Од 144 случаи на прекршување на дигиталните права во Македонија, во периодот од септември 2022 до август 2023 година, 52 биле ширење говор на омраза и дискриминација, а 16 биле компјутерски измами. Ова го покажува новиот годишен извештај на БИРН презентиран во Сараево, Босна и Херцеговина. Во извештајот се опишани состојбите со дигиталните права во десет држави, од Унгарија, преку Балканот, до Турција.
Вкупно во целиот регион се забележани 1.427 прекршувања. За разлика од други земји, каде што автократските влади биле чести прекршители – преку замолчување, цензурирање или ограничување на пристапот до податоци во дигиталната сфера, во земјава, граѓаните биле тие што најчесто ги извршувале прекршувањата и најчестите жртви.
Говорот на омраза во земјава најчесто бил насочен кон малцинствата, пред сѐ, кон ЛГБТ популацијата. Меѓу компјутерските измами, имаше зачестени кражби на лични податоци заради земање брзи кредити на туѓо име.
Концептот на дигиталните права ги опфаќа човековите права во дигиталната сфера, каде што луѓето поминуваат сѐ повеќе време од своите животи, извршуваат сѐ повеќе обврски и задоволуваат сѐ повеќе потреби – од информирање и комуникации до купување и плаќање сметки. Како што таму се селеше животот, така се преселија и прекршувањата на правата – навредите, нападите, измамите, кражбите и друго.
„Домашните, регионалните и меѓународните политички настани имаат директно влијание врз степенот на прекршување на дигиталните права. За време на домашни кризи или на избори, како и во услови на регионални и меѓународни кризи, бројот на прекршоци го достигнува врвот“, се вели во регионалниот извештај.
Една од таквите кризи беше руската инвазија врз Украина, која поттикна дезинформациски кампањи. Меѓу другото, во март беше објавено лажно видео на Тик-ток дека романската армија мобилизира луѓе.
Потоа, масовното убиство во основно училиште, во Белград, во мај 2023 година, што го изврши 13-годишен ученик , поттикна ширење лажни вести во врска со случајот, а полицаец ги откри идентитетот на извршителот и личните податоци на неговите родители.
Според податоците од извештајот, секој посериозен инцидент во реалниот свет се рефлектираше и во дигиталната сфера, предизвикувајќи различни последици.
Меѓу најсериозните инциденти што беа директно поврзани со дигиталната сфера во мониторираниот период, пак, беа случајот со 22-годишното момче во Босна и Херцеговина што се самоуби во октомври 2022 поради онлајн-вознемирувања и навреди, како и фемицидот во истата земја во август 2023 година, кога маж ја уби својата партнерка и директно го пренесуваше убиството на Инстаграм. Потоа се самоуби.
„Не само што ова видео остана на интернет со часови, туку многу луѓе го видоа, а некои дури изразуваа поддршка, што беше уништувачко за семејството на жената“, рече Ивана Јеремиќ, уредничка во БИРН.
Еден од клучните проблеми идентификуван од мониторингот на БИРН е што во целиот регион, законодавството не е на соодветно ниво за да го заштити населението од прекршувањето на неговите дигитални права. На пример, нема правила што ќе ја спречи злоупотребата на вештачката интелигенција и на „дип фејк“ видеата.
„Во недостиг од регулација, оставено е на публиката и на платформите да се справат со овој вид содржина“, вели Јеремиќ.
За разлика од тоа, пак, во некои земји се воведоа нови правила, што на владите им овозможи да ги замолчуваат критичарите и независните медиуми.
БИРН ги следи состојбите со дигиталните права од 2020 година, во соработка со фондацијата Шер од Белград. Во периодот од септември 2022 до август 2023 година беа мониторирани прекршувањата во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Романија, Унгарија, Македонија, Србија и во Турција.