Анализи

Томос виа Преспа

МПЦ автокефална без придавката „македонска“

Веста дека црковен Цариград ја вратил МПЦ во православното единство ги изненади и ги израдува верниците. Меѓутоа, овој за јавноста неочекуван чин отвори клучни прашања на кои што сè уште нема конкретен одговор ниту по неделната симболички многу важна литургија на македонските владици со вселенскиот патријарх Вартоломеј во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Истанбул.

Македонската православна црква е тивка околу целиот процес. Таа директно не кажува, меѓутоа извесно е дека го прифатила компромисот да се врати во православната екумена (заедница) под името Охридска архиепископија.

„Да ја видиме Охридската архиепископија возобновена и уредена како автокефална црква“, порача завчера поглаварот на МПЦ, владиката Стефан од древното седиште на православието.

Воздржаноста на МПЦ и на информираната јавност околу компромисот може да се толкува само како надеж дека историската  тежина на брендот „Охридска архиепископија“ ќе го компензира губењето на националната придавка

Впрочем, вселенскиот патријарх Вартоломеј неодамна изјави дека во диптихот (список) на православните цркви МПЦ може да биде впишана само без придавката „македонска“.

„Ја нарековме нивната црква Охридска архиепископија, го исклучивме терминот ‘македонска црква’ и каков било изведен збор од зборот ‘Македонија’“, изјави Вартоломеј во мајското интервју за грчката национална телевизија ЕРТ.

„Македонска“ беше и сè уште е неприфатлива за Грчката православна црква бидејќи многу од нејзините владици ја носат оваа придавка во своите називи.

Воздржаноста на МПЦ и на информираната јавност околу компромисот може да се толкува само како надеж дека историската тежина на брендот „Охридска архиепископија“ ќе го компензира губењето на националната придавка.

Во таа насока оди и неодамнешната изјава на гласноговорникот на МПЦ, владиката Тимотеј.

„Охридска архиепископија не е понижувачко име, со себе има една историја од десет века.“

Старата охридска црква датира од 1018 година и постоела до 18 век на голем дел од територијата на Балканот, протегајќи се меѓу две мориња, Јонско на запад и Црно на исток. Таа во колективната меморија се доживува како дел од процесот на формирањето на македонската нација.

Преспа како пресвртна точка

Церемонијата од потпишувањето на Преспанскиот договор | Фото (архива): Flickr на РСМ

Стремежот за автокефалност не е од вчера, МПЦ и српската црква преговараат речиси три децении, меѓутоа во процесот на враќање во православното единство, колку што биле важни преговорите со црковен Белград, уште повеќе биле битни политичките потези влечени кон Грција.

Анализата од случувањата во последниве години укажува дека пресвртната временска точка за сегашниот развој на настаните е 17 јуни 2018, кога во селото Нивици беше потпишан Преспанскиот договор.

Црковниот спор почнал во 1967 година меѓу македонската и српската православна црква, откако МПЦ се самопрогласила како автокефална, меѓутоа по независноста, проблем со постоење црква што се нарекува македонска имале/ат и многу повлијателните Вселенската (или Цариградската) патријаршија и Грчката православна црква (ГПЦ).

Црковниот спор почнал во 1967 година меѓу македонската и српската православна црква, откако МПЦ се самопрогласила како автокефална, меѓутоа по независноста, проблем со постоење црква што се нарекува македонска имале/ат и многу повлијателните Вселенската (или Цариградската) патријаршија и Грчката православна црква (ГПЦ)

Грците претставени преку Цариград, ГПЦ и трите древни патријаршии имаат силно влијание врз целата православна екумена (христијанска заедница).

Вселенската патријаршија ги има под своја капа црквите во северниот дел на Грција, оној што ние го нарекуваме Егејска Македонија. Тие верски храмови претставуваат сериозен извор на финансии за цариградската столица бидејќи обединуваат два милиони приврзаници – на тој начин имаат сериозно влијание врз одлуките што доаѓаат од Цариград.

