Вести

Хојт Ји за БИРН: САД и ЕУ очекуваат Иванов да го даде мандатот на мнозинството

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Од средбата на Хојт Ји со претседателот Иванов / Фото: МИА

Американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија, Хојт Брајан Ји во интервју за БИРН, меѓу другото, ја коментира состојбата во Македонија и неговата посета која се случи неколку дена по настаните од „крвавиот четврток“.

Ји посебно го нагласува очекувањето за надминување на ќор-сокакот во демократските процеси за да се избере нова Влада која ги „одразува резултатите од декемвриските избори , оценети како легитимни и од меѓународната заедница и од самите политички партии во земјата“.

„Сите ние очекуваме Влада и дека Претседателот ќе стори се што е неопходно согласно демократските норми. Од европските парламентарни демократии се очекува да почиваат на принципот според кој мнозинството има право да формира Влада. И тоа е она што ние го очекуваме“ вели американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија, Хојт Брајан Ји во интервјуто за БИРН.

Посетата на Македонија до која дојде по нападите врз пратениците откако избраа нов парламентарен спикер и кога „некои насилници дојдоа и претепаа членови на Парламентот“ според Ји беше во функција да се пренесе пораката на САД дека „за нас ваквото однесување е апсолутно неприфатливо“ и дека како партнер и пријател на Македонија, Вашингтон очекува „раководството на земјата да ги преземе неопходните чекори за да се осигура дека насилството да не ескалира“.

Од друга страна, на забелешката за впечатокот дека претседателот Иванов го сменил својот тврд став по неговата посета, Хојт Ји одговара дека Македонија е суверена земја и дека неговата улога ја гледа во напорот да го одблокира демократскиот процес. Со Иванов, вели, имале добра дискусија и тој „ги разбира нашите очекувања, не само од САД туку и од Високата претставничка Могерини и комесарот Хан од Брисел, како и од многу земји членки на ЕУ“.

Прашан за писмото на конгресмените за проверка на работата на американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли вели дека „станува збор за нормален процес. Добиваме многу писма, секој може да прати писмо до Стејт Департментот, особено сенаторите и членовите на Конгресот“.

„Апсолутно е легитимно конгресмени да добиваат информации од многу различни извори и да го прашаат Стејт департментот кога сметаат дека е неопходно да им објасни што прави. Она што е важно е дали инфомацијата е вистинита или не“, вели Ји.

Тој разговарал и со амбасадорот Бејли и со конгресментите кои испратиле писмо изразувајќи одредена загриженост за работата на американскиот амбасадор во Македонија и вели дека им било соодветно одговорено. Хојт Ји не тврди дека ги убедиле, но дека сториле сè што е во нивна моќ за да им ги предочат фактите и им овозможиле точни информации и верува дека нема да има други сомнежи.

„Се трудиме да објасниме, вклучително и зошто мислиме дека некои од овие писма се генерирани, но најважно е да се обезбедат факти и тоа е она што ние го правиме“ рече Ји споделувајќи го впечатокот дека ги расчистиле недоразбирањата и неточните информации.

„Верувам дека бевме успешни, особено во тоа членовите на Конгресот да разберат што всушност правиме. Со оглед на тоа што некои писма можат да се базираат на неточни информации и лажни гласини кои членовите на Конгресот имаат право да ги адресираат и да нè прашаат дали се вистинити или не. Ние одговараме. Во повеќето случаи одговорот е дека ‘тоа е невистина’ или ‘погрешно разбрано’, а ‘ова се фактите’“ објаснува Ји.

Коментирајќи ја наводната контроверзност на соработката со организациите на Џорџ Сорос тој дословно вели: „Џорџ Сорос често е споменуван како некаков тригер за да се алармираат луѓето дека станува збор за некаков заговор или поголем план оркестриран од него, што едноставно не е точно“.

„Но, како што знаете  можно е преку социјалните медиуми, доколку имате  доволен број на луѓе кои  повторуваат иста гласина и иста лага таа да започне свој живот“, вели Ји посочувајќи го примерот на Македонија.

„На социјалните медиуми  тие гласини се повторуваа до таа мерка што станаа некаков вид реалност која не е базирана на факти, туку само на повторувања и на повеќе луѓе кои тоа го зборуваат“.

На новинарската забелешка дека во овие случаи не станува збор само за социјални медиуми, туку и за сериозни мрежи кои плаќаат лобисти, тој одговара дека „има лобисти, но има и луѓе кои навистина веруваат во таа пропаганда и тие дезинформации“.

„А наша работа е да им помагаме на нашите партнери и воедно да објаснуваме што работиме и дека тоа го работиме во целосна усогласеност со американските закони и политика“, вели американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија.

Интервјуто е направено во рамките на програмата Животот на Косово на БИРН Косово