Вести

Хајрулахи без конкуренција за шеф на Вишото обвинителство

Од тројцата кандидати кои сакаа да седнат на шефовското столче во Скопското вишо јавно обвинителство остана само еден – постојниот вршител на должност, Мустафа Хајрулахи.

Откако пред десетина дена се откажа обвинителката Фатиме Фетаи, барање за повлекување од изборот поднел вишиот јавен обвинител Бурим Рустеми, потврди за БИРН претседателот на Советот на јавните обвинители, Антонио Јолевски.

И Рустеми за БИРН кратко одговори дека ја повлекол кандидатурата.

„Ја повлеков кандидатурата затоа што сметам дека противкандидатот има поголеми шанси да биде избран за шеф на Вишото јавно Обвинителство“, рече Рустеми, кој инаку претходно работеше во СЈО,.

Со новонастанатата ситуација, останува единствено кандидатурата на Хајрулахи да го менаџира Вишото обвинителство. Тој беше шеф на ова Обвинителство четири години, а пред една недела членовите на Советот на јавните обвинители го именуваа за вршител на должност до изборот на нов шеф на институцијата.

Медиумите лани пишуваа дека Скопското вишо јавно обвинителство со кое шефуваше Хајрулахи го „заробило“ предметот на СЈО „Титаник 3“ за изборен фалсификат, во кој беа обвинети Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ, на начин што списите не биле навремено испратени во Скопска Апелација за судиите да одлучат за предметот.

Пресудата за овој случај на СЈО подоцна ја укинаа апелациските судии, но остана да лебди сомнежот за делувањето на ова обвинителство, особено откако вишиот обвинител Дилавер Бектеши, даде позитивно мислење до судот за да им се вратат пасошите на обвинетите Алими и Гури во овој предмет.

Поради овој случај опозициските партии Алијанса за Албанците и Левица го обвинуваа Хајрулахи за блискост со функционери на ДУИ.

Oбвинителските избори во изминатиот период се најдоа во фокусот на јавноста поради изборот на шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, кој американската амбасадорка Ангела Агелер го оцени како „збунувачки“.