Извештај

Избор на ДКСК: Невладините обвинуваат за оркестрирано гласање

Седумте најдоброрангирани треба да бидат изгласани на пленарна седница

Изборот на новите антикорупционери е „оркестриран и необјективен“, обвини претставничката на Советот за соработка меѓу владата и граѓанското општество, Снежана Камиловска-Трповска, која учествуваше во изборот и имаше право на глас за кандидатите.

Седум имиња, пред полноќ, по десетчасовна дебата го поминаа првиот филтер – бодувањето од комисијата за селекција, во која има четворица претставници од партии, двајца од Советот за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор и еден претставник на Народниот правобранител.

Една од нив е Камиловска-Трповска. Таа претпладнево достави издвоено мислење. Вели дека немало можност тоа да се направи во записникот од бодувањето и дека ова е единствениот правен механизам да изрази мислење за гласањето.

Според неа, изненадува како останатите членови нашле компромис токму и само за кандидатите што се најдоа на листата „и покрај слабите интервјуа и одбивањето да одговорат на директни прашања за општествени случувања“.

Камиловска-Трповска, во реакцијата забележува и дека „кандидатите што манифестираа одлични познавања од областа, спремност за директен и недвосмислен одговор и со одлични компетенции не беа добро оценети од страна на другите членови, со што им се оневозможи да се борат за позиција претседател и член на ДКСК“.

А на интервјуата, некои од кандидатите што се сега меѓу најдоброрангираните, читаа подготвени говори, избегнаа да одговорат на оценките дека Македонија беше заробена држава за време на владеењето на Груевски, се оградуваа од став за случајот „Бехтел и Енка“, за кој актуелниот состав на Антикорупциска беше гласен…

Претставникот на Народниот правобранител, Јован Андоновски, кој, исто така, беше во комисијата, за БИРН вели дека „врз неговото гласање не влијаел никој“ и оти му било важно да не влезе ниту еден од партиски експонираните кадри и лицата што ќе бидат избрани да имаат професионален бекграунд.

Најмногу бодови добија ревизорите Татјана Димитровска, Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во Антикорупциската комисија, Билјана Каракашова Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова-Медарска и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош.

Мнозинството во комисијата одлучи да им даде највисоки поени по интервјуата на кандидатите, кои се спроведуваа во четвртокот, петокот и во саботата, во често речиси празната собраниска сала „Борис Трајковски“.

Бодовите се даваа по четири основи – искуство и достигнувања во борбата против корупцијата, претставување на кандидатот, општи прашања и посебни прашања.

Вкупно 41 кандидат дојдоа во собраниската сала и седнаа на посебното столче. Една кандидатка се откажа во текот на интервјуата, а вкупно 57 се пријавија, но тие што не ги исполнија критериумите, отпаднаа од трката. Оваа бројка е помала од таа во 2019 година. Тогаш се пријавија 80 кандидати, но 22 отпаднаа.

Комисијата за избори и именувања, која е матично тело, и за именувањата во Антикорупциската комисија има 12 члена. Шест пратеници и воопшто не се појавија во текот на интервјуата. Други, пак, повремено ќе поминеа, да видат што се случува. Само двајца – Мери Георгиевска од СДСМ и Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ беа присутни на повеќето интервјуа.

Секој кандидат имаше по половина час да се претстави. Потоа следуваа општи прашања – што би направиле ако сте избрани, кои три области се клучни за корупцијата… Тие прашања вообичаено ги поставуваа членовите на комисијата.

Можноста пратеници да поставуваат прашања, поради нивно неприсуство во салата,  ја искористуваа претставниците на граѓанскиот сектор, кои поради кусите рокови од оглас, до добивање биографија и интервју, беа во трка со времето да ги проучат биографиите и интегритетот на кандидатите. И да постават незгодни прашања.

А за тоа време партиите се однесуваа како интервјуата да не се случуваат. Центрите лиферуваа стотици соопштенија – за датумот за избори, за евентуалната Пржинска влада, за снегот… И ниту едно за изборот на членови на Државната комисија за спречување корупција.

Но, таа незаинтересираност ја снема кога требаше да се бодуваат кандидатите. Се расправало десет часа и записникот од гласањето е потпишан пред полноќ, пред истекот на законскиот рок.

Двајца кандидати добија по сто поени од сите партии | Илустрација: БИРН

Овие избрани кандидати од комисијата понатаму одат во втора и во трета фаза. В петок треба да ги потврди собраниската комисија за избори и именувања, а потоа да бидат изгласани на пленарна седница.