Во минатото, токму граѓаните и паствата (верниците) од северниот дел на Грција беа најжестоките противници терминот „Македонија“ да се користи од оваа страна на границата.

Влијанието врз православната екумена, која брои 14 помесни цркви, Грците го остваруваат и преку другите цркви што се нарекуваат хеленофонски. Такви се древните патријаршии, како александриската (Египет), антиохиската (Сирија), ерусалимската (Израел) и цариградската – сите тие имаат поглавари по род Грци.

Разбирливо, Грк е првиот човек и на кипарската, но и на Албанската православна црква.

Затоа Преспанскиот договор се смета за потребниот и доволен услов за откочување и на црковното прашање.

Во истиот период додека се крчкаше Преспанскиот договор се случија настани што денес изгледаат важни за одлуката на Вселенската патријаршија да ја врати МПЦ во редот на признати цркви, чин што треба да му претходи и на официјалниот томос.

Сега СПЦ само ја следеше волјата на највлијателната и прва меѓу еднаквите цркви.

Во мај 2018, непосредно пред склучувањето на Договорот од Преспа, македонските владици и тогашниот премиер Зоран Заев писмено побараа Цариград да ја признае автокефалноста на МПЦ.

Многу бргу, следниот месец следеше средба меѓу грчкиот политички и верски врв токму за македонското црковно прашање – нешто што беше незамисливо во претпреспанската ера.

Во сегашната констелација на односите внатре во православната заедница и во актуелниот глобален политички контекст, во кој политичка Србија се обидува да балансира меѓу западот и истокот, се чини дека СПЦ и немаше маневарски простор, освен да ја прифати одлуката со која западноцентричниот Цариград ја укина шизмата врз МПЦ и го отвори патот за автокефалност

Eкспремиерот Алексис Ципрас и тогашниот претседател на Грција, Прокопис Павлопулос, на средбата со поглаварите на Грчката православна црква, Јеронимос и со Вселенскиот патријарх Вартоломеј разговарале за барањето на „црквата на Скопје“ да стане самостојна.

„Се обидуваме да ги решиме разликите што многу години попречуваат две соседни земји да имаат нормална соработка. Верувам дека можноста за решение би создало стабилност и развој на Балканот, нешто што ни е потребно, но и соработка меѓу соседни народи, кои во мнозинството имаат православна вера и ова е важен елемент“, изјави тогаш Ципрас.

Одговорот од Цариград таа 2018 година гласеше дека „ќе се преземе она што е потребно за враќање на црквата на Скопје во канонски рамки под името Охридска архиепископија“.

Во сегашната констелација на односите внатре во православната заедница и во актуелниот глобален политички контекст, во кој политичка Србија се обидува да балансира меѓу западот и истокот, се чини дека СПЦ и немаше маневарски простор, освен да ја прифати одлуката со која западноцентричниот Цариград ја укина шизмата врз МПЦ и го отвори патот за автокефалност.

Предизвици на патот до автокефалност

Господин господин Стефан го дарува вселенскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул | Фото: Flickr на РСМ

Како што се ближи доделувањето на томосот, сè поверојатно е дека при решавањето нема да важи контроверзниот „ерга омнес“ принцип.

Името МПЦ-ОА би требало да остане запишано во централниот регистар и придавката „македонска/македонски“ и понатаму да се користи во храмовите.

На овие позиции, црвената линија ја постави и Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, партија што важи за чувствителна околу идентитетските прашања и блиска до македонското свештенство.

Како што се ближи доделувањето на томосот, сè поверојатно е дека при решавањето нема да важи контроверзниот „ерга омнес“ принцип

„Сѐ додека во Уставот, во статутот на Македонската православна црква и во молитвите стои зборот ‘македонска’ ќе ја има мојата поддршка“, изјави Мицкоски за БИРН околу признавањето на МПЦ под името Охридска архиепископија.

Меѓутоа и ова решение не доаѓа без предизвици.

Бугарската историја ја присвојува старата охридска црква.

