„Најтемните места во пеколот се резервирани за оние кои остануваат неутрални во времиња на морални кризи“. Оние кои ја испочитуваа оваа мисла на Данте Алигиери, не само да не останат неутрални, туку и да не бидат на „погрешната страна“ во време на криза која бара длабоки промени, сепак, наидоа на отпор во македонската политичка практика. На површина деновиве исплива внатрепартиско незадоволство во СДСМ, откако на кандидатските листи на добитна позиција се најде партијата ДОМ, предводена од Лилјана Поповска.
Дилемата беше претставена како етичка, а личноста како идеолошки некомпатибилна со актуелните цели, поради нејзиниот „минат труд“: може ли Поповска, која на претходните избори беше втора на листата на Никола Груевски, сега повторно да биде на добитна позиција, но овојпат на опозициската листа, против режимот кој некогаш го поддржувала?
Перцепцијата што се создаде во јавноста е дека отпорот е насочен против „секнд хенд – партиите“, односно нивните претставници кои еднаш морално се потрошиле служејќи му на режимот. Поради високото позиционирање на ДОМ на партиските листи, социјалдемократите ја прокнижија и првата оставка од нивен висок партиски функционер – претседателката на Градската организација на СДСМ, Софија Куновска.
ДОМ како побезболна адреса
За волја на вистината, прашањето е зошто ДОМ е ексклузивно издигната на (не)моралниот пидестал, кога хронологијата на „пребези“ покажува дека таа е само меѓу последните во низата. Денес, на пример, не се истакнуваат никакви морални дилеми околу улогата на НСДП на Тито Петковски, партија без чија партиципација Груевски не ќе можеше да формира влада во 2006 година.
Зошто Поповска му е важна на СДСМ? И дали партијата ризикува да ја поткопа внатрешната кохезија и да ја намали изборната конкурентност, со потег што може да заврши со изреката „заклаа вол за една кременадла“?
ЛДП, во 2011 година промовираше тотална блоковска неутралност, односно дистанца и од СДСМ под паролата „Ни змија, ни магаре“, а Партијата за европска иднина (ПЕИ) на Фијат Цаноски коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ се до затворањето на А1 телевизија и судскиот процес против нејзиниот сопственик Велија Рамковски. Зошто овие партии денес се неспорно опозициски и без морални дамки, за разлика од ДОМ?
„Мислам дека Поповска се најде како побезболна адреса за изразување на внатрепартиското незадоволство, отколку ако тоа се искажеше, на пример, кон местата „зафатени“ од граѓанските активисти. Тоа би било протолкувано како непризнавање на улогата на „Шарената револуција“ во мобилизацијата на граѓанството против недемократската власт, па изгледа критиката кон Поповска се покажа како побезболна варијанта“, вели М.А. долгогодишен член на СДСМ.
Според него, критиките до ДОМ станале супститут и за многу поважното прашање – доколку недостигале места, зошто дел од високите партиски функционери на СДСМ (заменичко и потпретседателско ниво) не се откажале од листите, во интерес на најактивните парламентарци или партиски „теренци“, кои денес се сметаат за „отпишани“?
Признание за храброст
Зошто Поповска му е важна на СДСМ? И дали партијата ризикува да ја поткопа внатрешната кохезија и да ја намали изборната конкурентност, со потег што може да заврши со изреката „заклаа вол за една кременадла“? Според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, непотребно се создадени перцепции дека некој добил повеќе од друг.
„Во време на доминантната култура на страв, Лиле Поповска и Павле Трајанов се двајцата лидери што се одважија да ја напуштат владејачката коалиција. Поради тој чин, и тие, и нивното членство, беа изложени на силни притисоци од власта. Не потклекнаа. Зарем треба да ги осудиме затоа што во еден момент решиле да му се спротивстават на режимот? СДСМ е, и сака да биде поразличен од другите партии. Не ги отфрла, туку им подава рака на сите што се подготвени да се борат за промени“, дециден е Заев.
Претседателката на градската партиска организација во оставка, Куновска, најави дека како партиски член ќе остане активна во битката за соборување на оваа власт. Истото го вети и Поповска, но „џентлменски“ му остави простор на СДСМ да го ревидира нејзиното рангирање на кандидатската листа, договорено за добитното четврто место во Изборната едница број 2.
„Не сакам функција по секоја цена, ниту да послужам за сеење семе на раздор во демократската опозиција. На Македонија и претстои голема битка и потребни сме сите. Одлучив да се откажам од добитната позиција на пратеничките листи, за да покажам што ми е приоритет. Во политиката е важен личниот пример. Се имам откажано од позициите заменик-министер, потпретседател на Собранието, од учество во актуелнава Влада, а сега и од сигурно пратеничко место. Никогаш не сум жалела за моите потези и сега нема да жалам“, соопшти вчера Поповска.
