Регион

Франција по трет пат ја одложи одлуката за екстрадиција на Харадинај

Рамуш Харадинај. Фото: БИРН

Пишува: Дие Морина, Приштина

Во четвртокот, Апелацискиот суд во Колмар, по трет пат го одложи донесувањето на одлуката за екстрадиција на поранешниот премиер на Косово и припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Рамуш Харадинај, и закажа ново рочиште на 27 април.

Харадинај пред судот потврди дека е невин и дека обвиненијата на Србија се политички.

„Тие извршија убиства, тие извршија злосторства во Косово, а мене ме обвинуваат“, изјавил Харадинај, пренесува интернет порталот Indeksonline.

Опкружен со свои сонародници Албанци, кои се собраа пред судот за да му дадат поддршка, Харадинај за медиумите изјави дека се очекуваше одлуката да биде одложена.

„Ќе почекаме уште малку, до 27 април. Ние сме во право и правото ќе победи“, изјави Харадинај за медиумите.

„Потврдено е дека сум чист, вистината беше потврдена во 2012 година. Јас не ја признавам јурисдикцијата на Србија“, додаде тој.

Хашкиот трибунал досега двапати го ослободуваше Харадинај, од обвиненијата што го товареа за воени злосторства извршени за време на конфликтот во Косово, 1998-1999.

Сепак, српските власти изјавија дека имаат нови докази за различни кривични дела за кои досега Харадинај не бил обвинет.

Според нивните наводи, тој се сомничи за убиство на цивили, вклучувајќи и убиство на бебе старо само две недели, како и за тортура и силување на малолетни лица.

Неговото апсење на францускиот аеродромот, по слетувањето од Косово, ги заостри тензиите помеѓу Белград и Приштина.

Тоа предизвика и протести на Албанците во Косово, но и во странство. Демонстрантите бараа ослободување на Харадинај, а апсењето го осудија како политички чин.

Апелацискиот суд во Колмар, на 12 јануари го ослободи Харадинај од притвор. Тој, според одлуката на судот, додека властите не донесат одлука по барањето на Србија за негова екстрадиција во оваа земја, ќе мора да остане во Франција и ќе биде ставен под судски надзор.