Анализи

Т-Мобиле и Оне.ВИП: конкуренција или дуопол

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Одлуката што наскоро ќе ја донесе Комисијата за заштита на конкуренцијата за спојување на два од трите главни играчи на телекомуникацискиот пазар, ќе има големо влијание врз домашниот буџет на македонските граѓани, кои веќе еднаш се „изгорени“ со високите цени за комуникациски услуги поради нелегална битка за профит.

Денот „Д“ до кога треба да одлучи Комисијата за заштита на конкуренцијата дали ќе го дозволи спојувањето на ОНЕ и ВИП е 5 февруари 2015 година | Фото: svenhoffmann1968 / Foter / CC BY

Денот „Д“ до кога треба да одлучи Комисијата за заштита на конкуренцијата дали ќе го дозволи спојувањето на ОНЕ и ВИП е 5 февруари 2015 година | Фото: svenhoffmann1968 / Foter / CC BY

Аминот за законското спојување на телекомуникациските компании ВИП и ОНЕ на македонскиот пазар може да претставува закана за конкурентноста и повторно воведување дуопол. Дел од забелешките доставени до Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) посочуваат на ваквата опасност, како и на заканата од повторен раст на цените во телефонијата и комуникациите генерално.

Ако КЗК реши да поведе постапка за спојувањето, тогаш ќе има уште три месеци или 90 дена додека да реши под кои услови ќе го дозволи постоењето на оне.ВИП на пазарот.

Според Законот за заштита на конкуренцијата, КЗК треба да донесе одлука во рок од 25 работни дена по добивањето на информацијата. Оттаму велат дека „денот Д“ е 5 февруари 2015 година. Дотогаш ќе решат дали безусловно ќе го одобрат постоењето на оне.ВИП или ќе поведат постапка доколку сметаат дека последиците можат да ја нарушат конкуренцијата и да создадат доминантна позиција на пазарот.

Ако решат да поведат постапка, тогаш ќе имаат уште три месеци, односно до април да решат под кои услови ќе го дозволат спојувањето. Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, за БИРН вели дека „треба многу внимателно да се одлучува и да се отворат очите на јавноста, затоа што веќе имавме едно такво искуство со случајот Телеком“.

„Во однос на прашањето дали концентрацијата ќе доведе до пораст на цените во телекомуникациите, Комисијата истакнува дека конечната оценка по ова прашање ќе биде утврдена со донесување решение“, велат од КЗК за БИРН.

На нивната адреса пристигнале три мислења со коментари за спојувањето на ОНЕ и ВИП, кои тие веќе ги разгледуваат и ќе ги земат предвид при нивната одлука. БИРН успеа да обезбеди копија од едно од овие мислења.

Стевица Јосифовски, поранешен член на КЗК и екс-раководител на правниот сектор во Македонски телекомуникации во своите забелешки вели дека спојувањето би значело повисоки цени | Фото: Г.Ризаов

Стевица Јосифовски, поранешен член на КЗК и екс-раководител на правниот сектор во Македонски телекомуникации во своите забелешки вели дека спојувањето би значело повисоки цени | Фото: Г.Ризаов

Битка за профит

Поранешен член на Комисијата за заштита на конкуренцијата, како и поранешен раководител во правниот сектор на Македонски телекомуникации, Стевица Јосифовски, во своите забелешки до КЗК како физичко лице, вели дека со спојувањето ВИП и ОНЕ ќе добијат огромна предност на пазарот и тоа не треба да се дозволи.

„Не е незаконски тоа што тие ќе имаат доминантна положба туку незаконска е злоупотребата на таа положба“, вели Јосифовски за БИРН. Тој, во забелешките од 14 точки, посочува дека очекува цените да „бидат повисоки од постојните од причини што целта на секој деловен субјект е да го максимизира својот профит“. Тој додава дека двата главни конкурента веќе објавиле пакети на пазарот кои имаат повисоки цени од претходно.

Не е незаконска доминантната положба на пазарот туку незаконска е злоупотребата на таа положба, вели Јосифовски

„Ако се одобри предложената концентрација, голема е веројатноста двата мобилни оператора усогласено да дејствуваат на пазарот на штета на потрошувачите“, вели Јосифовски.

Дури и ако Комисијата го дозволи спојувањето со одреден услов, односно да им наложи на операторите обврски со кои ќе се реставрира конкуренцијата, според него, тоа „нема да ги даде очекуваните резултати за потрошувачите, бидејќи без оглед дали на пазарот ќе влезе нов мобилен оператор или виртуелен оператор, не ќе може долго време да ја пополни празнината, сето тоа на штета на потрошувачите“.

Ќе расте вредноста на пакетите

Во ВИП операторот во Македонија, која отсега се нарекува оне.ВИП, не сакаа да коментираат за ефектите од спојувањето додека трае процедурата во КЗК.