Притоа, потсети дека излегувањето на ДОМ од Владата пред две години, беше поздравено од јавноста и нотирано во Извештајот на Европската Комисија како важен пресвртен момент во политичката криза.
Гласовите на куп
Сега топката повторно е префрлена кај раководството на СДСМ. Што и да реши, избирачите ќе ценат дали има конзистентност во одлуките. Аналитичарите велат дека во време на големи кризи, кога се создава и мобилизира широк фронт против режим, внатрепартиската „пребирливост“ не треба да биде во преден план, најмалку поради идеолошка некомпатибилност со партнерите.
„За кавги има време после победата“, вели комуникологот Петар Арсовски.
Сега топката повторно е префрлена кај раководството на СДСМ. Што и да реши, избирачите ќе ценат дали има конзистентност во одлуките
„Кога се во прашање вакви контексти, во кои од една страна има една монолитна партија која има целосна контрола врз системот, опозициските комбинаторики мораат да бидат врзани врз математичка, а не идеолошка матрица. Во овој случај прагматизмот на голем опозициски блок би морал да ги надвладее дневнополитичките разлики или амбиции во коалицијата која се надева да ја победи сегашната партија на власт“, смета Арсовски.
Според него, таквиот голем блок има повеќе предности – од психолошкото влијание како голема коалиција, до фактот што поради изборниот систем во Македонија – и помалку гласови на поголем куп вредат повеќе, отколку повеќе гласови на помал куп.
„Но, најважно е дека партиите кои пледираат да ја победат власта, прво мораат да покажат дека се победиле сами себе, дека ги надминале разликите и калкулациите, и дека се посветени на една поголема цел“, сугерира Арсовски.
Намалување на граѓанскиот дефицит
Дали е во моментов така? На сцената постои опозициска коалиција идеолошки шарена, и партикуларни ставови по прашањето на листите, кои сега се понагласени од заедничката, фронтовска цел.
Политиклогот Ненад Марковиќ вели дека тие разлики лесно се надминуваат.
„Идеoлoшкиoт aмбиент вo Мaкедoнијa oд сaмиoт пoчетoк е пo мaлку хaoтичен. Имaме екoнoмски сoцијалдемoкрaтскa десницa и неoлиберaлнa левицa. Не сме уникaтни вo oвoј пoглед, вaкoв тренд нa пoмешaни идеoлoшки вреднoсти имa вo целиoт пoсткoмунистички блoк. Штo се oднесувa дo кoaлициите, немaм впечaтoк декa идеoлoшкaтa близинa или рaздaлеченoст игрaaт кaквa билo улoгa. Кaј нaс пaртиите кoaлицирaaт или зaрaди зaеднички интерес или зaрaди зaеднички непријaтел. Вo двaтa случaјa, идеoлoшките рaзлики леснo се нaдминувaaт“, смета Марковиќ.
Во ваква ситуација, според аналитичарите, вклучувањето на граѓанскиот елемент, кој со години е надвор од партиските формации и речиси го нема, сега може да биде сврзно и мотивирачко ткиво, но и цивилен контролор на „професионалните партијци“. Затоа, партиските функционери не треба да бидат скржави во однос на местата на листите за граѓански активисти, ниту за други партнери во фронтот, бидејќи она што навидум едни го „губат“, на крајот може да води кон добивка/победа за сите.
Токму поради вакви проценки, тенденцијата на современите партии во светот е да го намалат класичното партиско членство, за да не се претворат во затворени енклави, туку во мали и ефикасни партиски јадра кои ќе бидат отворен магнет за граѓаните. Тој процес забрзано се одвива.
Група политиколози oд холандскиот универзитет во Лајден, изработила студија за значењето на членството за политичките партии во ЕУ. Според нивните податоци, само 4,7 отсто од електоратот во ЕУ припаѓа на некоја од политичките партии. Како пример за анахронизам на тој план се смета Австрија со стапка од 17 отсто, колку што пред 25 години бил просекот на Унијата.
Во Полска и Литванија процентот на партиско членство не достигнува ни до еден отсто од гласачкото тело. Поголемиот број посткомунистички земји е под половината од просекот на ЕУ, односно не ја преминува стапката од 2 отсто. Исклучок се Словенија со 6,2 и Бугарија со 5,7 одсто.
Нема истражувања ниту податоци колкав е тој процент во Македонија, иако според неформални проценки се смета дека тој е меѓу највисоките во земјите од Западен Балкан, што укажува на потребата од модернизација на партиите, намалување на „граѓанскиот дефицит“ и поткастрување на внатрепартиските суети.
Доброволно, или под притисок на кризата, СДСМ го направи првиот чекор во таа насока. Би било лошо за општественото искуство, ако поради внатрешни опструкции, јавноста не ги дознае можните ефекти од тие промени.