Вести

Иванов не потпишува, спогодбата била кривично дело

Шефот на државата наведе пет причини зошто не го потпишал указот | Фото: БИРН

Претседателот Ѓорге Иванов денеска донесе одлука да не го потпише указот на Законот за ратификација на конечната спогодба за надминување на спорот за името меѓу Македонија и Грција, што Собранието ја изгласа на 20 јуни, откако беше потпишана на 17 јуни во Преспа. Според него, договорот бил спротивен на Кривичниот законик и за него може да се добие затворска казна од пет години.

Во писмото што тој го испратил до парламентот вели дека во извршувањето на својата функција секогаш постапувал одговорно и своите права и должности ги вршел врз основа на Уставот, законите и интересите на Република Македонија.

„Затоа, врз основа на член 75 од Уставот на Република Македонија, донесов одлука да не го потпишам указот за прогласување на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуиите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнертсто меѓу страните“, вели тој.

Во писмото Иванов наведува пет причини зошто одлучил да не го потпише указот.

Прво, вели дека немал мандат да го потпише затоа што во изборната програма од 2014 година навел дека нема да прифати промена на уставот заради промена на уставното име и не прифаќал идеи што го загрозувале македонскиот национален идентитет, а поддршка за оваа политика му дале 534.910 гласачи.

Второ, според претседателот, спогодбата излегувала надвор од опфатот на резолуциите 817 и 845, затоа што во нив се зборувало за „разлика околу името на државата“, а не за „разлики“, како што стоело во спогодбата.

Трето и четврто, Иванов смета дека спогодбата не била ратификувана во согласност со уставот, однсоно со членовите 51, 118 и 119. Во членот 119 се вели дека меѓународните договори ги потпишува претседателот, а може да ги потпише и Владата ако тоа е определено со закон.

И петто, според Иванов, спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно спрема Република Грција, а за тоа, според членот 308 од Кривичниот законик, следувала казна затвор од најмалку пет години.

„Озаконувањето на оваа спогодба создава правни последици што се основа за кривично дело“, порачува Иванов на крајот од писмото.