Анализи

Изборните реклами нѐ чинеа над 3 милиона евра 

Дури 86 отсто од тие пари се потрошени од трите најголеми партии

Финалната сума што државата ја платила за партиски реклами пред годинешниве избори е три милиони и 190.000 евра, покажува податокот што Државната изборна комисија (ДИК) деновиве го сподели со БИРН.

Oттаму велат дека во овој изборен циклус не исплатиле само четири медиуми, зашто тие не доставиле целосна документација за рекламите што ги емитувале.  Станува збор за помали локални медиуми, едно радио и неколку портали на кои треба да им се исплатат малку пари, со што бројката од речиси 3,2 милиони евра не би пораснала драстично и може да се смета за конечна. 

Пред изборите имаше огромна заинтересираност од медиумите за партиски реклами, само во делот на порталите, 235 сајта се пријавија во ДИК со надеж дека ќе земат дел од изборниот колач.

Партиите не се воздружувале

ДИК сѐ уште нема детална анализа која партија во кои медиуми и за колку пари се рекламирала, меѓутоа во конечните финансиски извештаи на партиските коалиции ги има сумите што тие ги потрошиле за промоција. Трите најголеми коалиции, согласно законот што тоа им го дозволува, потрошиле најмногу. Коалицијата предводена од ВМРО- ДПМНЕ потрошила 929.000 евра, онаа на СДСМ 916.000, додека партијата ДУИ за изборни реклами потрошила 897.000.

Овие суми покажуваат дека партиите речиси максимално ги искористија буџетските пари што им стоеја на располагање. Законскиот лимит што коалициите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и партијата ДУИ можеа да го потрошат беше 963.000 евра, а оваа можност ја имаше и БЕСА, доколку сама настапеше на изборите.

Од вкупната сума што ја платила државата за реклами, дури 86 отсто се пари потрошени од овие три најголеми учесници на изборите. И ваквиот резултат не е случаен зашто сите партии не можеа еднакво да трошат од годинешниот фонд.

Имено, партиите кои по изборите во 2016 немаат доволно пратеници за да формираат собраниска група или воопшто не успеале да влезат во законодавниот дом, можеа сите заедно да потрошат близу 430.000 евра (сумите се со ДДВ).

Целиот државен фонд за изборни реклами беше 4,28 милиони евра (сума со ДДВ), односно по две евра за секој гласач запишан во избирачкиот список, што практично значи дека останал неискористен еден милион евра. Но, најголем дел од неискористените пари се однесуваат на сумата што требаше БЕСА да ја потроши, доколку не коалицираше со СДСМ.

Јулските беа вторите избори, први парламентарни, на кои државата преку ДИК им ги плаќаше на партиите медиумските промоции. 

Но, тоа не важеше за сите политички партии и коалиции, туку само за тие што учествувале на претходните избори за пратеници, во овој случај изборите во 2016 година. Тоа практично значи дека за годинешниве избори државата им ги плати рекламите само на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците, ДПА и на Левица, бидејќи тие беа дел од изборите во 2016.

Извисија оние партии и коалиции што за првпат учествуваа на избори, како што се Интегра, Твоја партија, Единствена Македонија и други помали политички субјекти. 

Непопуларни, ама „слатки“ пари

ДИК ја има обврската да ги плати рекламите во име на партиите | Фото: МИА

На претседателските избори во 2019 година, кога за првпат државата плаќаше за партиските реклами, се потрошија 3,6 милиони евра, или некаде за околу 400.000 евра повеќе од сега.

Помалата сума може да се толкува како резултат на тоа што на овие избори ДИК за првпат ги ограничи горните цени што телевизиите и другите медиуми можеа да ги понудат за реклама. Телевизиите, на пример, беа ограничени со највисока цена од 112 денари по секунда.

Реакциите за овие државни трошоци не изостанаа и пред изборите.

Меѓу тие што реагираа беше претседателот Стево Пендаровски, кој во интервју за Телевизија 24, рече дека срамно е од буџетот да се даваат огромни суми пари на партиите алудирајќи и на парите што ДИК ги плаќа за изборни реклами и на парите што партиите ги добиваат директно од буџетот за годишно функционирање, суми што, ако грубо се соберат, даваат буџет меѓу седум и осум милиони евра во изборна година како што е 2020.

Пред последните избори, во изјава за БИРН, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски предупреди дека не се изградија критериуми за тоа каде тие пари и по каков модел ќе се вложуваат во медиумите.

„Повторно постои опасност одредени партии да фаворизираат едни исти медиуми и на тој начин да влијаат врз нивната уредувачка политика и во иднина, а со тоа да продолжи да живее медиумскиот клиентелизам на штета на граѓаните.“

Идејата, државата да ги финансира изборните реклами падна и се воведе во 2018 година со измена на Изборниот законик. Владејачката СДСМ објасни дека промената е воведена поради уцена на ВМРО-ДПМНЕ. Таа обвинуваше дека Христијан Мицкоски и сопартијците со оваа придобивка го условувала формирањето на новиот состав на ДИК, кој беше неопходен за реализирање на референдумот за името во 2018 година. 

Оваа релативно нова пракса, државата да плаќа реклами во име на партиите, новинарската заедница и јавноста ја прифатија со скепса, плашејќи се да не ги втурне медиумите во нов клиентелистички брак со партиите.

Претходниот состав на ДИК беше распуштен поради скандалот со тајните бонуси.

Поранешниот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во интервју за БИРН, најави дека СДСМ постизборно ќе се залага за промена на овој модел, односно да се вратиме на стариот принцип, во кој партиите сами си ги плаќаа рекламите. 

Но, Манчевски се повлече од политиката, а со него и најавата дека „се работи на решение што ќе го врати финансирањето на рекламирањето кај партиите“. 

Од податоците објавени по изборите се воочува дека на страната на приходите и овојпат „победници“ се националните телевизии, што не е  изненадување зошто во Македонија тие сѐ уште се најпопуларните и највлијателните.

БИРН веќе пишуваше дека само петте национални телевизии Сител, Канал 5, Алсат-М, Телма и Алфа треба да инкасираат вкупно милион и 100.000 евра од предизборните спотови на партиите и на коалициите што учествуваа на предвремените избори за пратеници на 15 јули годинава. 

Пресметавме и дека речиси 550.000 евра партиите потрошија за реклама на порталите.

Остатокот се парите потрошени за реклами во локалните и во регионалните телевизии, печатот и на радио.

Во вкупните суми за приходите на телевизиите и на порталите влегуваат и помалите суми што ги потрошија помалите партии што трошеа сопствени пари зашто немаа право да трошат буџетски средства бидејќи не учествувале на претходните избори за пратеници (2016).