Костас Калергис Балкански | Дистомо, Коринт, Атина и Белојаниц
Под зелените падини на планината Парнас во централна Грција, малиот град Дистомо е невообичаено полн со луѓе. Посетителите дошле да ја одбележат 70-годишнината од масакрот во Дистомо, еден од најлошите нацистички злосторства во земјата, кога биле убиени повеќе од 200 цивили.
На еден рид, каде што се наоѓа споменикот на жртвите, грчки и германски средношколци ја изведуваат претставата „Деца на војната”, театарска ода за мирот. Во позадината се проектираат фотографии од нацистичките сили на Акропол во Атина и најновите слики со мртви деца во Сирија. Публиката гледа во длабока тишина.
Во кафулињата во градот, атмосферата е нормално погласна и повеќе политизирана. Порано или подоцна, се споменува името на Марија Сидери-Цами.
Тројца членови од семејството Сидери-Цами биле убиени во масакрот во Дистомо. Сепак, 23-годишната девојка која беше кандидат на регионалните избори во мај минатата година за „Златна зора“, партија што обично се опишува како нео-нацистичка и стана многу позната во последниве години во Грција.
Сидери-Цами го обвинува комунистичкото движење на отпорот за масакрот, велејќи дека тие ги предизвикале нацистите со организирање на заседа. „Тие знаеја дека Германците ќе се вратат во селото да ги убијат луѓето ако бидат нападнати”, изјави таа во интервју за локален блогер кое беше снимано на споменикот.
Приврзаноста на Сидери-Цами со екстремната десница може да изгледа необично. Но, дури и луѓето чии предци се убиени од нацистите или имале семејна традиција на наклонетост кон левицата за време на Втората светска војна се приклучиле на „Златна зора“, која што го искористи гневот заради длабоката економска криза во Грција и разочараноста во традиционалните политички партии.
Пред изборите во мај, „Златна зора“ гордо го прикажуваше видеото со интервјуто на Сидери-Цами на својата веб-страница. Но, нејзината изјава не беше прифатена со голем ентузијазам на локално ниво.
„Тоа е срамота”, вели 84-годишната Марија Сехремели, далечна роднина на Сидери-Цами.
Сехремели го преживеала масакрот криејќи се под телото на убиениот сосед.
„Комунистите не го убија Дистомо, комунистите сакаа да го убијат непријателот”, вели таа.
Лузна од заскитан куршум од масакрот сѐ уште стои на ногата на Сехремели. Секоја година, таа почнува да се чувствувате лошо два дена пред комеморацијата. На оваа годишнина, таа земала два аспирина до пладне за да го намали својот крвен притисок.
Седејќи на маса во нејзината дневна соба, Сехремели вели дека никогаш не зборувала за масакрот со нејзините внуци, не сакајќи да ги вознемири или да ја пренесе омразата од тоа време. Но, се премисли откако се вознемири од подемот на „Златна зора“.
„Дали тие го сакаат најдоброто за Грција? Со убивање луѓе? Правејќи ги сите овие грди работи и пцуејќи на телевизија?” вели таа за партијата. „Може да се каже какви луѓе се“.
По неколку децении на маргините од политиката, „Златна зора“ доби многу пошироко внимание во 2010 година со националистичката, анти-имиграциска и често насилна агенда. Медиумите и академиците ја етикетираа партијата како нео-нацистичка или фашистичка, но нејзините членови негираа каква било поврзаност со национал-социјализмот.
„За мене, не е во ред да се заземе идеолошки став поради нешто се случило во минатото”
членот на Златна Зора, Никос Куракос
Подемот на партијата се совпадна со новото зголемување на расистичките напади врз емигрантите.
Ова насилство со години остануваше неказнето, сѐ додека еден човек со блиски врски со „Златна зора“ не го уби антифашистичкиот рапер Павлос Фисас, во предградие на Атина во септември 2013 година. Убиецот беше уапсен и владата започна со казнување на партијата.
Денес шест високи партиски членови, вклучувајќи го и лидерот Никос Михалолиакос, се наоѓаат во затвор во очекување на судење под обвинение за управување со криминална организација. Судскиот процес, кој партијата го гледа како политички прогон, се очекува да започне подоцна оваа година.
И покрај претстојното судење, политичката сцена на Грција е во такви превирања, што Сехремели вели дека таа се плаши оти „Златна зора“ би можела да ја преземе власта и да предизвика нова граѓанска војна.
На последните избори таа гласала за левичарска партија, како и секогаш.
