Анализи

Топло-ладно албанско сојузништво

protest albanci opozicija

Поделбите помеѓу БЕСА и партијата на Села – камен на сопнување во преговорите за заеднички албански опозициски фронт / Фото: БИРН

Три месеци пред изборите сѐ уште нема одговор на прашањето дали е можна предизборна коалиција во албанскиот политички опозициски блок, која би можела сериозно да ѝ конкурира на владејачката Демократската унија за интеграција. И додека теоретски сѐ уште има простор за изненадувања, досегашните поделби помеѓу клучните играчи оставаат малку простор за договор. Доколку не се договорат за заеднички настап, албанските опозициски партии на изборите би се претставиле во два блока.

Речиси секојдневно има разни повици од интелектуалци и невладини активисти, кои повикуваат на обединување на опозицијата на Албанците. Под притисок на ваквиот јавен дискурс четирите политички партии последните денови водат интензивни разговори околу коалицирањето. Дури е подготвена една политичка платформа, која во фокусот го има статусот на Албанците и е декларативно прифатлива за сите.

Во оваа насока во тек се интензивни разговори помеѓу Движењето БЕСА и Движењето за реформи – ДПА на Зијадин Села, на кои се приближуваат ставовите. Дефинитивна одлука дали ќе има широка коалиција ќе се знае во текот на викендот.

Причина да не се договорат може да бидат несогласувањата помеѓу БЕСА и партијата на Зијадин Села. Имено пред една година, во мај во Приштина, во присуство на водачот на косовското движење Самоопределување, Албин Курти, беше договорена соработка, но по доаѓањето во Скопје БЕСА организираше протест против судските одлуки за случајот „Монструм“. Протестот според ДР-ДПА бил своевидно предавство на договореното. По овој протест имаше директни препукувања помеѓу двете партии.

Дополнително, БЕСА за прашањето на здружувањето го овласти Опозицискиот совет, во кој членува заедно со неколку невладини организации и интелектуалци. Но, токму ваквиот чекор на БЕСА наиде на жестоки реакции од страна на партијата на Села. Неговата партија не го признава Опозицискиот совет, којшто го сметаат за фантомска организација, а имаа и резерви околу начинот на кој се избрани членовите на тој совет, меѓу кои највлијателен е писателот и публицист Ким Мехмети.

Истовремено, БЕСА не ја признава коалицијата Сојуз за Албанците, формирана од партијата на Села и Националната демократска преродба предводена од Весел Мехмеди, која се расцепи на два дела, оспорувајќи го легитимитетот на НДП на Мехмеди. Едниот дел на НДП го води Мехмеди, а другиот Фадил Зендели.

Препукувањата на овие теми помеѓу БЕСА и ДР – ДПА, освен во телевизиските дебати помеѓу Зијадин Села и претседателот на БЕСА, Билал Касами, често се видливи и меѓу членовите на двете партии на социјалните мрежи.

Разговори има, резултат нема

Потпретседателот на Движењето БЕСА, Зеќирија Ибрахими, смета дека сѐ уште има шанси за широка опозициска коалиција. „БЕСА веќе има постигнато договор за предизборна соработка со Националната демократска преродба, а во контакт сме со партијата УНИТЕТИ и Движењето за реформи – ДПА и сѐ уште има надеж дека оваа коалиција може да се прошири“, вели Ибрахими.

И во партијата на градоначалникот на Струга, Зијадин Села, се оптимисти дека овој процес ќе заврши успешно, бидејќи како што истакнува генералниот секретар на Движењето за реформи – ДПА, Арбен Таравари, со ова коалиција Албанците заедно можат да бидат посилни.

„Опозициското обединување требаше да се случи, но сѐ уште има време да го сториме најдобриот национален политички гест како што е обединувањето. Ако не најдеме  заеднички јазик, последиците ќе бидат кон секој субјект кој нема да го почитува ова барање на времето“, истакнува Таравари.

Во партијата на поранешниот градоначалник на Гостивар, Руфи Османи, исто така се заинтересирани за широка коалиција, иако во моментот имаат потпишано соработка со БЕСА.

Фадил Зендели, претседател на НДП, вели дека тие се „заинтерисирани за соработка со непарламентарните партии, но и со невладини организации и интелектуалци за да создадеме еден албански опозициски блок, кој ќе биде реална алтернатива на истрошената и компромитирачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ- ДУИ“.

БОКС: Доколку не успеат да се договорат, политичките партии на опозицијата ќе се натпреваруваат на изборите во два блока. БЕСА и НДП веќе објавија дека ќе коалицираат. Додека другата коалиција помеѓу ДР-ДПА и УНИТЕТИ сѐ уште се „крои“.

Истото го бара и партијата на поранешниот генерал на ОНА, Гзим Острени. „УНИТЕТИ продолжува да инсистира за обединување на непарламентарните албански партии со заедничка платформа и заеднички листи за пратеници, со цел да се промени тешката состојба на Албанците и на другите граѓани“, изјави Зулфи Адили, потпретседател на оваа партија.

