Анализи

Цените на мобилниот импулс можат да одат само нагоре

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
1

Според АЕК цената за минута разговор во мобилната телефонија била зголемена за 15 проценти | Фото: БИРН

За 600 денари лани можевте да склучите договор со еден од мобилните оператори со којшто месечно ќе добиевте неограничени разговори и СМС пораки и пет гига интернет, додека денеска за истите пари ќе добиете сличен пакет, меѓутоа со еден гига интернет помалку и по промотивните 12 месеци од договорот, сепак, ќе плаќате повеќе, 700 денари месечно.

Општ е впечатокот дека услугите на мобилните оператори се зголемени последнава година и оти овој тренд, меѓу другото, се должи и на ефектот од спојувањето на мобилните оператори Оне и ВИП.

Цените жртва на спојувањето меѓу Оне и ВИП

Директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), Сашо Димитријоски, за БИРН вели дека де-факто цените во мобилната телефонија и во мобилниот интернет се зголемени, откако минатата година се споија двата мобилни операторa Оне и ВИП.

Во комуникацијата со АЕК мобилните оператори аргументирале дека цените на пакетите не се покачени, меѓутоа и Димитријоски е свесен дека сега, за разлика од пред неколку години, овие компании нудат помалку импулси и помалку мегабајти за истите пари, што всушност не е ништо друго, освен поскапување на услугата.

Во јуни годинава АЕК излезе со информација дека цената за минута разговор во мобилната телефонија била зголемена за 15 проценти, додека на мобилниот интернет за приближно 20 отсто.

Откако агенцијата ги објави овие информации, мобилниот оператор ВИП доставил нови пресметки, претходните не биле најточни, и според нив зголемувањето на цената, сепак, не билo толку драстичнo.

3

АЕК го запалила црвеното светло по поскапувањата | Фото: БИРН

Директорот на АЕК за БИРН коментира оти цените за минута разговор во овој сектор во Македонија се едни од најниските во Европа и според тоа тој не верува оти операторите во иднина ќе одат под моменталните цени. Како што објаснува, конкуренцијата во минатото си го направила своето и често операторите оделе со неисплатливи понуди само за да го преземат пазарот од конкурентите. Тоа денес не е случај.

Поранешниот член на Комисијата за заштита на конкуренцијата, како и  поранешен раководител во правниот сектор на Македонски телекомуникации, Стевица Јосифовски, пред една година токму за БИРН предупредуваше за поскапувањето.

„Ако еден пакет на услуги кај еден од операторите чинеше 499 денари, по спојувањето чини 599 денари. Дополнително квантумот на мобилен интернет сообраќај вклучен во пакетот, значително се намали. Тоа е зголемување од 20 до 40 отсто“, вели сега Јосифовски, кој важи за познавач на таканаречениот телко-бизнис.

За него нема сомнеж дека спојувањето на Оне и ВИП е причината зошто се зголемени цените на пакетите и тој смета оти АЕК и Комисијата за заштита на конкуренцијата(КЗК) не смееле да го дозволат спојувањето.

Едно аргументирале, спротивно одлучиле

Стевица Јосифовски вели дека според образложението на одлуката на Комисијата за заштита на конкурентноста (КЗК) се добива впечаток дека КЗК нема да го дозволи спојувањето на Оне и ВИП.

„Меѓутоа, со само два реда на крајот од одлуката, Комисијата заклучува дека преземените обврски се доволни и дека спојувањето е во согласност со одредбите од законот“.

„Тоа го знаат и луѓето од стручната служба во КЗК. Знаат дека корисниците ќе бидат осиромашени за избор. Намалениот избор, значи можност за повисоки цени и помалку квалитетни услуги. Знаат дека Телеком и Оне.ВИП ќе сметаат на тоа дека корисниците ќе немаат избор и ќе можат да го координираат своето однесување на пазарот и знаат дека виртуелен оператор не е замена за мрежен мобилен оператор“, вели Јосифовски.

Тој вели дека спојувањето не можело да помине и без „амин“ од „Дојче Телеком“ и од Владата како мнозински акционер во Телеком и оти и оваа компанија ќарила од спојувањето.

„Пазарот и тогаш и сега тежи околу 300 милиони евра годишно. Најголем дел отпаѓа на мобилни комуникациски услуги. Проценете сами дали е исто таа заработувачка да ја делат тројца или е подобро да ја делат двајца играчи на пазарот.“

Трет мобилен оператор е спасот, ама тешко до него?

telekom-8

Двајца се спојуваат, третиот ќарува | Фото: БИРН

Македонија е единствената држава во Европа каде што функционираат само два мобилни оператора. Затоа АЕК подготвува тендер за трет мобилен оператор и информацијата ја пратила до 170 компании што работат во овој сектор низ целиот свет.

Тендерот ќе биде објавен до година, оти како што вели директорот Димитријоски станува збор за обемен процес.

Ниските цени на пазарот од друга страна се проблем за да се привлече трет мобилен оператор во државава. Процените се дека компанијата која би се впуштила во оваа авантура треба да инвестира околу 100 милиони евра и оти во прашање е исплатливоста на инвестицијата на ограничен пазар како Македонија со ова ниво на цените.

„’Теленор’ во Бугарија купи мобилен оператор за околу 700 милиони евра, а потоа инвестираше уште 300. За компаниите од тој ранг не е проблем висината на инвестицијата, ами нејзината исплатливост“, вели Димитријоски.

Стевица Јосифовски, пак, е сигурен дека има простор за работа на трет мобилен оператор, оти пенетрацијата на мобилни корисници во РМ е под 100 проценти, за разлика од некои држави каде е над 110, бидејќи во денешно време многумина имаат по два или повеќе мобилни телефони.

АЕК: Лошата мрежа веќе не е проблем

Што се однесува до квалитетот на мрежата, директорот на АЕК коментира дека и покрај лошиот имиџ во јавноста за мрежата на ВИП, мерењата на агенцијата покажале дека квалитетот сега е на нивото на мобилната мрежа на Македонси Телеком, па дури и подобар во одредени зони. Тој потсетува дека проблеми имало со мрежата на ВИП кога се спојувале заедно со Оне.

Што се однесува до цените и тој смета дека тие не можат да одат подолу, меѓутоа верува оти за парите што ќе ги даваат граѓаните, третиот мобилен оператор може да даде поголема вредност, повеќе и поквалитетни услуги.

За него е валиден аргументот дека влегувањето на трет мобилен оператор е отежнато, бидејќи Македонија е мал пазар и цените се многу ниски.

„Некако нашиве оператори се навикнаа на стотици милиони евра добивка по оданочување. Тоа го нема повеќе, го нема заради нивното недомаќинско работење, го нема заради ригорозните одлуки на АЕК и измени во определени закони, со кои неоправдано им се извлекуваат значителни износи, го нема заради развојот на сервисите Viber, Skype, WhatsApp, како и можноста за комуникација преку социјалните мрежи на корисниците.“