Нејзиниот покоен сопруг се приклучил на воениот партизански отпор за ослободување на Грција од германската окупација. Во тоа време, тој го поддржал комунизмот и им останал верен до крајот на својот живот.
Приказната на семејството е типична за многумина во Грција – политичките традиции биле воспоставени во Втората светска војна и се задржале со генерации потоа.
Идеолошки недоразбирања заради старите лузни
Германија изврши инвазија врз Грција во април 1941 година. Стотици илјади Грци ги загубија своите животи во текот на следните три години, како резултат на борбите, депортацијата во концентрациони логори, германски одмазди и глад.
Отпорот беше организиран од страна на разни групи, но комунистите беа најистакнати, брзо етаблирајќи се во речиси сите делови на Грција. Од друга страна, како и во остатокот од окупирана Европа, многу Грци соработувале со Германците, вклучувајќи ги нацистичките симпатизери и националистите.
По војната, левичарите и десничарите започнале да се борат за власт. Политичката битка наскоро довела до крвава граѓанска војна која завршила во 1949 година со пораз на левичарите.
Димитрис Псарас, истражувачки новинар, кој ја истражувал грчката екстремна десница од 1980-тите, нашол многу случаи каде што анти-комунистичката идеологија на предавниците се пренесувала на нивните деца и внуци.
Некои од овие луѓе биле меѓу лидерите на воената хунта која владеела од 1967 до 1974, а некои се на политичката сцена, сега со „Златна зора“. Лидерот на партијата, Михалолиакос доаѓа од семејство на предавници.
Но, мал број од членовите на „Златна зора“ и гласачите имаат сосема поинакво семејно потекло.
Пионерот Јоргос Герменис има многу убави спомени од својот дедо по мајка, Панајотис Гризиотис. Тој го памети како „модерен дедо”, кој секогаш бил близок до помладите генерации.
За време на војната Гризиотис бил комунистички партизански лидер во западниот дел на Грција. Кога неговата ќерка имала 10 години, тој ја праќал да го донесе во тоа време нелегалниот весник на Комунистичката партија на Грција (ККЕ).
Таа исто така станала комунист кога пораснала. Го родила Герменис и имала навика да го носи нејзиниот мал син во рацете додека ставала постери со партиските другари за годишниот митинг за 1 мај во Атина.
Нејзиниот син сега е еден од најистакнатите пратеници од редовите на „Златна зора“ и првиот член од извршната власт на партијата што јавно признал, во 2012 година, дека неговиот дедо бил комунистички партизан.
Неговото откритие било голем шок за левичарите, кои не можеле да сфатат како некој со такви семејни традиции би можел да заврши во екстремната десница.
Герменис е моментално во затвор во очекување на судењето со остатокот од раководството на партијата. За оваа статија, тој даде писмени одговори на прашањата што му беа предадени од страна на неговата сопруга кога го посетила во затворот со максимална безбедност Коридалос во Атина.
„Комунистичката партија се претвори во буржуазиска партија. По толку многу години на политичката арена тие станаа професионални револуционери”, вели тој.
Според Герменис, луѓето кои некогаш биле комунисти или социјалисти се меѓу најжестоките подржувачи на „Златна зора“.
„Тие сметаат дека партиите што сите овие години ги следеле ги предале!”, вели тој.
Герменис се приклучил на редовите на „Златна Зора“, во почетокот на 1990-тите, кога духот на национализмот го прогонувал Балканскиот Полуостров. Неговите родители дознале за неговото идеолошка разидување многу подоцна.
Прочитајте го интервјутона Јоргос Герменис тука.
Тој вели дека никој во неговото семејство не се обидел да го премисли, ниту пак тој се обидел да ги премисли нив. Според Герменис, неговата мајка, сега смета дека „Златна зора“ е вистински револуционерна партија.
„На нашите собири таа не ги виде вообичаените партиски приврзаници и политички именувани директори, туку луѓе од соседството, работници, оние кои заработуваат за леб и беше импресионирана од нив”, вели тој.
Двоен парадокс
Таквите обични луѓе и нивните борби имаа големо влијание врз Тасос Папајани. Тој вели дека бил шокиран од порастот на самоубиства поврзани со економската криза во неговиот роден регион Коринт.
Папајани, кој е во раните 40-ти, не сака да биде нарекуван таксист, освен ако не вози грчки клиенти. Поголемиот дел од својот ден, тој е шофер што ги носи богатите странски туристи во антички Коринт, околу 80 километри западно од Атина.
