Голема афера и празно обвинителско столче

Коментар на Васко Маглешов

Од брмчењето на изборната кампања не можеше да се чуе тишината со која беше „закопано“ првото судење за запленетиот 1,3 тон марихуана во кавадаречко Сопот.

За ваква мегаафера, која лани „на сите тапани“ одекна во јавноста на првото судење, не дојде обвинител. И никому ништо.

Истражувањето на БИРН покажа дека полицијата и обвинителството различно мереле што е марихуана, а што е коноп. Но, тоа е друга тема.

Последните информации за македонскиот случај се дека запленетата материја се чува во магацин за сладолед во скопски Бутел. Таму лани стражареа и полицајци од ЕБР.

МВР, кое инаку во билтените се фали за секој најден грам дрога, безмалку на фанфари лани објави и видео и фотографии од настанот. Но, наместо брза разврска, како да се погреба интересот на јавноста за случајот.

Следното судење ќе биде дури в година, кога ќе се навршат безмалку две години од полициската акција и кога би требало да се појави обвинител на судењето.

Причината за првото одлагање се обвинителските „недоразбирања“ за тоа кое обвинителство треба да го води предметот. Оваа „стручна историја на судир“ тлее долго. 

И не само тоа. До толку се оставаше впечаток како Обвинителството да не е на чисто што да прави со предметот, што судот не бил ниту формално известен дека има објективна пречка за да се појави обвинител на судењето.

Настрана од тоа што овој случај, практично од почетокот, го следат нејаснотии, неразбирливо е како Обвинителството половина година не успеало со себе да се договори за надлежен обвинител.

Имало и други слични примери за вакви крупни случаи.

На пример, лани на судењето за случајот „Армиско оружје“, на кое присуствуваше БИРН, исто така не дојде обвинителката за гонење организиран криминал.

Ова до толку повеќе што предметот го почнал еден, а го наследиле други обвинители, кои безмалку како да се „накалемени“ на предметот. Обвинетите тврдеа дека со години не им доаѓа обвинител на судењата, односно како обвинителите да не сакаат да го застапуваат предметот, па како свесно да го оставаат на страна.

Да бидеме на чисто. Има и објективни причини поради кои обвинител може да не се појави на судењето, како на пример, кога има закажани две различни рочишта во исто време.

Но, тоа не е оправдување.

Од друга страна, судот е многу агилен кога треба да ги искара адвокатите за неприсуство на судењето зашто отишле на друго судење, па дури и да ги казни. За обвинител – тоа речиси и да не се случило.

Судот многу често не добива образложенија зошто нема обвинители на судењата.

Се случувало на рочишта, судиите да морале да ги бараат обвинителите на телефон за да знаат дали да ги одржуваат или одложуваат судењата.

Дека историјата на вакви „неприсуства“ не е инцидентна, говорат и медиумските написи, кои ги вадат статистиките за одлагања.

Па така, за една и пол година, од 2017 до средината на 2018, во скопска единица, на дури 672 рочишта не се појавил обвинител. Од нив, на 650 не се појавил обвинител во одделот за предмети од oдделот за кривично полнолетни.

Ако прашате во Обвинителството, сигурно ќе речат дека причината е тоа што им недостигаат обвинители, за што апелираат со години.

Но, едноставно за ваков голем случај, Обвинителството мора да има издржана причина зошто не се појавил обвинител, особено ако се знае дека првото судење е закажано уште пред половина година.

Дали можеби ова недоаѓање е знак дека обвинителството ретерира од обвинението? Тоа засега се само претпоставки.

Не се знае ниту дали в.д. шефицата на Скопското обвинителство или државниот обвинител се заинтересирале зошто за ваков предмет немало присутен надлежен обвинител.

Но, таму и времето застанало, па уште човек, наместо софтвер, одлучува кој обвинител ќе го работи предметот.

По сè изгледа дека правната држава најубаво се гледа кога никој не ја гледа.