Анализи

Десетици тужби против одлуките на ловците на шпиони

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Иако законот за лустрација, со кој беа санкционирани граѓани прогласени за поранешни соработници на комунистичката тајна полиција, престана да важи, покренати се десетици тужби за поништување на, како што се тврди, политички мотивираните одлуки на комисијата.

4x3Mac Lustration Commission

Откако Европскиот суд за човекови права, ЕСЧП, на почетокот на оваа година пресуди дека Македонија му ги повредила човековите права на поранешниот претседател на Уставниот суд на Македонија, Трендафил Ивановски, кој, со контроверзниот закон за лустрација, беше прогласен за соработник на поранешната тајна полиција, десетици други граѓани кои поднесоа тужби против државата во Стразбур, очекуваат позитивен резултат.

ЕСЧП вели дека Македонија му ги повредила човековите права на Ивановски, бидејќи не му дозволила да се брани пред комисијата, ниту пак, му дозволила пристап до наводно инкриминирачките докази против него.

Освен тужби пред ЕСЧП во Стразбур, околу 40 од 200 лица лустрирани од Комисијата за верификација на фактите, тужби поднесоа пред Управниот суд и Вишиот управен суд во Скопје.

Во јуни и јули, Управниот суд поништи 17 одлуки на комисијата за лустрација.

Процесот на искоренување на поранешните соработници, кои поради тоа не можеа да вршат јавни функции, за кој владините противници тврдеа дека се користи за да се замолчат критиките, беше запрен во јануари оваа година, по критиките што гу упати ЕУ.

Меѓутоа, власта соопшти дека за лицата за кои е утврдено дека биле соработници, забраната за работа во државните институции и натаму ќе важи, за период од пет години.

Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија на ЕСЧП во Стразбур, актуелен претседател на Институтот за човекови права во Македонија, вели дека оспорениот процес треба да се ревидира, а неговите ‘жртви’ треба да бидат рехабилитирани.

Николовска за БИРН изјави дека процесот не само што не успеал да се справи со неправдите од минатото, туку довел до нови повреди на човековите права.

„Оваа ситуација треба да се корегира. Државата треба да изнајде правен механизам да ја компензира штетата“, вели таа.

„Чувството што тие го имале, откако биле прогласени за соработници, не може да се плати со пари“, додава таа.

Владимир Милчин, поранешен прв човек на Институтот отворено општество – Македонија, беше еден од оние кои беа прогласени за соработници и кој својот случај го поднел во Стразбур.

„Мислам дека има доволно аргументи, одлуката да биде во моја корист. Мислам дека судот во Стразбур ќе заклучи дека моите човекови права биле повредени“, вели Милчин за БИРН.

Тој потенцира дека бил цел на комисијата за лустрација и покрај фактот што постојат документи кои покажуваат дека бил следен од тајната полиција во периодот 1976-1987, под сомнение дека бил анархолиберал, кој работел на уништување на уставниот поредок на земјата.

„Замислете, еден човек кој има такво досие, е прогласен за соработник, иако во тоа досие нема изјава за соработка, ниту некаков друг вид потпишана изјава. А да не зборуваме дека не постои никаков доказ дека сум зел некаков финансиски надоместок“, истакнува Милчин.

Тврди дека комисијата всушност ги прикривала вистинските соработници на тајната полиција.

„Тие ги шпионирале жртвите на тајните полициски служби, а не соработниците“, рече тој.

Цел, владините критичари?

Владимир Милчин. Фото: БИРН

Владимир Милчин / Фото: БИРН

Милчин вели дека неговата лустрација имала за цел да го оцрни во очите на јавноста, бидејќи бил гласен критичар на владата на ВМРО-ДПМНЕ на поранешниот премиер Никола Груевски, тврдење што во неколку наврати го повторија и активистите за човекови права.

„Голем број луѓе, активисти со критички став кон владата, беа жртви на процесот“, изјави за БИРН, Уранија Пировска, претседател на Хелсиншкиот комитет.

„Овој процес во Македонија се случи од една причина, да се справи со политичките противници и оние кои ја критикува оваа влада“, додава таа.

Објаснува дека процесот бил реализиран погрешно, дека самиот закон бил проблематичен, со многу нејаснотии и конфузии, за кои, вели, ѝ помогнале на владата да ја постигне својата цел.

Македонија ги следеше стапките на многу поранешни комунистички држави, кои имаа донесено закони за лустрација, како начин за решавање на неправдите од минатото, кои произлегоа од политички мотивирани судски процеси.

Но, уште од самиот почеток на работата на комисијата во 2009 година, целиот процес беше проследен со контроверзии.

Опозицијата реагираше дека процесот се злоупотребува против критичарите на власта и во декември 2012 година, во знак на протест, ги повлече двајцата свои членови од комисијата.

Но, претседателот на комисијата, Томе Аџиев, тврдеше дека немало повреди на човековите права и дека сите случаи биле „кристално јасни“.

„Не се политички мотивирани. Тие лица беа наведени во досиејата (на тајната полиција) како соработници и сега тие се спротивставуваат на тоа, што е нормално“, додаде тој.

Аџиев истакна дека Управниот суд направил грешка кога поништил некои одлуки на комисијата.

„Тие не одлучуваа врз основа на документи, туку само врз основа на оценката дека ние не сме ги повикале луѓето да кажат нешто пред комисијата“, изјави тој.

Силно меѓународно неодобрување

Томе Аџиев. Фото: БИРН

Томе Аџиев / Фото: БИРН

Процесот на лустрација беше запрен во јануари, четири години пред предвидениот рок, откако Брисел и Вашингтон изразија загриженост.

Во јуни 2015 година, како дел од напорите на ЕУ за решавање на длабоката политичка криза во Македонија, Европската комисија ѝ врачи на македонската влада, извештај што содржи долг список на предложени реформи.

Меѓу останатите препораки, со извештајот составен од група експерти предводени од поранешниот директор на Директоратот за Западен Балкан, Рајнхард Прибе, од властите се бара „ревизија/укинување на Законот за лустрација и на неговата имплементација“, бидејќи, како што се вели, „како основа за лустрацијата биле користени идеолошки или партиски причини“.

Американскиот Стејт департмент, во својот извештај за човековите права за 2015 година, исто така, го изрази своето незадоволство од процесот на лустрација.

„Владата продолжува да ја користи лустрацијата – оригинално замислена јавно да ги идентификува поединците кои соработувале со тајните служби за време на комунистичката ера за да им забрани јавна функција и други владини бенефиции – за да ги напаѓа политичките опоненти и нелојалните поранешни следбеници“, стои во извештајот на Стејт департментот.

Но, и покрај фактот дека законот за лустрација престана да важи, Томе Аџиев, вели дека комисијата за лустрација има право да го повтори овој процес, доколку судовите преиначат некоја од нејзините одлуки.

Цаца Николовска сепак вели дека комисијата на Аџиев треба да ги почитува сите законски пресуди.

„Комисијата треба да ги потврди одлуките на судот, дека нема лустрациски процес против одредено лице“, заклучи таа.