Неговите родители емигрирале во Австралија кога имал две години и тој сѐ уште се сеќава на тоа колку било тешко да се биде странец таму. Дваесет години подоцна се вратил во Грција на одмор и тука останал.
Папајани сега гласа за „Златна зора“. Неговата одлука да гласа за партија што силно се спротивставува на емиграцијата и покрај неговото искуство со дискриминацијата во Австралија не е единствениот парадокс.
Неговиот дедо, Јоргос, бил комунистички партизан во поширокиот регион на Коринт во текот на граѓанската војна.
„Никогаш не сум се запознал со него. Сум го посакал тоа, иако моите ставови се сосема различни”, вели тој во една таверна во близина на археолошкиот локалитет во антички Коринт.
Кога почнала грчката финансиска криза, Папајани си помислил: “Бум! Национализам! Ајде да ги промениме работите. Мора да има граѓанска војна”.
Неговите непријатели? Емигрантите, корумпираните политичари кои го проневериле народното богатство, Меѓународниот монетарен фонд, дури и оние кои имаат исти левичарски убедувања како неговиот покоен дедо.
Тој вели дека некои екстремни десничари во селата имаат кутии со калашников во нивните куќи. За секој случај.
На југ, Никос Куракос е висок официјален претставник во канцеларијата на „Златна зора“ во градот Каламата.
Неговиот дедо се борел против Германците за време на комунистичкиот отпор и бил егзекутиран од страна на член на озлогласените Безбедносни баталјони, формирани од страна на колаборационистичката влада на Грција.
Куракос ја смета одлуката на дедо му да се приклучи на комунистите како патриотски, а не левичарски чин.
„Германците биле окупатори”, вели тој. „Разумно било да одите и да се борите.”
Тој не чувствува дека неговата одлука да се приклучи на „Златна Зора“, пред повеќе од 10 години го навредува споменот на неговиот дедо.
„За мене, не е во ред да се заземе идеолошки став поради нешто се случило во минатото”, вели тој.
Семејна драма
За некои семејства, сепак, одлуката на детето да ги прекине традиционалните вредности и да и даде поддршка на екстремната десница е извор на голема болка.
Јоргос Триандафилу, пензионер, чие име е променето тука на негово барање, живее во една мала заедница каде што нацистите го егзекутирале речиси половина од населението, вклучувајќи и една од неговите роднини, за време на Втората светска војна.
Неговото семејство има долга историја на наклоност кон левичарите, вклучувајќи ги и борците од движењето на отпорот за време на германската окупација, комунистичките партизани за време на граѓанската војна и на жртвите на политичкиот прогон за време на владеењето на воената хунта.
Самиот Триандафилу бил верен левичар, но се разочарал од марксизмот во 1970-тите и се свртел кон религијата. По педантната студија на светите книги од неколку религии, тој станал Јеховин сведок.
Тој и саканата од неговото детство израснале две деца според нивните вредности. Ги научиле да сакаат, да бидат мирољубиви и толерантни.
Но, откако наполнило 18 години, нивното постаро дете ги осудило религиозните верувања на семејството и на крајот се приклучило кон „Златна зора“, и станало кандидат на партијата на последните регионални избори.
Триандафилу ја открил шокантната вест додека пребарувал на интернет. Тој бил сосема уништен и оттогаш не разговарал со неговото прво дете.
Тој вели дека не може да поднесе да ги слуша изјавите кои доаѓаат од устата на неговиот потомок.
„Пораснав во место полно со вдовици и сираци од војната”, вели тој.
Неговото страдање е зголемено со фактот што нацистите ги прогонувале и ги затворале Јеховините сведоци.
Златна зора врз црвените упоришта
Триандафилу постојано се прашува како неговото сопствено дете може да се огради од историјата на семејството и да се приклучи на „Златна зора“. Исто така и анкетарите, политичките аналитичари и социолози размислуваат зошто „Златна зора“ се покажала толку популарна во областите во кои порано доминирала Комунистичката партија.
Перама и Никеја, две области во Атина долго време сметани за „црвени упоришта”, бележат голем пораст во поддршката за „Златна зора“ во последниве години.
Василики Георгијаду, вонреден професор по политички науки на атинскиот Универзитет Пантеон, која спроведувала детално истражување во овие области, вели дека осиромашувањето на работничката класа и долгорочната невработеност на локално ниво, што е околу 70 проценти, создаваат плодна територија за „Златна зора“.
