Во политички пресвртната 2024 година, очекувано, јавноста главно беше преокупирана со двојните избори, претседателски и парламентарни, на кои убедливо победи ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ го доживеа најлошиот резултат од формирањето.
ДУИ го зголеми бројот на пратеници, но тоа не беше доволно за да влезат во владата на Христијан Мицкоски. Тој за свои коалициски партнери ја одбра албанската коалиција Вреди. Од втората половина на годината, власта е во нивни раце.
Нереализирани владини идеи
А пред да замине во опозиција, владата на СДСМ и ДУИ се обидуваше да ги истурка законите за четирите инвеститори во енергетиката, кои требаше да добијат повластен статус.
БИРН откри дека зад едната компaнија стои почесниот конзул на Македонија во Белгија, Рајес Леменс, кој нема никакво искуство во енергетиката, што беше и еден од условите да се стане стратешки партнер. Законите за стратешки инвестиции не поминаа во Собранието.
Не помина ниту владината одлука без надомест, на трајно користење да ѝ се доделат 650 квадрати од Драмски театар во Скопје на непозната невладина организација. Потписник на одлуката беше тогашниот вицепремиер Фатмир Битиќи, а меѓу основачите на невладината организација, пак, фигурираше негов поранешен бизнис-партнер. Како резултат на истражувањето на БИРН, владата ја повлече одлуката и го врати просторот на Драмски театар.
Неизградената катна гаража – приоритет
Неколку месеци по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, на почетокот на септември, еден од проблемите со кој лично се зафати да го решава премиерот беше катната гаража до Собранието.
Во тој период истекуваа десет години откако фирмата „Анго“ ја доби градежната дозвола, а на плацот не направи ништо видливо. Поради безбедноста на објектот од витално значење, премиерот соопшти дека фирмата треба да се обесштети, а плацот да остане државен.
БИРН откри дека сопствениците на „Анго“ се лични пријатели и први соседи со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој, пак, бил и во првата комисија на Министерството за транспорт и врски, која го даде истото државно земјиште за паркинг, тогаш на друга фирма.
И додека во Собранието сè уште се подготвува законот за обесштетување, сопственичката на „Анго“, Анкица Трпковска доби државна позиција. Пратениците ја избраа за член на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, професионален ангажман за кој месечно ќе добива 2.700 евра.
Имотот на Мијалков останува кај Мијалков
Последиците, пак, од една друга собраниска одлука донесена во 2023 година се почувствуваа годинава што измина. Поради измените на Кривичниот законик што ги предложи претходната влада, а ги изгласаа пратениците од СДСМ и ДУИ, застареа повеќе предмети, меѓу кои за масовното прислушување „Таргет“, потоа за набавка на опремата на поранешното УБК „Трезор“, случаите „Моќник“, „Топлик“ и други.
БИРН анализираше неколку високопрофилни случаи и откри дека во нив, според обвиненијата, државниот буџет е оштетен за речиси 160 милиони евра. Но, поради застарувањата, никогаш во судот нема да се докаже дека таа штета е направена, ниту, пак, тие средства ќе се вратат во буџетот. Наместо тоа, граѓаните само за тие четири предмети ќе им платат над 250 илјади евра за судски трошоци на обвинетите.
Некои случаи на СЈО, пак, завршија со пресуди. Во предметот „Империја“, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков се спогоди со обвинителството, а државата му конфискува имоти, кои ги даде на јавна продажба.
БИРН откри дека на една таква аукција, всушност, сопствеништвото и не се сменило драстично. Три од четирите понудувачи биле блиски до Мијалков, а сопственик на трите стана на Водно стана „Бест Веј инвестмент“, фирмата на неговиот син Јордан Мијалков.
Друг негов имот, плацовите на Водно, кој ги делеше со неговиот братучед Никола Груевски, сè уште се во државна сопственост. Општина Центар бара да се избришат маркичките за хациендите и таму да остане шума, но од Агенцијата за управување со одземен имот инсистираат тие да останат градежни парцели. Деталниот урбанистички план за тоа подрачје во моментов е во фаза на носење.