Тие само ја потврдија поднесената информација до КЗК од страна на Телеком Австрија Групацијата заедно со Телеком Словенија Груп за намерата да се спојат Вип оператор и ОНЕ. Исто така, потврдија дека веќе пререгистрирале нова компанија во Централниот регистар.

Нивните конкуренти во Т-Мобиле во изјава за БИРН посочија дека очекуваат самото одобрување од страна на КЗК, да биде „ex ante“ или однапред спроведена „контрола со цел да се спречи ограничувањето на конкуренцијата на пазарот“.

Искуствата кажуваат дека цената на пакетите може да порасне само со зголемување на трошокот на услугите кои влегуваат во него, како, на пример, нови дополнителни услуги кои не биле дел од пакетот, велат од Т-Мобиле | Фото: Г.Ризаов

Во Т-Мобиле се децидни дека македонскиот пазар е либерализиран, што се гледа преку ниските цени (споредбено со ЕУ искуствата). Според нив, преку Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и „регулираните големопродажни понуди на операторите со значителна пазарна моќ се овозможува ‘лесен’ влез на конкуренција, а пазарот на електронски комуникации е динамичен и конкурентен“.

Оттаму сметаат дека цените нема да растат со спојувањето туку очекуваат со новите технологии и апликации да расте бројот на услуги и реалната вредност на пакетите што се нудат. „Искуствата кажуваат дека цената на пакетите може да порасне само со зголемување на трошокот на услугите кои влегуваат во него, како, на пример, нови дополнителни услуги кои не биле дел од пакетот“, велат од Т-Мобиле.

Од (во моментов) најголемиот играч на пазарот додаваат дека Комисијата може да наметне соодветни мерки како услов или предуслов за да го спречи нарушувањето на конкуренцијата.

Ако се дозволи оне.ВИП, и тие и Т-Мобиле ќе имаат приближно еднакви удели на пазарот, односно ќе го поделат на половина, но првите ќе бидат во предност од неколку проценти.

Според нив, доминантната позиција не е забранета ако не ја нарушува воспоставената конкуренција. „Во секој случај, удел над 51% не мора да значи и забрана на концентрацијата, особено ако КЗК наметне соодветни мерки за да го спречи нарушувањето на пазарот“, велат од Т-Мобиле.

Моменталната состојба покажува дека ако се дозволи оне.ВИП да функционира, и тие и Т-Мобиле ќе имаат приближно еднакви удели на пазарот, односно ќе го поделат на половина, но првите ќе бидат во предност од неколку проценти.

Во Агенцијата за електронски комуникации, како регулатор на македонскиот пазар не сакаа да го коментираат спојувањето додека не заврши процедурата.

Директорот на АЕК, Роберт Орданоски, само кратко одговори дека ќе почека најповиканата институција, КЗК, да излезе со својот став и решение во врска со барањето за спојување, а веднаш потоа агенцијата ќе реагира со свој осврт за развојот на пазарот на електронски комуникации во Македонија.

Карлос Слим влегува во Македонија

karlos_slim

Најсериозен играч на пазарот, покрај Т-Мобиле, ќе стане Америка мовил, односно многу попознатиот Мексиканец Карлос Слим, најбогатиот човек на светот | Фото: Josue Morales B. / Foter / CC BY-NC-ND

Тој може да го преземе приматот на македонскиот пазар преку компанијата која ја донесе конкуренцијата во телекомуникациите во земјава, односно Телеком Австрија или ВИП оператор. Слим неодамна презема иста количина на акции во оваа државна австриска компанија колку и државата Австрија, со што стана рамноправен партнер.Ако КЗК ја дозволи концентрацијата на капиталот, наместо традиционално доминантните Македонски телекомуникации или Дојче Телеком, нов најсериозен играч на пазарот, преку оне.ВИП ќе стане Америка мовил во сопственост на многу попознатиот Мексиканец Карлос Слим, најбогатиот човек на светот, според Форбс.

Во новоформираната фирма оне.ВИП мнозински сопственик ќе биде Телеком Австрија преку холдинг компанијата регистрирана под името „mobilkom Mazedonien Beteiligungsverwaltung GmbH“, кој, пак го поседува ВИП оператор. Покрај компанијата ВИП оператор, во новата фирма од страната на Австријците ќе влезат фирмите „ВИП продажба“, „ВИП услуги“, како и компанијата „Близу“, која нуди широкопојасен интернет и фиксна телефонија.

Од страната на Телеком Словенија, пак, во оне.ВИП, покрај ОНЕ телекомуникациски услуги, ќе влезат и „Диги плус мултимедија“, која на македонскиот пазар го нуди „Бум ТВ“ пакетот за дигитална телевизија.

Со тоа новата компанија ќе нуди производи на целокупниот пазар на телекомуникации и ќе биде директна конкуренција на Македонски Телеком која е во сопственост на светскиот гигант Дојче Телеком.

Телеком Австрија има свои компании во осум земји од централна и источна Европа покрај Македонија: Австрија, Бугарија, Белорусија, Хрватска, Лихтенштајн, Србија и Словенија.