Кочанско гори, МТВ се чешла

Коментар на Васко Маглешов

Додека на социјалните мрежи жителите на Кочанско вчера споделуваа апокалиптични фотографии и видеа од огнените стихии и коментари дека буквално „републиката е во пламен“, алудирајќи на опасноста огнот да се доближи до градот, за националниот сервис поголема вест беше одбележувањето на Илинден.

И неспорно е дека чествувањето треба да има место во сценариото за вести.

Но, кога социјалните мрежи вријат од апели за помош, кога се споделуваат информации дека состојбата многу лесно може да распламти, да се дава приоритет на вакви извештаи е кардинална новинарска грешка.

Беше исто како да гледате филм од магот на филмскиот надреализам, Луис Буњуел.

На видеата што беа споделени, жителите во паника со кофи и лопати се обидуваат да се борат со огнот, траорни фотографии ги преплавија Фејсбук и Твитер, противпожарни екипи почнаа да пристигнуваат од цела држава, премиерот и министрите ја напуштија прославата за Илинден и се упатија во Кочанско, додека на МТВ одea пораки на политичарите со наслов „Грижата за луѓето – манифест на новото време“.

Небаре „од нафталин“ извадена старата „Село гори, баба се чешла“.

Поточно, во централниот дневник на МТВ, веста за силните пожари во Кочанско се најде дури по 20-та минута (некаде пред вестите од регионот), а во најавниот форшпан воопшто и ја немаше.

Беше по малку апсурдно што двојно поголема минутажа за пожарите им беше посветена на пожарите во Турција и во Грција, отколку за она што се случува дома.

А претходно за да видите што и како информира јавниот сервис за пожарите, гледачите мораа да го изгледаат речиси топтан протоколарното чествување на Илинден (што е безмалку идентично секоја година), стерилните пораки на политичарите за обединување, иселеничката средба во Трново, пораките на лидерот на опозицијата од Ташмаруништа…

Дури и дневната статистика за ковид се најде пред веста за пожарите во Кочанско.

„Пожар во Кочани. Во гаснењето се вклучени пожарникарски возила и граѓаните“.

Оваа кратка безживотна најава на презентерката на дневникот воопшто не упатуваше на тоа дека состојбата во Кочанско е алармантна, односно дека црвената тревога одамна е вклучена и градот бара помош на сите страни.

Всушност, најавата за пожарот во Кочанско беше за изјава од градоначалникот на Кочани, кој раскажува дека мака мачат да го стават огнот под контрола.

Некој веројатно во шега ќе рече дека далеку е Кочани од Скопје, па дека треба време за да „допатува“ веста. Но, настрана од лефтерниот и забавен вординг, ситуацијата беше драматична, судејќи по големината на опожарената површина, неколкуте куќи што беа проголтани од огнот, десетината пријавени со проблеми во дишењето, кои се упатија во кочанската болница, па ако сакате и по полноќните изјави на пола Влада од Кочанско.

Некои национални телевизии (кои оправдано препознаа дека овој настан, сепак, заслужува посериозно медиумско внимание) емитуваа вонредни вести, други организираа линковски вклучувања.

Јасно е дека МТВ со децении не може да излезе од проблеми како што се малку пари, немање дописници и друг кадар.

Но, и покрај сево ова, најмалку што можеше да направи е да обезбеди телефонски изјави од директорот на Центарот за управување со кризи, од Дирекцијата за заштита и спасување и најважното од сѐ, да ги информира граѓаните пред „бајатите“ прилози за Илинден, кои веќе беа емитувани во претходниот дневник.

Ова од причина што, точно во вакви ситуации МТВ треба и мора да покаже дека е јавен сервис и оти навремените информации се најважната работа за граѓаните да бидат навремено информирани, меѓу другото и за да не се внесува паника кај населението.

И додека (повторно од втора) се чека новиот програмски совет на МТВ, останува горчливата констатација дека јавниот сервис одамна не е сервис, туку пациент на апарати за дишење. Колку за да се одржува во живот.