„Бугарската патријаршија е правен наследник на Плисковската архиепископија, Преславската патријаршија, Охридската архиепископија, Трновската патријаршија и Бугарската егзархија. Тоа е едно и неделиво“, пишува во Уставот на Бугарската православна црква.

Оттаму се стравувањата како тамошното свештенство и општество, кое е под напон на актуелниот политички спор, ќе се постави кога МПЦ би го добила томосот под името Охридска архиепископија.

Сепак, православната екумена не функционира по примерот на политичките заедници како ЕУ.

Технички, Цариград може да го додели томосот, и доколку бугарската црква се противи, впрочем консензус немаше ни при признавањето на украинската црква. Процените се дека во случајот со МПЦ или поточно со Охридската архиепископија, Бугарите би биле изолирани, што не беше случај со признавањето на украинската црква.

Со тој чин имаат проблем повеќе помесни цркви, не само руската.

Паралелите со украинската црква предизвикуваат главоболки и околу црковната дијаспора зашто Цариград ги презема под своја контрола храмовите надвор од границите на Украина.

Во интервјуто за ЕРТ, вселенскиот поглавар Вартоломеј објасни дека на нашата црква ѝ ги ограничиле границите на јурисдикцијата во границите на територијата на, како што потенцираше, Северна Македонија.

Православната охридска архиепископија (ПОА) на владиката Јован ќе се инкорпорира во структурите на МПЦ. Нејзините епископи веќе служеа заедно со оние на МПЦ-ОА на 24 мај при заедничката литургија со српскиот поглавар Порфириј

Дијаспората е проблем со кој се соочува целата православна заедница и не се однесува само на новопризнати и помали цркви. Едноставно, црквата не признава повеќе владици во еден град, меѓутоа во дијаспората, како на пример во Мелбурн, свои владици имаат и српската, и македонската, и грчката црква.

Оттука решавањето на овој проблем не се однесува само на македонската црква, иако околу дијаспората и МПЦ е специфична.

Грчката црква како иредентизам го сметаше однесувањето на свештеникот Царкњас, кој во Грција служеше на македонски. Веројатно и тој момент ќе игра улога во процените на која надворешна територија и како ќе биде призната Охридската архиепископија.

Најавената автокефалност ќе стави крај и на црковните поделби на територијата на Македонија. Православната охридска архиепископија (ПОА) на владиката Јован ќе се инкорпорира во структурите на МПЦ. Нејзините епископи веќе служеа заедно со оние на МПЦ-ОА на 24 мај при заедничката литургија со српскиот поглавар Порфириј.

Придобивки за верниците

Отворени вратите на другите помесни цркви| Фото (архива): Роберт Атанасовски

Враќањето на МПЦ во православната заедница ќе им овозможи на македонските свештеници да држат литургии со своите, како што ги нарекуваа, браќа од другите цркви. Се очекува и полесен пристап до високоценетите црковни училишта во Грција, како и отворени врати за монасите во Хиландар.

Одредени придобивки ќе имаат директно и верниците.

Ако во деведесеттите години на минатиот век, во македонските манастири имало вкупно пет или шест, главно стари лица, денес монашката заедница брои околу 300 припадници

Се случувало грчките свештеници да не ја признаваат крштеницата издадена од МПЦ-ОА и поради тоа македонските верници често не можеле да се венчаат со своите партнери во Грција.

Многумина поради тоа се префрлале во ПОА.

Имало и инциденти со верниците од МПЦ во некои од балканските цркви. Попови не им дозволувале да се причестат на сите што биле дел од паствата на Македонската православна црква.

За автокефалноста, познавачите заслуга даваат и на самата македонска црква. Иако МПЦ цели пет децении дејствувала надвор од екумената, сепак успеала да ја задржи и да ја развива православната автентичност. Доказ за тоа, велат упатените, е развојот на монаштвото. Ако во деведесеттите години на минатиот век, во македонските манастири имало вкупно пет или шест, главно стари лица, денес монашката заедница брои околу неколку стотини припадници.