Ако нема договор, два опозициски блока

Доколку не успеат да се договорат, политичките партии на опозицијата ќе се натпреваруваат на изборите во два блока. БЕСА и НДП веќе објавија дека ќе коалицираат. Додека другата коалиција помеѓу ДР-ДПА и УНИТЕТИ сѐ уште се „крои“.

„УНИТЕТИ се залага за опозициски блок без ДУИ и ДПА“, вели Адили од партијата на Острени.

Фадил Зендели, претседател на НДП вели дека тие се во коалиција со БЕСА, „но сме заинтересирани за широк фронт на албанската опозиција“.

Новите политички партии на Албанците, освен НДП, се релативно млади на политичката сцена. ДР-ДПА, исто како НДП, како структури произлегоа од јадрото на ДПА на Мендух Тачи, а УНИТЕТИ од јадрото на ДУИ. Движењето БЕСА е конгломерат од разни профили, меѓу кои сепак доминираат оние кои биле директно или суптилно наклонети кон ДУИ

Додека Таравари од ДР-ДПА смета дека опозицискиот фронт треба да ги обедини сите незадоволни од власта. „Секоја политичка партија, која не се гледа себеси во прегратка на албанските партии кои досега се ‘убиени’ во текот на ноќта, а се усогласиле во текот на денот, без дилема e сојузник на евентуалната коалиција. За прв пат нема да се натпреваруваме за да добиеме власт туку за да преземе одговорност за водење на нашиот народ.“

Зеќирија Ибрахими од БЕСА смета дека коалицијата не треба да се концентрира само на партии туку треба да биде широка, а во неа треба да се вклучи и цивилниот сектор, но и личностите од академскиот и културниот живот. „Ние сакаме една коалиција, која ќе се договори заради една платформа и одржлива политичка агенда, која пред сѐ ќе ги има како приоритет затворањето на меѓуетничките спорови и отворањето на развојни можности во земјата“, вели Ибрахими. Тој додаде дека на овие избори ќе се победи лошиот албански политички фактор на власт и затоа овие избори се еден вид референдум за системот на вредности и градењето на државата.

Се исклучува предизборна коалиција со СДСМ

И покрај повикот на лидерот на македонската опозиција, Зоран Заев, на широката опозициска коалиција предводена од СДСМ да ѝ се придружат и албанските партии од опозицијата, очигледно е рано за таков чекор.

Таравари има одговор на ова прашање. „За почеток треба да станеме добри за себе, значи да го решиме еднаш засекогаш проблемот на нашиот народ, а потоа да гледаме какви движења треба да се преземаат околу надетничките коалиции. Ние сме и ќе бидеми отворени за да бидеме заедно со секој политички субјект, без разлика на етничката припадност, кој се залага за еднаквост. Но, ни требаат конкретни дејства, за да се обезбедиме дека освен желбата, ќе има и добра волја овие субјекти од македонската припадност да се залагаат за да ја променат реалноста во нашата држава.“

Тие чекори според УНИТЕТИ би биле барањата на Албанците, прилагодени на новите услови на општествените текови. Имено, Зулфи Адили вели дека само ако се прифатат овие барања од страна на СДСМ и тоа со потпишување конкретни рокови, УНИТЕТИ, но и албанскиот опозициски блок, може да биде подготвен за предизборна коалиција со СДСМ.

УНИТЕТИ бара промена на Уставот, со кои се предвидуваат концепциски промени во државата, промена на преамбулата, официјализирање на албанскиот јазик, избор на претседателот на државата од страна на Собранието, промени во изборот и надлежностите на Комитетот за меѓуетнички односи, поголема децентрализација, регулирање на правичната застапеност и еднаква распределба на буџетот.

БЕСА и НДП имаат слични коментари. Сметаат дека сѐ уште е рано за ваква коалиција. „Ние немаме некоја посебна наклонетост за ваков тип коалиција, бидејќи сме концентрирани на албански теми. На СДСМ му треба уште многу за да убеди една албанска партија да влезе во коалиција со неа. Сега за сега, СДСМ тоа што го изјавило е во доменот на изјавите и тоа речиси со полу уста„ вели Ибрахими.

И Зендели од НДП тврди дека предизборните меѓуетнички коалиции се преамбициозен проект од страна на различни кругови. „Нерешавањето на некои суштински прашања околу правата на Албанците од осамостојувањето од страна на македонските политички партии се сериозна пречка во создавањето на вакви коалиции.“

Новите политички партии на Албанците, освен НДП, се релативно млади на политичката сцена. ДР-ДПА, исто како НДП, како структури произлегоа од јадрото на ДПА на Мендух Тачи, а УНИТЕТИ од јадрото на ДУИ. Движењето БЕСА е конгломерат од разни профили, меѓу кои сепак доминираат оние кои биле директно или суптилно наклонети кон ДУИ.

Анализите на рејтинзите покажуваат дека доколку ги здружат силите, овие партии ќе бидат закана за ДУИ на изборите на 11 декември, додека некоалицирањето би овозможило уште една победа на партијата на Ахмети, но многу побледа од онаа на последните избори кога оваа партија освои 153 илјади гласови.