Повеќе од една година, владата не ги објавила податоците за своите и за трошоците на министерствата и на највисоките функционери, како премиерот, министрите, нивните заменици и државните секретари.
Во 2018 година, власта предводена од тогашниот премиер Зоран Заев постави алатка за отчетност на владиниот сајт, што требаше да претставува реализација на нејзините силно промовирани политички заложби за поголема транспарентност.
Алатката е всушност софтвер преку кој може да се пребаруваат и да се споредуваат трошоците на одделните министерства и функционери.
Динамиката на ажурирање на овие податоци беше предвидена за циклусите март – септември секоја година, меѓутоа последните податоци на владиниот сајт се објавени во септември 2021 година. Тоа практично значи дека нема ниту една информација колкави се трошоците на новиот премиер Димитар Ковачевски и на неговите министри, кои во голем дел се новоименувани и кои се на функција од јануари оваа година.
На прашањата на БИРН зошто и по цела година сѐ уште не е ажурирана оваа алатка и кога тоа ќе се направи, од владата одговорија само на второто прашање:
„Во тек е прибирањето на податоците за трошоците на именуваните функционери за тековната 2022 година. Ќе бидат објавени во најскоро време.“
Цела година не се објавени и наративните месечни извештаи преку кои се информираше јавноста за сите активности на функционерите поради кои се направени трошоците.
Пред четири години, владата на прес-конференција се пофали дека самоиницијативно ја поставила алатката.
„За првпат во политичката пракса во земјава, владата е таа што, самоиницијативно, го стави на најотворен, најтранспарентен начин своетo работење. Ако во минатото граѓаните прашуваа, а властите криеја, денес владата самоиницијативно ги изложува трошоците, без да чека некој да ја праша“, рече тогаш министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.