Партијата ја обвинува политичката активност на локалниот синдикат за намалување на конкурентноста на локалните бродоградилишта и последователното губење на работните места. „Златна зора“ формира свој синдикат и вети работа. Некои од работниците се регистрираа.
Со тоа што е активна на теренот во овие населби, „Златна зора“ успеа да „стане видлива и постигна одреден степен на влијание, особено во однос на младите кои растат без никакви шанси”, вели Георгијаду.
Политизирани млади луѓе користеле графити за да ги претворат ѕидовите на населбите „во бојно поле на идеологии“.
„Нашите дедовци биле бегалци, нашите татковци биле емигранти, а ние сме расисти!” вели еден од левичарските слогани.
„Ослободете ги сите затворени членови на Златна зора!”, вели друг, недалеку од затворот Коридалос, каде е затворено раководството на партијата.
Во друг дел на Атина, еден уметнички графит нуди ироничен коментар за пресвртите во историјата. Еден стар човек, пушејќи цигара забележува: „Се борев против фашистите, за моите внуци да можат да ги вратат назад”.
Битката за Лениновиот плоштад
Навидум бескрајната борба помеѓу левицата и десницата има одглас дури и надвор од Грција, во унгарско село на 1.000 километри од Атина.
Белојаниц во централниот дел на Унгарија бил основан од страна на грчките комунистички партизани кои избегале од граѓанска војна во доцните 1940-ти. Тие ја именувале нивната заедница по Никос Белојанис, грчки комунистички херој.
Зисис Влахопулос, поранешен градоначалник на селото, е роден во Грција во 1942 година и бил донесен во Белојаниц од страна на неговите родители уште кога имал четири години. По падот на комунизмот, вели тој, имало бројни обиди да се избрише историјата на селото.
Селото морало да го промени името на централниот плоштад, кој бил именуван по Ленин. Крстовите ги замениле црвените ѕвезди на спомениците на гробиштата.
„А што ќе направат со црвена ѕвезда на шишињата Хајнекен?” се шегува Влахопулос на течен грчки.
Сега Кристијан Бене, 31-годишен член на Советот на општината од десничарската партија Јобик, сака да ја отстрани и спомен-плочата на плоштадот, која им оддава почит на советските војници кои ја ослободиле Унгарија од нацистите. Бене предлага да се замени со друга плоча во чест на анти-советското унгарско востание од 1956 година.
На плоштадот, Бене и неговиот пријател Сотирис Кариофилис разговараат со еден посетител. Кариофилис е роден во селото пред 32 години од грчки родители. Неговите баба и дедо биле комунистички партизани.
Тој е невработен, несигурен во врска со неговите идни перспективи и гласови за Јобик. Тој инсистира дека партијата не е толку екстремна како „Златна Зора“ во Грција.
„Јобик не сака да ги убијат Ромите и Евреите, само сака да ги асимилира”, вели тој.
Но, поранешниот градоначалник Влахопулос со презир гледа на тоа кога локалните членови на Јобик ги обвинуваат странците за проблемите во Унгарија.
„Денес проблемот се Циганите, утре ќе бидат Албанците и потоа ќе дојде редот на Грците”, вели тој. „Нема да ме измамат!”
Го прекинува повик од неговиот мобилен телефон. Ѕвонењето на мелодијата звучи познато. Песната трае додека не почне текстот од химната на грчката комунистичка герила: „Со мојата пушка на рамо, во рамнините, во градовите и во селата, го поплочувам патот кон слободата…“
Грижлив татко
Назад во Грција, Јоргос Триандафилу живее мирен живот. Се грижи за својата градина и повремено се вклучува на интернет да чита вести.
Тој и неговата сопруга размислуваат за целосно исклучување од интерент за да ги избегнат статиите за нивното првородено дете, кое ги отфрли вредностите на семејството и се приклучи на „Златна зора“. Тие сакаат да го исклучат она што Триандафилу го нарекува „контакт со тагата”.
Но, неговиот гнев омекнува непосредно пред крајот на интервјуто. Помирувањето сѐ уште е можно, вели тој, ако неговото дете целосно се покае и се врати на доблесниот живот.
Тој ја рецитира Параболата за блудниот син, исто така, позната како Параболата на грижливиот татко.
„Синот замина да бара залудни богатства и да живее грешен живот, тој преживуваше тешкотии, но татко му го чекаше. И кога синот се врати, таткото го прегрна. Тоа и јас би го направил”, вели тој.