опстане и покрај повлекувањето на партијата на Слави Трифонов

Владата на Кирил Петков, која е составена од четири партии, можеби ќе изгуби една од нив, но најавеното заминување на „Има таков народ“ не мора да значи крај на неговото владеење, велат аналитичарите.

Опстанокот, сепак, може да биде и по цена на зголемено влијание на опозициската партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. На 8 јуни, Слави Трифонов, популарен шоумен и водител на телевизиски емисии од 1990-тите, објави дека „Има таков народ“, со која тој копретседава, ќе го напушти кабинетот на Петков.

„Агонијата е завршена“, рече тој во видеообјава, наведувајќи ги како причини за одлуката лошото финансиско менаџирање и незадоволство поради најавената можност Петков да го тргне ветото на Бугарија за преговорите на Македонија со Европската Унија.

Во почетокот на годината, Димитар Бечев, виш соработник во Атлантскиот совет и предавач на Универзитетот во Оксфорд, ја навести можноста за уште едни предвремени избори во Бугарија доколку коалицијата на Петков не успее да најде начин да работи заедно.

„Веројатното сценарио е малцинска влада, која одвреме-навреме ќе се потпира на гласовите на „Има таков народ“, рече Бечев.

Шест месеци подоцна, ниските бројки на анкетите што ги добива „Има таков народ“ сугерираат дека партијата не би сакала владата целосно да се распадне. Од понеделникот се чини како во самата партија да има превирања. Седум партиски членови се откажаа од „Има таков народ“ поради начинот на раководење на Трифонов, а Трифонов, пак, тврди дека биле „купени“ за да го задржат мнозинството на Петков.

„Веројатното сценарио е малцинска влада, која одвреме-навреме ќе се потпира на гласовите на „Има таков народ“, рече Бечев за БИРН по изјавата на Трифонов.

Но, тоа ќе значи поголемо влијание за ГЕРБ и нејзиниот поранешен владејачки партнер Движењето за права и слободи, предупреди тој.

„Слободно може да се каже дека „Има таков народ“ не сакаат парламентот да се распадне бидејќи новите избори ќе имаат катастрофални последици за партијата“.

Соработничка на Трифонов – нови избори „не се потребни“

Петков, копретседател на проевропската партија „Продолжуваме со промената“, рече дека е подготвен да води малцинска влада, а неговите преостанати партнери –  Демократска Бугарија и проруската Бугарска социјалистичка партија, БСП – изјавија дека ќе останат во владата, и покрај честите тензии меѓу БСП и „Продолжуваме со промената“.

Владислав Панев од Демократска Бугарија посочи дека владата планира да бара гласови надвор од коалицијата.

 „Одиме кон малцинска влада барем до септември“, рече тој во интервју за радио во вторникот.

„Потоа, ќе видиме“.

И покрај тоа што ја донесоа земјата поблиску до нови избори, од самата партија на Трифонов се изјаснија против нив.

„Не се потребни нови избори; тоа може да биде многу опасен исход“, рече пратеничката од „Има таков народ“, Ива Митева, ден по видеообјавата на Трифонов.

Трифонов го обвини Петков дека има разработена шема со Брисел за да го расчисти патот на Скопје кон пристапните преговори за ЕУ, а сето тоа зад грбот на коалициските партнери.

На 12 јуни, Трифонов даде 90-минутно интервју за Дарик Радио, што е едно од ретките негови медиумски појавувања откако влезе во политиката во 2020 година. Тој ги нарече Петков и неговиот заменик Асен Василев предавници.

„Нѐ понижуваа, постојано, на начин кој не остави понатамошна можност да бидеме партнери“, рече Трифонов.

Тој се препираше со новинарот околу контроверзиите што ги следат некои членови од неговата партија предложени за високи државни функции, како и за наводите за недоволна транспарентност во јавните трошења. Тоа особено се однесува на 1,5 милијарди евра наменети за подобрување на инфраструктурата на бугарско-турската граница.

„Сите гледаат во кристална топка за да погодат кој ги диктира одлуките на Трифонов“, напиша филозофот Тони Николов.

„Продолжуваме со промената“ ги бранеше трошењата на сопствените функционери, додека Петков вели дека, иако се надева на решение за прашањето за Македонија, сака да се спроведе и Договорот од 2017 година меѓу двете земји со кој требаше да се решава спорот околу историјата и јазикот.

Настапот на Трифонов остави многу претпоставки за тоа кои би можеле да бидат неговите вистински мотиви, поради сомнежот кај некои политички набљудувачи дека неговата партија е тројански коњ, кој работи во корист на ГЕРБ на Борисов и Движењето за правда и слободи.

„Сите гледаат во кристална топка за да погодат кој ги диктира одлуките на Слави Трифонов и кој ги пишува неговите објави и изјави на социјалните мрежи“, напиша филозофот и есеист Тони Николов на kultura.bg на 9 јуни.

„Никој не е сигурен за што станува збор кога се работи за Слави Трифонов. И се чини дека тој самиот не го знае одговорот“.

Трифонов обвини дел од сопартијците за предавство

Постапките на Трифонов се чинеше дека ѝ нанесоа штета на неговата партија. Во понеделникот, седум партиски функционери, меѓу кои и министерот за спорт, Радостин Василев, поднесоа оставки од „Има таков народ“. Тој рече дека Трифонов бил предолго време отсутен.

„Наведов премногу луѓе да веруваат дека ова вреди, измислував легенди за да го објаснам отсуството на Трифонов и многу сум разочаран од тоа како тргнаа работите“, им рече Василев на новинарите.

Слави Трифонов, лидер на „Има таков народ“ | Фото: Јутјуб

„Има сопартијци што не го виделе Трифонов две години.

Неколку часа претходно, Трифонов се огласи на социјалните мрежи тврдејќи дека некои од неговата партија „најверојатно биле купени“ за да го одржат мнозинството на Петков.

Вицепремиерот Асен Василев ги отфрли ваквите тврдења и ја обвини партијата на Трифонов дека ја напушта владата токму кога 22 нови закони и низа антикризни мерки доаѓаат на гласање во парламентот.

„Не замислував дека земјата ќе биде фрлена под автобус“, рече Василев во неделното телевизиско интервју.

Меѓутоа, кога станува збор за носењето на законите, Петков и Василев сè уште може да се обратат до „Има таков народ“, или барем до пратениците што ја напуштија партијата.

„На пример, целото законодавство што е потребно за Бугарија да го исполни планот за влегување во еврозоната на 1 јануари 2024 година ќе има потреба да добие поддршка од „Има таков народ“, бидејќи тие се за прифаќање на еврото“, рече Бечев.

„Другата можност е реконфигурација на владата со друг премиер, а координирано со „Има таков народ“ за да се смират. Но, ова изгледа малку веројатно“.

Изборите се чини како да не се добредојдени за „Има таков народ“.

Основана во 2020 година на бранот антивладини протести, партијата на Трифонов стана втора партија по парламентарните избори што се одржаа во февруари 2021 година, а потоа изборите што се одржаа пет месеци подоцна стигнаа на првото место. Но, низа погрешни чекори доведоа до пад на партијата, па на минатогодишните трети предвремени парламентарни избори што се одржаа во ноември победи „Продолжуваме со промената“, а партијата на Трифонов заврши на петтото место.

Изгледа дека последните политикантски чекори се во корист само на ГЕРБ, која, според анкетите, сега е на прво место и на крајната десница, проруската Преродба. 

Прашан за неговото мислење за владината сага, Борисов малку саркастично одговори дека не знае што се случува бидејќи поради невремето немал струја во неговата куќа.

Светослав Тодоров