Арапска куќа и „Бристол“ со нови сопственици
А градежниците и годинава беа активни. По децениската доминација на бизнисменот Доне Таневски во хотелско-угостителскиот гигант „Македонија турист“, главен акционер стана Скопски пазар, во кој, пак, еден од мнозинските сопственици е градежникот Фатмир Етеми.
Во „Македонија турист“ влезе уште еден градежник, Зоран Антиќ, чија фирма ги гради кулите спроти „Холидеј ин“. Потоа тој ги продаде акциите.
Хотелското акционерско друштво има десет објекти од кои повеќето хотели. Меѓу нив и скопските обележја – Арапска куќа и „Бристол“.
БИРН пишуваше дека и двајцата имаат лоша досегашна репутација, кога се работи за културното наследство. Етеми доби негативно мислење за зградите што ги гради во близина на Воена болница, а Управата за заштита на културното наследство констатирала неправилности и во работата на Антиќ, кога тој ја реновирал својата зграда во центарот на Скопје, веднаш до Арапска куќа.
Со ситни измами до големи пари
И додека на берзата се вртеа милиони, многу граѓани со телефоните в рака се обидуваа да дојдат до брза заработка.
Илјадници луѓе се навлекоа на пирамидалните шеми, кои им нудеа брз ќар преку гледање видеа или, пак, наводно дозволување на меморијата на вашиот телефон да ја користи некој за тренирање на вештачка интелигенција.
Некои заработија, а многумина завршија во минус. БИРН откри дека и двете најзастапени апликации ДГПТ и Конти, всушност, се водат на ист начин, а иста личност се појавува на различни прес-конференции во различни улоги. Апликациите веќе се згаснати, а институциите досега не презедоа конкретни мерки оти немале пријави од оштетени граѓани.
За булингот тешко до решение
Некои системски проблеми, пак, траат со децении. Институциите, и кога добиваат пријави, немаат решение.
Еден таков проблем е булингот во училиштата. Иако денес булингот се препознава како проблем, недостасува стратегија за справување. Стотина родители одговорија на прашалникот на БИРН за своите искуства, кои главно беа негативни за начинот на кој надлежните го решиле нивниот проблем.
БИРН утврди дека училиштата главно одат по линија на помал отпор и ги ставаат работите под тепих, сѐ додека не ескалираат во посериозен инцидент или некој родител не тргне да пријавува по сите можни институции. Но, и другите институции немаат доволно капацитет.
Загаден и валкан главен град без јавен превоз
Една работа се чини беше константа во 2024 година – поплаките на скопјани за немањето автобуси, пинг-понгот што го играа советниците и градоначалничката Данела Арсовска за набавката на нови и лошата состојба во Јавното сообраќајно претпријатие, која неколкупати доведе до целосен колапс.
Преку барање за пристап до информации од јавен карактер, БИРН ги доби дневните диспечерски извештаи за февруари, мај и јуни. Анализиравме вкупно околу 700 документи со над 2.000 страници. Според податоците, секој ден почнува со 20-30 автобуси помалку, а во текот на денот, дополнително поради дефекти или немање нафта, нивниот број се намалува.
Ваквата ситуација несомнено ќе трае и во новата година. Локалните избори наесен ќе донесат нова градска власт, но наталожените проблеми во ЈСП, ниту, пак, законската процедура за набавка на нови автобуси не ветуваат брзи решенија.
Јавниот превоз не беше единствениот проблем за скопјани. Градот е валкан, со отпадоци насекаде, а граѓаните што сакаат да бидат совесни и да рециклираат, ги чека пат некогаш долг и километри.
Пластиката може да се фрли во посебни вендинг машини, кои ги нема многу, корпите за стакло се почести, а најмногу чекори треба да се поминат за да се ослободите од хартија.
Системот покрива само три отсто од главниот град.
Но, затоа загадениот воздух го покрива речиси цело Скопје, па се бројат деновите во кои не е отровно да дишете. И политичарите секоја зима се гласни за оваа тема, за разлика од предизборната кампања, во која прашањето за животната средина беше ставено на маргините. Можеби затоа што изборите беа напролет.